КСЗД утврди дека Епископ Јаков Стобиски треба да се извини за сторено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ заедницата

КСЗД утврди дека Епископ Јаков Стобиски треба да се извини за сторено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ заедницата

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека епископот Јаков Стобиски има извршено дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавното информирање и медиуми, по поднесени претставки од страна на КВИР Центарот и Коалиција МАРГИНИ, за што треба јавно да се извини, во спротивно на што Комисијата ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Водејќи се од наодите на претставките, како и произнесениот одговор на Јаков Стобиски по однос на нив, Комисијата увиде исполнување на дефиницијата на вознемирување содржана во член 10, став 1, од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тие константираа дека „преку своите јавни настапи изминатиот период, меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството.“

Од КСЗД истакнуваат дека иако Стобиски има право јавно да ги искажува своите ставови и мислења, не смее да охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група на луѓе или јавно да се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање. Во објаснувањето на Мислењето стои дека предвид е земен „фактот што Јаков Стобиски е свештено лице, кое може да влијае на јавноста со своите ставови и авторитети, поради што има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечие достоинство со неговите изјави и ставови“.

 

Во претставката од Коалиција МАРГИНИ се вели дека:

„Јаков Стобиски изминатиот период е гласноговорник на анти-родовото движење. Од неговиот говор на трибина во Струмица организирана од религиската фондација Елеуса, до повеќе настапи на телевизија и колумни, тој континуирано шири трансфобија, анти-ЛГБТИ и анти-родова реторика. Аргументите со кои се служи и говорот кој го користи во многу наврати излегува од дозволеното во рамки на слободата за изразување, т.е. претставува говор на омраза или вознемирување врз основа на род и родов идентитет. Во неговите говори особено напаѓана и критикувана е Коалиција Маргини и Ирена Цветковиќ, како извршна директорка. Во оваа претставка не ја осопуваме критиката кон нас, Законот за родова еднаквост, Законот за матична евиденција туку говорот на омраза или вознемирувањето кое го употребува во своите настапи. Во своите настапи тој зборува за трансродовите луѓе и за нас како застапници за родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето како за штетни за општеството, семејството и децата, како болни, сатанисти, посланици на ѓаволот и сл. Со ваквиот говор тој врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет, нѐ дехуманира нас како здружение, Ирена Цветковиќ и трансродовите луѓе.

Поради постоењето на вакви случаи правото на слобода на изразување по одредено прашање не е неограничено, а заштитата на угледот и правата на другите претставува едно од легитимните ограничувања на ова право, регулирано преку Член 10 од Европската конвенција. Тоа е од причина што толеранцијата и почитта кон достоинството на секој еден човек ги сочинуваат темелите на демократското, плуралистичко општество, појаснуваат од КСЗД. Токму затоа, според нив е неопходно во ваквите ситуации да се санкционира или дури спречи одредена форма на изразување со која се шири, поттикнува, промовира или оправдува нетолеранција и дискриминација.

 

 

 

 

 

 

 

 

Дополнително на ова, од Комисијата увидуваат и неточно изнесување на факти и податоци во јавните настапи на Стобиски и неговиот одговор на претставките:

„Преку етикетирањето на трансродовите лица како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн., Јаков Стобиски сериозно го повредил нивното достоинство и создал непријателска и застрашувачка средина. Претставувајќи ја и зборувајќи за трансродовоста како за „епидемија на трансџендеризам“, „настраност“, „пореметување“, итн., тој тенденциозно, но и погрешно, ја претставил трансродовоста како болест и нешто штетно и заразно. Дотколку повеќе, со ваквиот говор тој поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи, со тоа што предизвикал и охрабрил лавина реакции на социјалните мрежи во кои е содржан вознемирувачки говор кон ЛГБТИ лицата“, стои во Мислењето.

„Дополнително, Јаков Стобиски имал одговорност, при изнесувањето на факти и податоци поврзани со Меѓународната класификација на болести и сродни здравствени проблеми, да ја провери нивната точност. Имено, согласно МКБ-11, последната верзија на Меѓународната класификација усвоена од сите земји членки на Светската здравствена организација, меѓу кои и Р.С.Македонија, од 2019 година родовата неусогласеност повеќе не припаѓа во поглавјето на ментални болести, туку во новото поглавје за сексуално здравје. Оваа промена има за цел да ја намали стигмата околу трансродовите лица и да го разбие стереотипот за трансродовоста како ментално нарушување, како и да обезбеди пристап до соодветни здравствени услуги за тие лица. Оттука, преку лажните тврдења кои ги изнел во врска со здравјето на трансродовите лица, велејќи дека родовата дисфорија претставува ментално растројство, Јаков Стобиски свесно придонел кон дополнителна стигматизација и дехуманизација на тие лица.“

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорачува Јаков Стобиски јавно да се извини за говорот при неговите јавни настапи со кои е извршено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и тоа во рок од 30 дена од приемот на Мислењето, за тоа писмено известувајќи ја Комисијата, во спротивно на што таа ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред наслежен суд за прекршоци. Освен тоа, во Мислењето се препорачува Стобиски во иднина да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.