06 Apr Собранието итно да избере членови на Комисијата за спречување и заштита од дирксиминација
Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието на РСМ итно да спроведе постапка за избор на два члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Јавниот оглас беше објавен на 15 февруари и траеше до 15 март 2023. Согласно член 18 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за избор и именување на Собранието во рок од 14 дена по истекот на рокот на огласот треба да достави утврдена предлог – листа на кандидати до Собранието. Комисијата за избор и именување треба да организира јавна расправа по пријавените кандидати на која треба да ги повика сите заинтересирани чинители, а особено здруженијата на граѓани кои работат во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата. Во таа насока, Комисијата за избор и именување веќе доцни, односно не ги почитува роковите од членот 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Ја користиме оваа прилика да апелираме изборот да се изврши по заслуги, да се изберат стручни и независни експерти како членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, потсетуваме дека членовите мора да имаат минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација (член 17 од Законот за спречување и заштита од дискриминација). Потсетуваме дека избор на членови кои не ги исполнуваат критериумите, односно по партиски клуч, ја загрозува и анулира улогата на Комисијата, нејзината независност гарантирана со закон, директно влијае на (не)довербата на граѓаните во институцијата и доведува до несоодветно спроведување на Законот, со што се спречува процесот на унапредување на еднаквоста во општеството. Од друга страна, потсетуваме за недостатокот на родова еднаквост помеѓу членовите на Комисијата, само една жена наспроти четири мажи. Исто така, потенцираме дека во претходните постапки за избор на членови на КСЗД аплицираа повеќе жени и припадници на маргиналзирани групи законските критериуми аплицираа, но не беа избрани за членови. Оттука, овие две места треба да се пополнат со жени и/или жени од маргинализирани групи, доколку помеѓу кандидатите има лица со овие карактеристики кои ги исполнуваат условите за стручност и независност.
Собранието треба да избере два члена на Комсијата за спречување и заштита од дискриминација, за да ги пополни позициите кои долго време се празни, поради што институцијата работи со недоволно капацитети за да ги оствари законските надлежности. Сметаме дека одолговлекувањето на изборот на членови на Комисијата претставува неодговорно делување од страна на Собранието и пратениците, бидејќи на ваков начин не се почитуваат законите кои самото Собрание ги носи и се оневозможува целосно функционирање на институцијата, како што и индиректно влијаат врз остварувањето на човековите права и слободи на граѓаните.
Потестуваме и на забелешките и препораките од Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија за 2022 година, во кој се истакна дека Собранието неуспеало да ги пополни празните места во Комисијата и дека проблемите со финансиските и човечките капацитети на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба приоритетно да се надминат.
Скопје, 6.4.2023
Лице за контакт: Драгана Дрндаревска Dragana.coalition@gmail.com 078200675