Не сум тоа што изгледам: Како открив дека сум небинарна личност

Не сум тоа што изгледам: Како открив дека сум небинарна личност

„Кога ми се обраќаа со ‘таа’, се чувствував исклучено, невидливо, неразбрано“, вели R.C. Woodmass.

„Добра вечер, дами! Би можела ли да ви понудам коктел за почеток?“

Јас и мајка ми бевме излезени на вечера да го прославивме последниот ден од нејзиниот одмор, пред таа да се врати дома во Winnipeg. Се обидував да останам релаксирано и среќно, да се насмевнам и да го игнорирам коментарот. Келнерката беше доста пријатна и културна, но не сфати дека нејзиното повторливо адресирање кон мене како да сум дама ми предизвикуваше мачнина, ми го забрзуваше срцебиењето и помалку ми го смрачуваше погледот. Со сигурност јас не сум дама – јас сум небинарна личност.

Се идентификував како цис-родова жена поголемиот дел од мојот живот. Израсната како христијанка евангелистка од Winnipeg, бев научена да верувам дека на луѓето родот им е пишан од Господ, и дека тој ги има сите направено совршени, онакви какви што отсекогаш требало да бидат. Неприфаќањето на својот род од раѓање во мојата црква, барем порано, би било сметано за нешто одбивно, иако никогаш не бев изложен/а на трансродови или небинарни луѓе кога бев дете, или не познавав такви. Не го поседував јазикот, разбирањето и отвореноста да помислам дека можеби не сум со ниту хетеросексуална, ниту со небинарна определба.

Прв пат сретнав небинарни и квир луѓе во Монтреал, каде првпат се претставив како квир особа и започнав да се дружам и да излегувам со други квир лица! Се собиравме да играме кошарка еднаш неделно, да пиеме пиво и да зборуваме за сите можни теми на светот. Почнав ги препознавам сите начини преку кои тесната родова бинарност е присилно наметната преку нашиот легален систем, медиумите и стандардните начини на зборување и размислување коишто ги ограничуваат луѓето да се изразат во целост.

„Родовата бинарност“ е замисла според која сите облици и однесувања на телото се вклопуваат во општествените категории за машко и женско. Небинарните луѓе не се обидуваат да ги спречат останатите да живеат како такви ако тие се чувствуваат така. Но, самото наше постоење го оспорува верувањето дека родот е бинарен.

Чувствувам благодарност кон моите партнери, љубовници и пријатели за нивното трпение со мене. Честопати се збунував кога почнав да ја користам заменката „тие“, други пара-заменки како zie/zir/zir и како правилно да прашам кои им се заменките на другите луѓе.

Ја изгубив мојата „родова невиност“ неколку години подоцна, на 31 година, кога за првпат се посомневав дека не сум жена. Штотуку поминав низ програма за отрезнување во 12 чекори и светот, моето тело и чувства ги видов како никогаш претходно. Од зборот  – дама – почна да ми се гади кога беше поистоветуван со мене во јавност. „Госпоѓо“ ми звучеше исто така застрашувачки. „Je ne suis PAS votre dame“, размислував.

Почнав да барам од луѓе да ми се обраќаат со заменката „тие“. Кога првпат слушнав некој да ми се обрати со „тие“, се сеќавам дека се почувствував воодушевено, видено, прифатено. Кога ме адресираат со „таа“ сѐ уште се чувствувам исклучено, невидливо, неразбрано. Се обидувам најдобро што можам ова чувство да го претворам во енергија за да ги едуцирам потенцијалните сојузници.

Кога ќе се случи повеќепати во денот да ми се обратат во погрешниот род, некогаш ми е најдобро ако медитирам, ако си легнам порано или ако разговарам со луѓе коишто разбираат низ што минувам.

 

Келнерката се врати на нашата маса за да нарачаме. „Се одлучивме ли, дами?“

Одлучив да кажам нешто. „Всушност, јас не сум дама. Јас сум небинарна личност. Сосема разбирливо е што не можеше да го знаеш тоа од видување, но е нешто околу коешто може да се размислува во иднина“, реков и се вцрвенив. Не знаев како ќе реагира.

„Ох, се извинувам“, рече таа. „Навистина не знаев. Треба да научам повеќе за ова. Што би можела да кажам место дами?“ „Народе/друштво е секогаш добар избор“, олеснето издишав. „Фала ти премногу што праша!“

 

Продолжете да бидете гласни!

Не секогаш имам енергија да кажам што ми стои на ум, но кога го правам тоа, вообичаено е тоа добро прифатено. Па, јас и многу други небинарни луѓе коишто ги знам, продолжуваат да ги учат останатите како да го искажуваат она што го мислат и како да се застапуваме за себе. Еден по еден, го трансформираме начинот на кој светот размислува за родот. Дури и да не ги разбирате нашите идентитети, секогаш можете  да нè почитувате и поддржувате. Тоа секогаш ќе биде доволно.

 

Текстот е преземен од www.cbc.ca, а во оригинал е достапен тука.

Фотографите се на Daniela Yankova и Rozalina Burkova, а се преземени од TheGreats.co