28 Oct Обраќање на лицето Икс до јавноста: Јас од денес ќе живеам подобро
Само што се вратив дома, со новиот извод во торбата, со милион мисли во главата. Свесен сум дека еуфоријата знае да ме удри доцна. Кога ме известија телефонски, дури по неколку часа станав вистински свесен дека конечно е готово. Што е следно, сега кога опциите се отворени? Сакам да почнам од секаде! Како најсоодветно да направам еден убав осврт, да затворам едно поглавје и целата енергија од него да се пренасочи кон тоа битката да заврши и за останатите кои чекаат? Какви огласи за работа има денес, кога конечно не се плашам дека ако аплицирам, ќе ме одбијат поради документите? Девет и пол години. Како понатаму, во свет во кој времето не се враќа, ама со убави моменти барем малку се надоместува?
Адвокатката Наташа Бошкова одлично истакна во неодамнешното интервју дека промената на документите мора да биде брза, транспарентна, пристапна, врз основа на самоопределување. Дека мора да се направат законски измени, и дека без нив пресудата од Стразбур не може да се смета за целосно спроведена. Апсолутно се согласувам. Капитенката на нашата малубројна, но победничка екипа е во право, дека државава мора да ја исполни својата обврска, пред своите граѓани, и пред институциите и организациите кон кои се стреми да се придружи. Нема да должам, документите се потребни секаде, а кога ги немате, автоматски секаде имате проблеми. Случаите на останатите баратели на промена на документите мора да се решат позитивно. Имаме силен, нашироко познат преседан.
Во текот на годините се појавуваа најразлични можности за да се отвори прашањето во јавноста, на секакви начини. Ниту еднаш не одбравме пат кој го ставаше фокусот на нас, транс лицата, како појави, ниту грам сензационализам не баравме во застапувањето за документите. Дискурсот го насочивме кон тоа дека наутро се миеме, читаме книги, шетаме кучиња, слушаме музика, и правиме смешни нешта како и сите други. Ниту еднаш не одбравме пат кој е деструктивен и кој ги напаѓа другите. Секогаш го избиравме оној пат кој го нудеше правниот систем, правдата, сепак најтрнливиот пат – но со голем влог доаѓа голема добивка. По повеќе од 9 години, заглавен во лавиринтот на туѓите лични мислења, на правно целосно непоткрепени документи, на нечии ставови кои ни под разно не смеат да бидат изразени во документ кој го издава државна институција, денес, 26.10.2020, го подигнав мојот нов извод од матичната книга на родените, каде што е корегирана ознаката за пол, и каде што матичниот број соодветно ја отсликува. Цело претпладне се издишувам со олеснување.
Го држев тоа ливче во раката, излегувајќи со Наташа Бошкова од објектот. Таа ме придружуваше, сакајќи безрезервно да даде поддршка во секој чекор од нашето заедничко патување. Фантастична е, бескомпромисна, заслужна за најголемиот дел од овој успех. Благодарение на нејзината поддршка, и благодарение на знаењето дека ова ќе донесе позитивен исход и за другите транс лица, издржав до крај. Го држев ливчето во раката и се погледнавме. Ете, можело. За едно парче хартија чекав скоро цела деценија, а ете можело да се извади за неколку минути. Можело да се извади уште во 2011 и да не стагнирам во животот ни јас, ни другите. Можело да не бидеме несреќни, можело да немаме проблеми со работа, можело да не ни се потсмеваат. И тука сме да се осигураме дека во иднина на никој нема да му се случат овие лоши работи.
Денот кога информацијата беше објавена во медиумите беше денот кога се соочив со нова поплава од говор на омраза. Тоа е дел од причината зошто сум анонимен. Исто така, кога беше објавена пресудата (јануари 2019) бев нарекуван „жената што сака да биде маж“, упорно и упорно и покрај тоа што во секој текст за Х пишува дека медицинската транзиција е поминат процес. Со други зборови, за таквите луѓе, доколку едно транс лице нема „направено операција“, тогаш не му го признаваат идентитетот. А дури и откако ќе направи, повторно го нарекуваат според полот назначен при раѓање. Значи дека сме во ситуација кога нашиот идентитет, лицемерно, е негиран дури и по целиот процес. А да бидеме јасни, постојат и транс лица кои не сакаат или не можат да направат транзиција. Тие се исто толку валидни и важни! И тие заслужуваат почит! Драги мои, се разминувате со транс мажи секој ден. Секако, и со транс жени, и со небинарни лица, и секакви други луѓе од оној шарен спектар на позитивна енергија олицетворена во индивидуалистички шарм за кој треба храброст која многу луѓе ја немаат. Не знаете дека сме транс, и нема како да знаете. Можеби затоа е толку лесно за некои луѓе да нѐ мразат. Не ја почувствувале тежината на сопствените зборови, можеби затоа им е толку лесно да ги кренат в раце и да ги фрлаат кон нас.
Обично не сакам да им давам глас на таквите, но овојпат ќе го искористам она што тие го рекоа за да истакнам една важна поента. Токму затоа што сакате да нѐ убиете, запалите, да ни „свирнете куршум“, затоа што сме го донеле „крајот на светот“, токму затоа сме упорни. Затоа што ние не вредиме ништо помалку од останатите! Напротив, горди сме што и покрај сѐ, стоиме исправено. Токму затоа што се исмевате со нашите тела, затоа имаме уште поголем мотив да бидеме свои. Секоја секунда пред огледало, тежнееме да се сакаме повеќе, во нашата уникатност. Токму затоа што постојано се повикувате на својата религија, токму затоа ќе ве потсетам дека во основата на вашата духовност треба да е љубовта кон луѓето. Љубовта кон луѓето! Токму затоа што сте толку фокусирани на нашите гениталии, токму таму се гледа жалосноста и длабочината на вашата омраза, во која тонете куцкајќи на тастатури. Јас од денес ќе живеам подобро. Ништо веќе не ме кочи. Ете, го земав изводот, во вашите животи ама баш ништо не се смени. Никако не сте засегнати. Оставете нѐ на мир во онлајн просторот и секаде на друго место. Никако не ви штетиме. Не сме ви дале ама баш ниедна причина да нѐ мразите. Не се ни познаваме.
Другите транс лица исто така ќе добијат нови документи. Неизбежно е. Ќе се зголеми квалитетот на нашиот живот. И нема ни за момент да погледнеме како некој седел на Фејсбук и истурал грозоморни зборови за кои треба да биде казнет согласно законите. Нема ни за момент да се свртиме назад. Знаејќи што сме поминале, и знаејќи колку сме силни, ќе живееме уживајќи во секоја секунда, без разлика што вие мислите за нас. Затоа што ова секако беше неизбежно.
Неизбежно е признавањето на група граѓани која несомнено постои, живее со нас, меѓу нас, има право на активно и непречено учество во општествениот живот, на здравје, на образование, на достоинство пред сѐ. Неизбежно е признавањето на група луѓе кои само сакаат да живеат мирно. Нема зошто другите граѓани да имаат документи кои го одразуваат нивниот идентитет, а ние да немаме. Нема ниту една причина зошто на човечко суштество да му се скрати достоинство. Останувам во солидарност со сите транс лица, одиме заедно до крај, затоа што заслужуваме едноставна, мирна среќа.
———
Х и понатаму останува достапен за интервјуа (исклучиво во пишана форма).