Дискриминацијата и вознемирувањето на луѓето позитивни на Ковид 19 негативно влијаат на напорите на здравстениот сектор

Дискриминацијата и вознемирувањето на луѓето позитивни на Ковид 19 негативно влијаат на напорите на здравстениот сектор

Мрежата за заштита од дискриминација апелира и бара од Владата и надлежните институции да преземат мерки за спречување на вознемирувањето и прекршувањето на човековите права на луѓето позитивни на Ковид-19 и на луѓето кај кои постои сомневање дека се позитивни на вирусот.

Во изминатиот период се појавија голем број на написи на медиумите, воглавно на интернет-порталите, каде се објавија слики, имиња и листи на граѓани кои се позитивни на Ковид-19 или кај кои постои сомневање дека се позитивни. Овие медиумски содржини се проблематични и штетни од многу аспекти. Прво, покрај здравствено-економската криза, Законот за заштита на правата на пациентите го гарантира правото на доверливост на сите пациенти, што значи дека здравствениот персонал не смее да издава какви било податоци поврзани со здравствената состојба, помеѓу кои и статусот Ковид-19, на трети лица кои не се вклучени во лекувањето на пациентот и во професионалното следење на епидемијата. Медиумите, вклучително и интернет-пораталите, имаат обврска да го почитуваат Законот за заштитата на личните податоци, а Агенцијата за заштита на личните податоци треба соодветно да постапува и да ги санкционира.

Со објавувањето на личните податоци на луѓето заболени од Ковид-19 или, пак, податоците на оние кај кои постои сомневање, се ризикува нивната безбедност и благосостојба. На овој начин, самите пациенти се изложуваат на јавен линч, се прогласуваат за опасни по јавното здравје, вината за инфицирањето се бара во нив, а тие се обележуваат како неодговорни, несовесни и опасни граѓани. Со обвинувањето на пациентите и јавното линчување на поединци се креира стигма околу корона-вирусот, а самите пациенти се изложуваат на вознемирување како форма на дискриминација, токму поради нивниот здравствен статус. Потсетуваме дека со ова се прекршува и Законот за спречување и заштита од дискриминација кој забранува дискриминација поради здравствен статус. Стигмата околу корона-вирусот и стравот од реакцијата на околината се клучни фактори коишто ги оддалечуваат пациентите од здравствениот систем и од институциите кои се обидуваат да се справат со корона-пандемијата. Со други зборови, доколку постои ризик граѓаните кои се позитивни на корона да бидат јавно осудувани и прозивани, помала е веројатноста дека тие ќе сакаат да се тестираат, да се обидат да побараат помош од здравствениот сектор, да ги почитуваат мерките и да даваат искрени одговори за нивните контакти. Поради истите причини, воведувањето на мерки како јавно објавување на имињата на носителите на вирусот се контрапродуктивни на напорите за надминување на кризата.

Личните податоци на пациентите заболени од корона и нивните контакти треба да ги знаат здравствените работници кои ќе преземаат соодветни мерки и ќе го следат нивното почитување. Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените, бидејќи таа информација не му користи на обичниот граѓанин, напротив, само предизвикува гнев, осуди и ризик од насилство и прекршување на други права.

Доколку сите ги почитуваме мерките за социјално дистанцирање и хигиена, без разлика дали имаме позитивен, негативен статус или не сме направиле тест за Ковид-19, можноста да се инфицираме без разлика дали сме биле во близина на заболено лице се намалува. Оттука, вниманието на медиумите и на јавноста треба да биде насочено кон спроведувањето и почитувањето на мерките, а не кон поединците коишто се позитивни на вирусот.

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Владата и од Агенцијата за заштита на личните податоци активно да ги следат и по службена должност да ги санкционираат медиумите коишто објавуваат лични податоци на пациенти коишто се позитивни на корона или за кои постои сомневање. Апелираме и до здравствените работници да не издаваат лични податоци за пациентите и информацијата за нечиј Ковид-19-статус да ја третираат доверливо согласно здравствените прописи.

 

Лице за контакт:
Драгана Дрндаревска
+38978200675