Запалена скулптура од геј пар предизвика бес во Хрватска

Запалена скулптура од геј пар предизвика бес во Хрватска

Хрватскиот претседател, владини министри, групите за заштита на ЛГБТ права и народниот правобранител во понеделникот го осудија палењето на скуплтура на истополов пар и нивното дете во рамки на далматинскиот карневал, нарекувајќи го чин на омраза. Ова се случило на традиционалниот карневал во неделата во малиот град Имотски во Далмација.

Претседателот Зоран Милановиќ го осуди чинот на Фејсбук како „нехуман и тотално неприфатлив“. Министерката за образование Блаженка Дивјак и министерот за економија Дарко Хорват исто така го осудија.

Здружението Rainbow Family, кое го сочинуваат ЛГБТ парови и поединци кои имаат или сакаат да имаат деца, во понеделникот соопштија дека делото испраќа ужасна порака до општеството и особено до децата.

„Застрашувачките сцени од Имотски не може да бидат оправдани со карневалските обичаи… Каква порака им се испраќа на нашите деца, деца кои во Хрватска растат со мајки лезбејки или геј татковци?“ , изјави координаторот на здружението Даниел Мартиновиќ.

„Сметам дека е несфатливо, погубно и тажно. Ги учи децата дека е добро да се мрази. Тоа е неприфатливо “, напиша на Твитер народната правобранителка Лора Видовиќ во неделата.

Пратеникот на социјалдемократите, Арсен Баук, рече дека ќе поднесе обвиненија против организаторите на карневалот.

Секоја година, карневалите низ Далмација избираат нови фигури за палење, честопати избирајќи нешта или луѓе што ги вознемириле или налутиле локалните жители.

Дел од запалената скулптура во Имотски јасно го покажува лицето на пратеникот на Социјалдемократската партија Ненад Стазиќ, кој водеше кампања во парламентот за на истополовите парови да им се овозможи да посвојуваат деца. Неговиот лик имаше и црвена ѕвезда на челото, симбол на поранешна комунистичка Југославија.

Кога локалниот медиум Слободна Далмација ги праша организаторите на карневалот зошто избрале истополов пар како предмет за палење, еден од нив изјави: „Ние остануваме конзервативни, се придржуваме до традицијата. Дајте го бебето на мајка, како што вели поговорката. Сметаме дека тоа е правилно “.

Палењето следуваше откако Уставниот суд на крајот на јануари објави пресуда со која ги обврзува судовите и релевантните органи да им дадат на сите компетенти апликанти еднаква можност за посвојување, вклучително и на парови од ист пол. Пресудата беше поздравена од организациите за човекови права, но беше критикувана во социјално конзервативните кругови.

Не е прв пат карневалите во Хрватска да прикажат палење на скулптури на малцински групи. Во март минатата година, на карневалот во крајбрежниот град Кастел Сукурац, беше запалена скулптура на водачот на хрватските Срби и парламентарец Милорад Пуповац. Пуповац за БИРН изјави дека станува збор за националистички и шовинистички чин.

Во февруари 2018 година, реплика на првата книга за истополови семејства во Хрватска „Моето семејство на виножитото“ беше свечено запалена на карневалот во Кастела. ЛГБТ групите за човекови права поднесоа тужба против организаторите на карневалот, а министерката за наука и образование, Блаженка Дивјак, го осуди палењето на книгата.

Извор