11 Dec Управата за матична евиденција продолжува да се изживува со животот на лицето Х, и да го понижува Европскиот суд за човекови права
Коалицијата МАРГИНИ со револт информира дека Министерството за правда – Управата за водење на матичните книги – подрачно одделение Скопје на лицето Икс повторно му достави решение со кое се прогласи за ненадлежно да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција, со што ја погази пресудата против Македонија на Европскиот суд за човекови права.
Потсетуваме дека и покрај тоа што уште во 2011 година транс лицето доби одобрение од Министерството за внатрешни работи за промена на името и презимето во личните документи, Управата за водење на матични книги го одби неговото барање за промена на ознаките за пол и матичниот број. Од 2011 година сè до денес, случајот трипати се најде пред Управниот суд, при што Управниот суд во два наврати ја усвои тужбата на транс лицето, и ја задолжи Управата да донесе законито решение врз основа на домашното законодавство и праксата на Европскиот суд за човекови права, односно пресудата “Х против Северна Македонија”.
Управата продолжува да се прогласува ненадлежна спротивно и на одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со која се потврдува дека токму Управата има надлежност да постапува во конкретниот случај, посебно имајќи предвид што досега Управата изврши промена во ТРИ други случаи.
Врз основа на тужбата поднесена од правниот тим на Коалицијата МАРГИНИ и лицето Икс, во јануари оваа година Европскиот суд за човекови права донесе одлука против државата со која се утврди повреда на правото на приватен живот, а Управата при Министерството за правда беше посочена како одговорна за повреда на правото поради донесување на произволни одлуки во врска со барањето за промена на податоците.
Во јуни оваа година, Владата ја задолжи Управата да постапи според пресудата на ЕСЧП и во најкраток рок да одлучи позитивно, и да дозволи промена на ознаката за пол.
Очигледно, г-инот Јетмир Фета и неговиот тим не се согласуваат со овие одлуки, или пак со нечија партиска надлежност се сметаат за Богови, па и покрај утврдената повреда на правата на страна на лицето Икс, одбиваат да ја спроведат пресудата. Прогласувајќи се за ненадлежна институција, Управата го шиканира Европскиот суд за човекови права, се исмева со Владата и со Управниот суд, го повредува принципот на владеење на правото и создава правна несигурност.
Управата, односно Јетмир Фета е директно одговорен за штетите што ги трпи лицето Икс и продолжува да го отежнува неговото секојдневно живеење. Како резултат на ваквите произволни одлуки на кафкијански службеници, лицето Икс не може да се вработи и да заработува за живот без да го открие својот родов идентитет и да трпи дополнителна штета; не може да патува надвор од границите на државата, да добива, без страв и ризик од навреди и осуда, услуги во различни институции, да се движи слободно и еднакво како секој граѓанин на оваа, претпоставено, демократска земја.
Како резултат на оваа ситуација Коалицијата МАРГИНИ бара итна и неотповиклива промена на раководството на оваа институција, и прекинување на молкот и толерирањето на вакви поединци кои газат врз правниот систем единствено како резултат на меѓупартиски договори во владината коалиција.
Очигледна е дека ова раководство на Управата нема намера да го реши случајот на лицето Х, па затоа сметаме дека е лицемерна одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен која, покрај барањето на лицето Х да одлучи мериторно и да ја задолжи Управата да го промени податокот за пол, повторно предметот го враќа на одлучување на Управата.
Во меѓувреме, Коалицијата ќе ја извести меѓународната јавност, Советот на Европа и сите останати меѓународни организации за заштита на човековите права, за континуираната пракса на поигрување со правдата во државата и непочитувањето на одлуките и препораките на Европскиот суд.