05 Nov Пет мита за тестостеронот
Од Ребека М. Џордан-Јанг и Катрина Карказис
Превод: Јулија Мицова
Тестостеронот води фасцинантен двоен живот. Молекула со прецизна хемиска структура, но и со огромно културно присуство, заслужени пофалби, и вина за голем број карактеристики вообичаено поврзани со машкоста. Повеќето тврдења воопшто не се поврзани, па дури и далеку ги надминуваат научните докази за „Т“ како што го нарекуваат научниците.
Мит број 1
Тестостеронот е машки полов хормон.
Како одговор на прашањето „Што претставуваат машките полови хормони“?, Националните институти за здравје велат дека тестостеронот е еден од најприсутните андрогени, „класа на хормони со кои се контролира развојот и одржувањето на машките карактеристики“. Според веб страната Live Science тестостеронот „е машки полов хормон значаен за сексуалниот и репродуктивен развој“.
Сепак тестостеронот не претставува само машки хормон: тој е и најприсутниот биолошки активен стероиден хормон во женските тела – клучен за женскиот развој и благосостојба. Овој хормон, на пример, ја потпомага овулацијата. Исто така, не се работи само за полов хормон. Кај мажите и жените рецепторите за хормоните се наоѓаат речиси во сите ткива, при што тестостеронот придонесува до создавање на телесна маса без масти, здрави коски, ја помага когнитивната функција и расположението, меѓу другите карактеристики.
Тестостеронот и наводните женски полови хормон беа идентификувани во контекст на потрагата на научниците по хемискита суштина на машкоста и женскоста, приказна за потеклото со чија помош може да се објасни истрајноста на етикетата „полов хормон“. Забуната меѓу квантитетот и важноста исто така може да биде и друго објаснување. Точно, мажите вообичаено имаат повиско ниво на тестостерон од жените. Но поголемо количество не значи и поголема функција (слоновите имаат поголем мозок од луѓето, но сепак тоа не значи дека мозокот за слоновите е многу поважен отколку за нас луѓето).
Мит 2
Тестостеронот предизвикува агресија и сексуално насилство.
Најчестата приказна присутна во дискусијата за тестостеронот е дека „зголеменото ниво на хормонот предизвикува агресија“, објавено и во весникот Гардијан во 2017. Во истражување од 2012 година, објавено во Меѓународниот журнал за ендокринологија и метаболизам се тврди дека постојат „докази дека нивото на тестостеронот е повисоко кај лица со агресивно однесување“.
Сепак во така наречените „златен стандард“ истражувања (“gold standard” studies), испитувања со примена на пласибо каде ниту субјектите врз кои се врши испитувањето ниту истражувачите не знаат кој го добива хормонот а кој пласибото – покажаа дека дури и екстремно високи дози на тестостерон не ги зголемуваат непријателските чувства, гневот или агресијата кај мажите.
Кога се работи за ендоген тестостерон, односно природниот тестостерон што се лачи во телата на луѓето, класичните истражувања каде истиот се поврзува со агресија и насилство не може да се сметаат за точни како резултат на непрецизните мерења и лошата статистичка пракса – како што откривме при нивно повторно разгледување. Најчестата грешка, очигледна и во нашироко цитираното истражување од 1987 година извршено над 89 затвореници, претставува вклучувањето на разни мерки на агресија – минати криминални дела, одговори на прашалници, дисциплински прекршоци, субјективни процени за значењето на „издржливост“ – со што врската меѓу нивото на тестостеронот и одредени карактеристики е всушност неизбежна и случајно гарантирана.
Мит 3
Тестостеронот го поттикнува љубовниот живот.
Во рекламите за поттикнување на тестостеронот се ветува „енергичност и виталност“, како и „зајакната самодоверба во кревет“, додека таблоидите објавуваат предизвикувачки прогласи како на пример: „Колку е повисоко нивото на тестостеронот, толку е поголема сексуалната активност“.
Сепак, „истражувањата на нивото на тестостеронот и сексуалното однесување покажуваат слаба или скоро никаква поврзаност“, според една критика на академската литература од 2017 година. Одредено (релативно ниско) ниво на тестостерон е неопходно за оптимална сексуална функција, но над тој праг повисокото присуство на тестостерон не прави голема разлика, кај мажите ниту кај жените. Последичната врска меѓу тестостеронот и здравиот сексуален живот може да заземе и обратна насока од вообичаено претпоставената: сексуалната активност, па дури и страста го зголемуваат нивото на тестостерон (како и многу други нешта, на пример вежбање или пак позитивна критика од шефот).
Мит 4
Предизвика пад на берзата во 2008 година.
По финансиската криза во 2008, одредени коментатори посочија на една потенцијална причина: брокерите, повеќето од кои се млади мажи, преземаат неразумни ризици заради високото ниво на тестостерон. Комисионерот на Европската унија беше „сосема убеден дека тестостеронот е една од причините за падот на финансискиот систем“, според еден натпис на весникот Њујорк Тајмс од 2009 година. Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристијан Лагард изјави дека „да се работеше за „Lehman Sisters“ наместо „Lehman Brothers“, светот веројатно ќе изгледаше многу поинаку денес“.
Сепак, истражувањата со кои се направи обид да се поврзе финансиската невнимателност со нивото на тестостеронот се неиздржани. Истражување од 2008 година често цитирано, спроведено од страна на двајца неуронаучници од Универзитетот Кембриџ, имаше за цел да докаже дека финансиските добивки го зголемуваат нивото на тестостерон, придонесуваат да се прават поризични облози, што од друга страна го зголемува нивото на тестостеронот – опасен пат. Во истражувањето, научниците го мереле нивото на тестостеронот кај 17 брокери наутро, и повторно попладне, во текот на осум дена, додека притоа го следеле и нивниот финансиски успех. Научниците успеале да покажат дека лицата со висок тестостерон наутро имаат поголеми добивки во текот на денот. Сепак не нашле, или пак воопшто не барале повраност на високите добивки со нивото на тестостерон попладне – неопходно за да се докаже хипотезата. Сепак, скромните наоди на истражувањето веројатно се случајни, со оглед на бројот на извршените анализи.
Мит 5
Колку повисок тестостерон, толку подобар спортист.
„Науката јасно кажува“, истражувачот Арон Багиш од Општата болница во Масачусетс изјави за Њујорк Тајмс. „Андрогенизираното тело покажува можност за подобар успех“. Истражувачите од Меѓународната асоцијација на атлетски федерации истакнаа дека „големите полови разлики во концентрацијата на тестостеронот… се тесно поврзани со половите различности“ во успехот кај атлетичарите.
Сепак, дејството на тестостеронот на атлетичарите не е толку едноставно, ниту кај мажите ниту кај жените. На најосновно ниво, ниту едно истражување досега нема понудено заклучок дека може да се предвиди исходот на брзината или силата доколку се знае нивото на тестостеронот кај натпреварувачите. Иако овој хормон влијае на параметрите повразни со атлетиката како спорт, како на пример големината на мускулите и потрошувачката на кислород, тоа не значи и јасно подобар спортски успех. Да погледнеме едно истражување извршено над 52 олимписки кревачи на тегови – елитна група, кај мажите и жените. Кај мажите не е најдена поврзаност меѓу нивото на тестостеронот и силата, додека кај жените, атлетичарките со пониско ниво успеале да кренат поголема тежина. Во друго истражување, нашироко оспорувано, истражувачите тврделе дека повисокото ниво на тестостерон е предзнак за поголем успех во тркачките дисиплини. Сепак, според една од неколкуте анализи изработени од авторите, во 3 од 11 тркачки дисциплини атлетичарите со најниско ниво на тестостерон покажале подобри резултати од тие со највисоко ниво. Навистина, во трката на 100 метри, која налага експлозивна сила, особина често поврзувана со тестостеронот, тркачите со најниско ниво истрчале за 5 проценти побрзо од оние со највисоко ниво. Променливите наоди, чести во литературата, фрлаат сенка на тезата дека тестостеронот е клучен за разликите во успехот во спортовите.