Kонференција: “Унапредување на законската рамка за заштита на човековите права на трансродовите луѓе во Република Северна Македонија”

Kонференција: “Унапредување на законската рамка за заштита на човековите права на трансродовите луѓе во Република Северна Македонија”

ЛГБТИ Центарот за поддршка, во соработка со Коалиција Маргини, денеска ја организира еднодневната конференција “Унапредување на законската рамка за заштита на човековите права на трансродовите луѓе во Република Северна Македонија.” На конференцијата се зборуваше за човековите права на трансродовите луѓе во земјава. Наташа Бошкова потсети на активностите кои граѓанските организации ги презеле во изминатите десетина години во насока на унапредување на правата. Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите луѓе и една од основачките на Трансформа, ги претсстави искуствата и проблемите со кои трансродовите луѓе се соочуваат заради неможноста да ги усогласат документите за лична идентификација со нивниот родов идентитет. Таа потсети, дека заради несоодветни документи, трансродовите лица се соочени со значителни препреки во пристапот до здравство, образование, вработување и домување.

На конференцијата се обратија и претставнички од Советот на Европа, од одделот за сексуална ориентација и родов идентитет Елени Цецеку, како и од одделот за извршување на пресуди Катарина Недељковиќ. Откако ги презентираа регионалните и меѓународни стандарди, тие потсетија и на обврските кои нашата држава треба да ги преземе, особено по добиениот случај на лицето Х (трансродов маж) против Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбург.

Претставниците од Министерството за правда, Владимир Делов и Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, уште еднаш ги истакнаа заложбите кои ти ги преземаат за усогласување на законодавството во земјава со меѓународните стандарди. Делов, во своето обраќање, се заблагодари на лицето Х кое ја поднесе апликацијата во Стразбур и уште еднаш ја потврди решеноста и посветеноста на Министерството за правда при подготовката на законско решение, кое ќе ги отслика потребите на трансродовите луѓе во земјава и ќе овозможи брза и лесно достапна административна процедура за правно признавање на родот.

Извор