Прекрасната неизвесност на Даглас Кримп

Прекрасната неизвесност на Даглас Кримп

од  Маша Гесен
превод: Јулија Мицова

Во интервју со писателката Сара Шулман во 2007 г., историчарот на уметност Даглас Кримп изјави „извесноста, политичката извесност крајно ме вади од такт“. Кримп почина на 5ти јули, на 74 години. Ќе остане запамтен како визионерски куратор, историчар и философ на уметност. Но за многумина Кримп, член и хроничар на ACT UP, активистичка група која имаше за цел да ја крене свесноста за СИДАта, придонесе неизвесноста да биде компатибилна +со активизмот. Во два есеи, објавени при крајот на 1980тите години, Кримп посочува дека СИДАта можеме и поинаку да ја согледаме,  но и исто така и самите себеси.

Во 1987 г., Кримп го објави есејот „Како да се биде промискуитетен во епидемија“ (“How to Have Promiscuity in an Epidemic”). Објавен во академското списание „Октомври“, каде Кримп работеше како уредник, есејот ја оспорува работата на двајца проминентни геј писатели, херои за геј заедницата и за светот, известувачи од првите борбени редови за време на епидемијата со СИДА: Ренди Шилц и Лери Крамер. Шилц работеше како репортер за списанието „Сан Франциско Хроникл“; во тој период веројатно беше единствениот отворено геј известувач во главнотековната редакција за дневни вести – дотолку повеќе назначен да известува за СИДАта. Неговото дело „Бендот продолжи да свири“ (“And the Band Played On“) штотуку беше издадено таа година и се здоби со позитивни критики и статус на најпродавана книга. Книгата претставвуа темелна истражувачка историја за епидемијата на СИДА во САД, а нараторскиот аспект е прикажан како приказна за херои и негативци, добрите и лошите, анализирана од страна на известувач кој претставува олицетворение на објективноста, со други зборови, не-политичко американско новинарство. Кримп методолошки ја расклопи оваа конструкција, посочувајќи дека приказната за СИДАта одбива да се вклопи во префабрикуваните бинарности на Шилц, но, и позначајно, дека за епидемијата може да се зборува од неполитички аспект единствено доколку се прифатат политичките структури што дозволија да се случи епидемијата.

Таквите структури – американските политички институции, здравствениот систем, фармацефтските компании и медиумите – ја лоцираа вината за СИДАта во луѓето кои ја имаа. Всушност, истото го направи и Шилц. Неговата хипотеза за СИДАта се засноваше на Гаетан Дугас, канадски стјуард именуван како првиот пациент затоа што наводно им пренел ХИВ на стотици мажи со кои имал сексуални односи во многуте пристаништа на Северна Америка. Списанието „Нејчр“, докажа дека неговата теорија е погрешна во 2016 г. – 29 години по издавањето на книгата на Шилц, и 22 години откако самиот почина од СИДА. Сепак Кримп ја сруши уште во 1987 г. во неговиот есеј, посочувајќи дека дилерите на дрога во Њујорк умирале од болест многу слична на СИДАта неколку години пред болеста да почне да се шири меѓу геј мажите – и дека епидемијата тогаш била забележана затоа што геј мажите, за разлика од наркоманите, биле помалку нагрдувани. Не е неопходен епидемиолог за да се забележи ова; напротив, изискува поредок вид на карактер – личност способна да ги види, слушне и синтетизира фактите што не се совпаѓаат со конвенционалната мудрост.

Втората мета на критика во есејот на Кримп, Лари Крамер е покомплексна. Крамер е основач на две од организациите кои помогнаа да се оформи реакцијата на геј заедницата на епидемијата: групата за здравствената криза на Геј мажите (Gay Men’s Health Crisis) и подоцна, групата за непосредна акција ACT UP. Крамер исто така прв почна да пишува систематски за СИДАта, во геј списанието „Њујорк Нејтив“. Во 1978 г. Крамер го објави романот „Педери“ (“Faggots”), горка сатира која како да навестуваше дека дрогите и промискуитетноста ќе се покажат кобни за геј мажите. Веќе на почетокот на 1980тите години, Крамер почна да ја документира чумата што ја претскажа.

Во својот есеј, Кримп макотрпно ја следи логиката во делата на Шилц и Крамер во нивниот пресек со политиката на обвинување и страв, промовирана од страна на опсесивниот хомофоб, сенаторот Џеси Хелмс од Северна Каролина. Таа година 94 сенатори го дадоа својот глас за измените и дополнувањата на законот за доделување финансии за истражување и едукација за СИДА, а поддржани од Хелмс. Со измените се забрани употребата на федерални фондови за финансирање на материјали со кои се „промовираат, охрабруваат, и одобруваат хомосексуални активности или интравенска употреба на нелегални дроги“. Сепак, како што забележува Кримп, голем дел образовни материјални протекоа како резултат на стравот.

Своето внимание Кримп го насочува и кон уметноста создавана од геј мажи како реакција на СИДАта – ни приближно толку позната или славена како делата на Крамер и Шилц, напротив дела кои посегнаа по можноста да се најде задоволство среде стравот и очајот на епидемијата. Кримп заклучува, „Откако научивме како да ја понудиме својата поддршка и да тажиме по љубовниците и пријателите; откако се придруживме на борбата против стравот, омразата, репресијата и непостапувањето; откако го прилагодивме нашиот сексуален живот за да се заштитиме и себеси и другите – сега повторно си ги враќаме назад нашите субјективитети, нашите заедници, нашата култура… и нашата промискуитетна љубов кон сексот“.

Есејот претставуваше пресвртна точка во работата на Кримп. За прв пат, куратор и историчар на уметност реши да пишува за пишувањето. Како што изјави во интервјуто за Шулман, Кримп сфатил, кога го насочил вниманието кон СИДАта, дека не е заинтересиран само за реакцијата на уметничкиот свет: тој ја изучува пошироката култура, вклучително и културата на науката. Како што истражувал се подлабоко, неговите колеги-уредници во списанието „Октомври“ се повеќе се повлекувале. „Не покажаа интерес, ниту пак беа свесни за тоа што се случува, не сакаа ни да ги прочитаат ракописите, а јас, јас едноставно продолжив“, изјави за Шулман. На крајот, Кримп сепак под присила го напушта списанието, по 13 години поминати таму; тој чин го опишува како „развод“. Работата на есејот го приближи до  ACT UP, каде вели, „Почувствував дека сум дел од една заедница, никогаш претходно или потоа не сум го почувствувал истото.“

Во есејот „Оплакување и борбеност“ (“Mourning and Militancy”) од 1989 г., Кримп го разработува самиот активизам, поточно ја анализира взаемната контрадикторност на состојбите на тагување и активизам, но и како тие ги зајакнуваат геј мажите, од Фројдовски аспект. Кога животот го живееш преку загубата на љубовниците и пријателите, тагувањето за геј мажите е тешко од повеќе причини, очигледни или не. Млади се и неподготвени – кој би бил подготвен да загуби толку многу луѓе, еден по друг – додека при тагувањето по мртвите, мораа да се соочат со можноста, па дури и веројатноста, дека ќе починат од истата болест. Општеството гледаше на болеста како срамна, а идентитетот кој истата го изложуваше беше срамен, со што самото тажење стана нелегитимно; оплакувањето, според Фројд, е процес ограничен на неколку фази, по што следува враќање кон нормалноста, но за овие оплакувачи таа не била достапна. Активизмот претставувал еден вид на одговор. Кримп повторно го спомнува Крамер – кој самиот бил гневен на пасивните оплакувачи, небаре било толку едноставно нивната тага да се преточи во политичка акција. Не е толку едноставно, напиша Кримп. Активизмот беше одговор на оплакувањето, но исто така и начин да се прикрие тагата – всушност, да се прикрие самиот живот.

Комплексноста често наликува на непријател на активизмот. Политичката акција ја водат харизматични лидери, точни одговори и дводимензионални негативци. Ваквата извесност не само што „крајно го извадила до такт“ Кримп, туку тој самиот станал олицетворение на противотров за истата. Неговите дела наговестуваат дека лидерите сепак не се секогаш безгрешни и може да го згрешат вистинскиот пат, негативците исто така се луѓе, и понекогаш нема точни одговори. На денот кога почина Кримп, Грег Гонзалвез, ветеран во ACT UP и епидемиолог на Универзитетот Јеил, напиша на Фејсбук како во 1980тите години го слушал Кримп кога го презентирал својот есеј „Оплакување и борбеност“. „Одеднаш се почувствував толку слободен, небаре е возможна некаква иднина“, напиша. „Тој текст, брилјантен, гневен и тажен, претставуваше ослободување и мапираше нова интелектуална и емотивна патека за многуте геј мажи соочени со бранот на епидемијата што се повеќе се засилуваше“. Кримп покажа дека комплексноста може и да те ослободи.

Извор