22 Feb Приказната на Лорена Бобит открива нови лекции за машката ранливост
Превод: Јулија Мицова
Во документарецот во четири дела насловен „Лорена“ во продукција на Амазон, а промовиран минатата недела, доаѓаат до израз многу моменти. Серијата се навраќа на приказната за Лорена Бобит и Џон Вејн Бобит, 25 години откако беше главна вест дури и за меѓународните медиуми. Се чини сосема пригодно – во време кога порно актерката Сторми Даниелс докажа дека има повисоки морални вредности и интелект од Претседателот на САД – тоа што најдосетливата забелешка за интересот што го предизвика сагата за Бобит кај фантазијата на јавноста произлегува од ветеранката-сексуална работничка со име Воздухопловната Ејми (Air Force Amy). „Во Африка исекоа милиони клиториси па никому ништо, а овде исекоа еден кур и целата земја колабрираше“, вели Ејми во последната епизода.
Ејми го запознала Џон Вејн Бобит кога во доцните деведесети години тој на кратко, и сосем неславно, е најмен како некомпетентен „човек за сé“ на Ранчот на зајчињата, легален бордел во близина на Карсон Сити, Невада. Бобит ја добива работата – во рамките на една кратка медиумска кампања оркестрирана од сопственикот на борделот, Денис Хоф – пет години по настанот што го дефинираше неговиот живот и животот на бившата сопруга Лорена Бобит, сега позната по моминското презиме Гало. Инцидентот – внимателно наречен така од страна на интервјуираните во документарецот – се случил во раните утрински часови во јуни 1993 година, кога Лорена, тогаш 24 години, го исекла пенисот на нејзиниот дваесет и шестгодишен сопруг, Џон додека тој спиел. Потоа заминала од куќата и по 400 метри го фрлила отсечениот орган од прозероцот од автомобилот; единиците на итната помош подоцна го нашле и со помош на микрохирургија лекарите успеале да го сошијат. Лорена тврди дека на таков чин била поттикната затоа што Џон ја силувал таа ноќ, по што тој е обвинет за брачен сексуален напад. На судењето е прогласен за невиновен, како и Лорена, заради привремено лудило, во подоцнежно судење за напад врз нејзиниот сопруг; по судењето таа останува во психијатриска болница пет и пол недели пред да биде ослободена.
Ејми посочува дека во 1990тите години пенисот на Џон – молскавично отсечен, а потоа и за чудо воскреснат – е најфасцинантниот карактер во наративот за Бобитиеви, нападно обработен од таблоидите но и од страна на посериозните медиуми. Документарецот започнува со фалоцентрична нота. Во гротескната прва епизода проткаена со црн хумор го среќаваме урологот на Џон, д-р Џејмс Сен додека со насмевка се присетува на настаните таа јунска ноќ, при што пенисот го опишува како „исчезнат во акција“, и забележува како тогаш помислил дека единствената хируршка опција е да го сведе Џон на понижувачка судбина, тоест „да мокри седнат како жена до крајот на животот“. Самиот Џон за прв пат е претставен како седнува на фотелја во неговата дневна соба во Лас Вегас за да ја раскаже својата приказна; само моменти порано, камерата застанува на блок со ножеви во кујната. Доминантното гледиште за инцидентот во тоа време е олицетворено во изјавата на братучедот на Џон, Тод Биро, дадена во едно шоу, а тоа е дека осакатувањето на Џон е многу полошо од смрт. Лорена „му го одзеде најзначајното за еден маж“, изјави тој.
Најзначајното за Џон е прикажано, во документарецот „Лорена“, на многу посликовит начин од самиот медиумески пренос на инцидентот тогаш во 1990тите години: хируршката фотографија од органот пред прикачувањето наежува, без разлика дали гледачите се мажи или жени. Воопшто не наликува на симболичните замени презентирани при судските процеси налик на циркус, или подоцна: хот дог наречен по Бобит на продажба пред судот, или стрелката во форма на огромен набрекнат орган со која се посочува колку пари се собрани на добротворен настан за собирање пари за исплата на медицинските сметки на Џон во телевизиско шоу организирано од Хауард Стерн за Нова Година во 1994 година, каде самиот Џон гостува. Оставен врз сина ткаенина, жолт, со крвав завршеток каде бил исечен – со прецизен хируршки рез – отсечениот пенис напротив наликува на безживотно парче, мало и тажно: тежок едвај неколку грама.
Сепак, токму истрајната симболична моќ на пенисот остава вознемирувачки кумулативен ефект во документарецот. „Лорена“ е последниот од низата документарци со кои повторно се обработуваат вестите пренесувани во 1990тите години, почнувајќи со серијата „О. Џеј: Направено во Америка“, во која се разоткрива и преиспитува начинот на кој расните конфликти и полициската дискриминација влијаеле на судскиот процес против О. Џеј Симпсон обвинет за убиство. Филмот „Јас, Тоња“, комична драматизација на приказната за Тоња Хардинг – шампионка во уметничко лизгање, позната во 1994 година откако нејзиниот бивш сопруг оркестрирал повреда на коленото на нејзината ривалка, Ненси Кериган – ги принуди гледачите да ја погледнат приказната низ леќите на социјалниот статус и рестриктивните културни очекувања од женственоста. (Во „Лорена“, Дејвид Каплан, известувач за Њусвик забележува дека неговата насловна приказна за Бобитиеви била истисната од инцидентот Хардинг-Кериган. „Мојата таблоидска приказна ја истиснаа другите таблоди“, вели тој.) Во случајот на поновиот медиумски жанр наречен подкаст, во втората сезона на „Бавно горење“ (Slow Burn), фокусирана на истрагата за аферата на Бил Клинтон со Моника Левински, се нуди задоцнето преформулирање на приказната од доцните деведесети од аспект на различните динамики на моќ, декади откако Левински беше погрдно критикувана заради аферата. (Во тој и во сличен подкаст за импичментот на Клинтон минатата година, политичката криза беше наречена „Аферата Клинтон“, како замена за рутински познатата фраза „Аферата Левински“. Иако насловот „Лорена“ открива кон кого е наклонето сочувството, сепак донекаде се злоупотребува употребата на името на женскиот протагонист).
Наспроти поговорката на Маркс дека историјата првин се повторува како трагедија, а потоа како фарса, овде, историјата првин прикажана како фарса, во „Лорена“ се рекапитулира како трагедија. Серијата ги потсетува гледачите на расниот елемент прикачен на приказната, при што Лорена е окарактеризрана преку стереотипот на страсна латино девојка, и ги потсетува гледачите дека латиноамериканските заедници се собраа во нејзина поддршка, дел од приказната заборавен од медиумите тогаш. Исто така открива како случајот се испресекува со зголемената свесност кај јавноста за семејното насилство, и го мапира текот на законските промени кога Конгресот конечно го изгласа Законот против насилство врз жените, во 1994 година.
Во серијата е искористен голем дел од снимките направени при судскиот процес на Лорена кога со насолзени очи таа набројува колку пати Џон ја присилил, и покрај нејзиното противење, на анален секс, како и сведоштвото на неговите познаници пред кои се фалел дека сака груб секс. Сегментите се неподносливи, ја бришат и последната претстава за Лорена како одмаздољубива сопруга, наспроти онаа на редовно малтретирана, трауматизирана жрвта. Гледачите што не се запознаени со вестите во таблоидите дознаваат дека 1993 година не е последен пат кога Џон е обвинет за напад врз сопруга или партнер. Во документарецот е прикажано интервју со поранешна девојка, Дезире А. Луз, која Џон ја запознал на Ранџот на зајчињата, каде таа работела како сексуална работничка. Луз детално ја раскажува нејзината приказна за силување и тортура. (Во јануари 2000 год. Џон е осуден за малтретирање.) Но последните моменти во последната епизода, каде Џон се сеќава на неговата семејна историја на насилство, ја отежнуваат површната осуда за неговите постапки: и тој исто така е жртва.
За поздравување е начинот на кој се открива што се случува кога симболите на машкоста се во опасност – релевантна тема и денес како и на почетокот на деведесетите кога пенисот на Џон стана потентна замена за машкоста, а реакциите предизвикани од чинот на Лорена јасно покажаа што се случува кога машкоста ќе се лиши од потентноста. (Во случајот на Џон загубата буквално е привремена, факт потврден и со последователната кратка кариера како порно глумец.) Дискусиите за чинот на Лорена и причината за истиот во медимите беа придружени со доза на непријатен хумор – нешто што опстојува дури и во неодамнешните репортажи за приказната, како на пример гостувањето кај Стив Харви, во 2015 год. каде Лорена гостува за да ја промовира каузата на која го посветила целиот живот, а тоа е Фондацијата Лорена Гало, невладина организација за помош на жени жртви на насилство. „Зошто го зедовте“? Ја прашува Харви, на што публиката во студиото се кикоти. Лорена се насмевнува, слично на насмевката кога раскажува за настаните во тој јуни 1993 год.: самиот чин е толку страшен што дури и самиот чинител е запрепастен.
Преку хуморот сé уште типичен за приказната – благодарение на која Бобитиеви станаа главна мета на шега – се прикрива недобредојдена и несакана нијанса на ранливоста кај половина од популацијата за која интимниот телесен орган никогаш не бил цел на напад. Комичарката Вупи Голдберг, успешно ја артикулира нехомористичната вистина скриена во хуморот во нејзиното шоу. „Жените цел живот постојано се свесни дека сешто може да им се случи во кој било момент – ќе залуташ по темна уличка и готово – ќе те грабне некој. Сега и мажите се принудени да почнат да размилуваат на истото“. Насилството врз жените е толку рутинско што е незабележливо; женската ранливост кон насилството е прифатена во општеството, дури и самите жени ја поимаат на суштинско ниво. Кога најлошото што може да се случи на еден маж му се случи на Џон, се работеше за ретка и сензационална појава, засекогаш запечатена во културната меморија. Во документарецот „Лорена“ гледачите се потсетени дека најлошото што може да ѝ се случи на една жена ѝ се случува постојано.