Сквотови, секс клубови и панк: Лезбејскиот Лондон од 1980-тите

Сквотови, секс клубови и панк: Лезбејскиот Лондон од 1980-тите

Пред триесет години, во 1987 година, Лондон беше поинакво место за ЛГБТ луѓето. Геј мажите се собираа околу King’s Cross, лезбејките отвораа сопствени С&М фетиш клубови, а луѓето се запознаваа на протести, а не на апликации. Денес има група на Фејсбук која го одржува ова минато во живот, во која хомосексуалците и лезбејките кои го посетувале паботот The Bell на King’s Cross споделуваат YouTube видеа со хитови од 80-те и фотографии на кои носат премногу ајлајнер. Но, можеби највпечатливо, членовите на групата објавуваат слики од луксузните станбени блокови кои сега ги замениле нивните стари простори.

Режисерката и уметница Siobhan Fahey е лезбејка која живеела во Лондон во тоа време, и во моментов работи на филм токму за овој период: Бунтовни Лезбачи, документарен филм кој ги разгледува животите на нејзините пријателки – банда на лезбејки, сепаратистички панк анархисти базирани главно во околината на Брикстон и неговите многубројни сквотови. Филмот ја доловува културната војна што ја водеше сексуално-позитивната лезбејска екипа на Siobhan против збирштината на вообразени лезбејски феминистки, а го прикажува и општеството кое беше непријателски расположено кон лезбејките и хомосексуалците.

Пред овогодинешниот Прајд, Siobhan нè информираше за сите промени кои ги погодија лезбејките од Лондон во текот на последните три децении.

VICE: Вашиот филм Rebel Dykes се фокусира на прилично специфично време и место за лезбејките – Лондон во доцните 1980-ти. Можете ли за почеток сликовито да нè одведете таму?
Siobhan Fahey: Тачер беше на власт, па политички климата беше слична на сега, особено мерките на штедење што ги живееме од неодамна. Сè изгледаше ладно и сурово, и имаше бездомништво насекаде. Живеевме во сквотови околу Брикстон, и постојано се селевме кога не исфрлаа. Многу нешта се случуваа на политички план и не ни преостануваше ништо освен да се спротивставиме. Имаше протести секоја сабота. Тоа беше нашиот начин на социјализирање и ширење вести.

Како беше да се биде ЛГБТ тогаш?
Да се ​​биде ЛГБТ беше опасно – луѓето беа вознемирени од идејата да видат хомосексуалци кои се бакнуваат или се држат за раце во јавност. Се сеќавам дека буч жените трпеа многу насилство, редовно ги претепуваа. Воопшто не постоеја примери (role models). Но беше исклучително возбудливо и забавно да се биде аутсајдер. Сите се држевме заедно, лошите девојки. Се облекувавме во кожа, имавме кратки фризури, носевме големи чизми – силно изразен изглед, така што би знаеле дека сме банда. Бевме отпадници од општеството, и отпадници во рамките на пошироката лезбејска заедница.

Во која смисла?
Во тоа време имаше голема поделба меѓу нас и жените кои се нарекуваа “политички лезбејки”. Тие толку се спротивставуваа на мажите што мислеа дека најдобро е да станат лезбејки. Тие дури не ни’ чувствуваа привлечност кон жените. Тие само го мразеа она што сметаа дека “ја имитира хетеросексуалноста”; буч и фем, фантазии кои вклучуваат нешто машко, игри на моќ. Тие беа против дилда и анти-порно. Беа екстремни и навистина досадни. Мислам дека, на некој начин, тие беа она што денес го нарекуваме ТЕРФ (транс-исклучувачки радикални феминистки). Филозофите врз кои ги засноваа нивните идеи беа некои од истите луѓе, како Sheila Jeffreys, а подоцна и Julie Bindel. Транс жените се непријателите денес, но тогаш бевме ние. Беше многу напорно и депресивно да се биде лезбејка во тоа време. Чувствувавме дека луѓето постојано нè прекоруваа за тоа што сме лезбејки или феминистки на погрешен начин.

Што значеше ова за лезбејската клубска сцена тогаш? Постоеше ли воопшто сцена?
1987 година беше важна година, бидејќи се отвори легендарен лезбејски фетиш клуб, кој стана вистински дом за нас панк-лезбачите, како и место каде што разликите помеѓу феминистките и секс-позитивните панк жени станаа многу очигледни. Се викаше Chain Reaction и се одржуваше во вторниците навечер во геј-барот во Vauxhall наречен The Market Tavern, која сега веќе не постои. Јас бев стриптизерка првата вечер и се сеќавам дека имаше многу секс во живо и експериментирање со S&M. Многу кожа! Некој направи секс шоу на мотор. Нема шанси да протнеш такво нешто денес. Беше лудо. И имаше вистинска заедница – луѓето среќаваа љубовници и пријатели со кои останаа љубовници и пријатели до денес. Во денечен контекст не можам да замислам преполн геј паб во вторник – ова е само показател дека многу од нас не работеа.

Како го доживуваа сето ова политичките лезбејки?
Првата ноќ протестираа пред клубот. Следната ноќ дојдоа и го искршија местото покриени со качулки. Лезбачите во кожа ги избркаа и никогаш не се вратија, но целата приказна стигна до весниците, и како што раскажуваме и во филмот, од тој момент клубот стана уште попопуларен. Гледајќи наназад, не мислам дека сето ова имаше врска само со S&M. Мислам дека луѓето едноставно сакаа да бидат сексуални во свет каде што да се биде лезбејка беше извонредно феминистички и напредно. Луѓето сакаа да стават прст на тоа и да создадат нешто повозвишено. Овие вечери трааеа само неколку години, но имаа големо влијание врз секс-позитивниот феминизам, културата на Riot Grrrl, квир корот – сите тие движења излегоа од овие вечери.

Рековте дека многу од вас живееле во сквотови во тоа време; Можете ли да ми кажете повеќе за тоа?
Живеев во сквот со години, се до почетокот на 90-тите, кога се преселив од Лондон, и кога другите жени добија понуди за непожелни станови. Во времето на сквотовите често се селевме наоколу – еднаш на секои шест месеци или една година. Живеевме во многу мали станови меѓу Tulse Hill, Brixton и Clapham, кои се веројатно милионски убави куќи сега. Се снаоѓавме така што земавме електрична енергија од куќата на нашиот сосед со голема жица, или сами се префрлавме на сопствен гас. Понекогаш, кога влегувавме во некоја куќа, имаше телефон кој сè уште работи, така што редици на луѓе чекаа надвор во обидот да влезат и да се јават во Австралија.

Дали живееше само со лезбејки?
Живеевме во комуни само за жени, каде што не сите беа лезбејки, но повеќето беа. Сите готвевме заедно, имавме мачки. Во нашата куќа на Brailsford Road [во Herne Hill] се сеќавам дека подрумот беше просторија за проби за панк-бендови. Се’ беше мултифункционално; една куќа имаше јасли за деца; жителките водеа кафулиња. 121 Railton Road во Brixton беше анархистичка книжарница со клуб во подрумот и кафуле на спратот. Многу луѓе водеа активистички кампањи од средствата на клупските ноќи таму.

Спомна дека многу од вас немале работа.
Ништо не беше компјутеризирано, така што се вадевме од многу нешта од кои во денешно време не би успеале. На пример системот на корист; луѓето едноставно се потпишуваа со повеќе имиња, носејќи перики. Не се сеќавам дека познавав некого кој има нормална работа. Можеби познавав една личност која беше учителка. Јас работев како стриптизерка во пип-шоуата, како и многу лезбејки што ги знаев, додека некои работеа занаетчиство како столарија или водовод.

Значи, на некој начин, економската клима ја поттикна таквата тесна заедница?
Дефинитивно. Се држевме заедно. Но, таа приказна за уметниците, креативците и сквотерите, како прв чекор во гентрификацијата, видовме дека тоа навистина се случува, иако беше многу различно и многу помало. Областа каде што живеевме ние активистите и панкерите во Brixton беше многу црна област. Дури ни полицијата не би отишла таму. Но, имавме Brixton Whole Foods каде што работеа многу лезбејки. Тоа беше една од првите продавници во Brixton на гентрификацијата. Сè уште е таму, низ улицата на Atlantic Road, но местата кои би помислиле дека никогаш нема да ги снема, веќе ги нема одамна. Не гледам како би можеле да имате цврста заедница како што имавме ние кога едноставно немате простор во Лондон денес – премногу е скапо. Сега живеам во Манчестер, и имам чувство дека тука, а и во Глазгов сè уште можеме да правиме DIY клупски вечери, да живееме во големи куќи – тоа е исто.

Кои се твоите сеќавања за Прајдот од доцните 80-ти?
Прајдот беше многу поинаков. Многу помал. За време на првиот Прајд на кој бев, завршивме во Jubilee Gardens на Темза, а тоа беше мало парче трева и сите изведувачи беа локални бендови од заедницата. Беше многу забавно. Прошетката низ градот не беше фокусирана на марширање и мавтање со знамиња. Луѓето се ѕвереа во нас, па затоа имавме уште поголема причина нашите жени да изгледаат поекстремно со чизми и синџири, за да им го фрлиме она што бевме в лице.

Присуствуваа ли и политичките лезбејки?
Не на Прајдот, но имаше Марш на Лезбачите во 1987 или 1988 година кога фетиш лезбејките и панк бандите се појавија со транспаренти, и најпрво не’ испратија во последните редови – не ни’ дозволуваа да присуствуваме и разделуваа летоци против нас – но наеднаш група на фашисти почнаа да го следат маршот, па со оглед на тоа дека изгледавме многу поопасно, ние бевме оние кои го предводат маршот за да ги исплашиме.

За крај, која е најголемата промена во лезбејската култура во изминативе 30 години?
Не мислам дека се има многу изменето, на некој начин, бидејќи двостраното нешто во заедницата изгледа исто. Мојата лична квир женска заедница е многу слична, со жени кои живеат во кооперации и во панк бендови. Но, понекогаш ги посетувам оние лезбејски влогови онлајн и ми делуваат многу далечно … сите оние млади жени со стрејт изглед со долги коси – мислам, не се квир, нели? Изгледа како да чекавме се’ да стане поприфатливо и сега работите се малку досадни. Фејсбук во моментов се обидува да го забрани зборот “лезбача” [страницата ги брише објавите кои го користат зборот]. Мислам дека секој треба да го објави зборот “лезбача” на нивниот Фејсбук статус.

Извор