Секое дете има право да биде безбедно и еднакво во училиште

Секое дете има право да биде безбедно и еднакво во училиште

Реакција по однос на насилството врз 14-годишно девојче во едно основно училиште во Скопје

Коалицијата МАРГИНИ со згрозеност и загриженост реагира во однос на вчерашните информации споделени во медиумите за насилството врз и повредите со кои се здобило 14-годишно девојче во едно основно училиште во Скопје, откако била фрлена преку прозор од своите (машки) соученици.

Со жалење можеме да констатираме дека овој застрашувачки настан е резултат на долгогодишното и континуирано игнорирање на насилството во училиштата и помеѓу младите, особено насилството засновано на род, родов идентитет и сексуална ориентација. Коалицијата долго време укажува на проблемите во образованието како: премолчувањето пред неретките случаи на насилство во најразлични форми, отсуството на соодветни наставни програми и механизми за спречување и заштита од врсничкото насилство во училиштата, игнорирањето на гласот и искуствата на младите. Низ годините сме нуделе предлог мерки за справување со овие проблеми, но незаинтересираноста е став и на претходната и на актуалната власт.

Особено загрижувачки е што во овој немил настан многу лесно може да се препознае родовата компонента, односно постоењето на силни индиции дека станува збор за родово засновано насилство. Во текот на изминатите години нашите истражувања потврдуваат дека степенот на родово засновано насилство и булинг/ силеџиство во училишните средини, и надвор од нив, помеѓу врсниците, е исклучително висок и загрижувачки, и се пројавува во сите различни форми, почнувајќи од физичкото насилство, преку психилошкото и сексуално вознемирување, па сé до сајбер насилството и вознемирување кое го искусуваат девојчињата и родово ненормативните момчиња. Ваквата слика и состојба во училиштата е рефлексија на веќе етаблираната култура на насилство, традиционалните родови норми и стереотипи во општеството, и широката распространетост, непрепознавање и игнорирање на родовото насилство во нашето општество. Токму затоа одговорноста на училиштата е исклучително висока и тешка, но истовремено и можност за трансформација на насилните шеми и родова нееднаквост во нашето општество.

Особено алармантни во оваа ситуација се односот на директорот и дел од наставниот кадар во училиштето, чиишто изјави се обидуваат да го минимизираат овој насилен чин, да ги порамнат сите страни во настанот како подеднакво жртви, и да ја минимизираат сериозност на проблемот за насилно однесување на момчињата преку посочување на нивните добри постигнување и оценки. Вчудоневидени сме од леснотијата со која повредите на телото на девојчето се оправдуваат од страна на погоренаведените со нејзиното (и на други девојчиња) свесно и „доброволно” учество во овие „игри”. Уште пострашно за нас е дека овие „игри” се случувале веќе извесен период во училиштето, а притоа нејасно е каде биле и каква е одговорноста на училишните служби, наставниците и директорот за сето ова време.

Имајќи го сето ова предвид, го повикуваме училиштето и надлежните служби итно да го расветлат целиот случај, земајќи ја предвид нееднаквоста на страните, и потребата од сензитивен однос со фокус на жртвата. Државниот просветен инспекторат мора, исто така, итно да спроведе вондреден надзор, и согласно постојните законски прописи и правилници, да побара одговорност и примени санкции врз одговорните во случајот. Го повикуваме Министерството за образование и наука да започне неодложно со развивање механизми за заштита и превенција од насилство со измена на законите за основно и средно образование, да донесе и да спроведе стратегија против насилство во училиштата со вклучување на родот, сексуалната оринтација и родовиот идентитет и итно да ги измени наставните програми и учебниците со вментнување релевантни и современи содржини со кои ќе се превенира насилното однесување. Образовниот систем мора да стане клучна алатка во градењето на општество ослободено од насилство, нееднаквост,  и стереотипи, а улогата и одговорноста на Министерството за образование во овие заложби е суштествена, итна и неодложна.

 

Скопје, 03.10.2018

 

Тимот на Коалиција МАРГИНИ

 

Лице за контакт:

Славчо Димитров, Програмски координатор на Коалицијата

+389 78 208 803