Новото провокативно дело на Santiago Sierra во Тел Авив

Новото провокативно дело на Santiago Sierra во Тел Авив

Santiago Sierra го презентира своето ново дело во Тел Авив кое е провокативно онолку колку што би очекувале од шпанскиот уметник, чија кариера е обележана со контроверзии на секој чекор (повеќе за ова подоцна). 697 државни злосторства се отвора денес во Центарот за уметност и политика, и се состои од актери кои ги читаат 697-те имиња на убиените во израелско-палестинскиот конфликт од крајот на војната во Газа во 2014 година до крајот на минатиот месец.

Но, пред посетителите да ја погледнат 697 државни злосторства, ќе има и скрининг на делото на Sierra од 2014 година 2205 државни злосторства, кое првично беше изведено во Мадрид. Со идентична структура, во 2205 државни злосторства актерите ги читаат имињата на 2,205-те лица загинати за време на војната во Газа во 2014 година. Според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања, 71 од жртвите биле израелски. Изведбата на 697 државни злосторства ќе биде снимена, а двата филма ќе бидат прикажувани во галеријата во времетраење од два месеци.

Со прикажувањето на овие дела едно по друго, 52-годишниот Sierra нагласува колку мал напредок е постигнат во регионот од 2014 година, нешто што беше јасно со неодамнешните протести долж границата на Газа, за време на кои беа убиени 168 Палестинци. “Целта е да се сетиме и да им оддадеме почит на оние што загинаа од военото насилство”, вели Sierra. “Ова е, како и моите други дела, значително антиимилитарно дело”.

Можеби е така, но изведбата на ова дело во галерија во Израел сепак е провокативна изјава – огромното мнозинство на имиња што ќе бидат прочитани ќе бидат на Палестинци убиени од израелските сили. Сепак, Sierra не се согласува. “Не можам да разберам како изведба од пацифистичка природа може да предизвика било какви поплаки”, вели тој. “Ниту, пак, можам да разберам како воена акција може да генерира толку аплауз”.

Концептот на овие “списоци” функционира – Sierra, исто така направи изведба наречена Имиња на оние што беа убиени во сирискиот конфликт помеѓу 15 март 2011 и 31 декември 2016 година – можеби делува едноставно до точка на апсурдност. Но, ако го погледнете видеото од 2205 државни злосторства, неговата моќ веднаш ве напаѓа. Делата на Sierra се како живи споменици.

 

Додека се исчитуваат имињата со постојан тон – Nidal Ali Daka; Nidal Jamaa Abu Asy; Fatima Ahmad Al-Arja – изгледа како сè друго да се стишува, мислите во главата престануваат да зујат и бесцелноста на војната е илустрирана на најразурнувачки начин. Имињата висат во воздух како духови, како одгласи на одземени животи.

“Листата на луѓе претставува репрезентација на општествениот поредок”, вели Sierra. “Светот е познат по различните списоци или групи што ги одредуваат луѓето”.

Sierra има долго минато на правење смели изјави кои нè тераат да се соочиме со работите – и луѓето – од кои често бегаме. Во 2002 година тој презентираше дело наречено Група на луѓе кои се соочуваат со ѕид, во кое тој им плати на бездомни мажи и жени да застанат свртени кон ѕид еден час. Чувството дека овие луѓе на некој начин се казнети е непогрешливо. И со тоа што само ни ги прикажува нивните тилови, Sierra дава ужасна критика на начинот на кој ги туркаме најранливите во нашето општество кон маргините.

Слично на ова, во делото Линија од 160 см истетовирана на 4 лица (2000), Sierra им плати на четири зависници од хероин да им биде истетовирана линија на грбовите. Ова ја претвора експлоатацијата во забава и, според лондонскиот Tate Modern, кој го изложи ова дело, ја нагласува “тензијата помеѓу изборот на учесниците да ја прифатат задачата за плата и нивниот недостаток на избор поради нивната економска состојба и запоставената здравствена состојба”.

Можеби не се чувствувате удобно да ги гледате перформансите на Sierra – но токму тоа е поентата. Нашата непријатност произлегува од разбирањето дека сите ние сме, на некое ниво, дел од проблемите што во моментов го мачат нашето општество.

Се прашувам дали Sierra верува дека уметноста навистина може да направи разлика. Секако, се чувствуваме потресени од неговите слики, но потоа се враќаме дома – а бездомните актери се враќаат на улиците. Исто така, ќе го гледаме и слушаме 697 државни злосторства, но израелско-палестинскиот конфликт продолжува без оглед на тоа.

Sierra го разбира ова и признава дека неговата работа нема да има никакво влијание врз ситуацијата на Блискиот Исток. “Единствената навистина ефикасна работа би била укинувањето на производството на оружје и распуштањето на армиите”, вели тој. “Бидејќи јас не верувам дека тоа може да се случи, не гледам никаква можна промена. Изгледа дека војната е дизајнирана да не биде победена или изгубена, туку да трае.”

Но, знаењето за ова, на многу начини, ги прави 2205 државни злосторства и 697 државни злосторства уште поостри. Потребата на Sierra да продолжи да ги создава овие дела – и дека единствена смрт ја прави листата неточна и застарена – можеби е најопасната изјава од сите.

Извор