Кратка историја на Дрегот во уметничкиот свет

Кратка историја на Дрегот во уметничкиот свет

Превод: Јулија Мицова

Дрегот има богата културна историја, со широк спектар во кој се испреплетуваат крос-дресинг перформансите, како и пародиите за фиксираните улоги на родот и сексуалноста. Мажите настапуваат на сцената престорени како жени уште во античките грчки трагедии, знаеме дека во времето на Шекспир женските улоги биле доделувани на мажи, додека пак најраните почетоци на дрегот може да се забележат во барокните опери.

Поимот „дрег кралица“ првин се употребувал за да означи маж кој настапува во женска облека во Полари – британски сленг популарен меѓу геј мажите и театарската заедница при крајот на 19 и 20 век. Додека дрегот останува забележително присутен во популарната култура, од неодамна зазеде забележително место и во светот на уметноста.

Во денешно време, покрај познатата телевизиска програма Дрег трка на Ру Пол, победата на дрег кралицата Кончита Вурст на изборот на песна за Евровизија, како и појавата на дрег ноќните клубови низ Лондон, Њујорк и Лос Анџелес, би можело да се рече дека дрегот веќе навлегува во меинстрим културата. Кон бранот на популарноста се придружија и уметничките галерии и музеи. Од неодамна, дрегот е препознатливо влијание во големите уметнички изложби, како изложбата Витни Биенале во Витни Музејот во Њујорк, или програмите на перформанси, како „Современ дрег“ на организацијата НАДА во Њујорк минатиот март. Се јавува и како една од темите во новото шоу „Британска квир уметност“ во музејот Тејт Британија.

Во минатото уметниците создавале дела кои можеби не потпаѓале под дефиницијата дрег, ниту пак биле наменети како такви, но сепак преку нив ги предизвикувале и деконструирале ригидните општествени и сексуални архетипи на сличен начин како и дрегот. Погледнете го на пример алтер егото на Марсел Дишан, Роуз Селави, којашто за прв пат се појави во 1920 година. Името на овој лик претставува игра на зборови од реченицата „Еros, c’est la vie” (со значење „ерос, таков е животот“), додека самиот лик послужил модел за неколку портрети на фотографот Мен Реј. Селави претставува рефлексија на наклонетоста на Дишан кон субервзијата и енигмата. Слично, надреалната уметница Луси Швоб со нејзините автопортрети во машка облека создаде машко алтер его на себеси, уметникот Клод Кахун.

Кахун е предвесник на современите феминистички уметници како што се Лин Хершман Лисон, Ана Медиета, Синди Шерман и Џилијан Веринг, дел од многуте кои вклучуваат дрег елементи во своите дела, често како критика за очекувањата на општеството од нивниот род. Хершман Лисон го создаде фиктивниот лик Роберта Брејтмор во периодот меѓу 1973 и 1978 година, лик кој посетуваше дури и терапевт; Мендиета се фотографирала себеси со брада со цел да ги предизвика родовите означители; во нејзините концептуални портрети, Шерман се маскира во измислени ликови; Веринг пак манипулира со сопствената претстава за себеси преку различни маски.

Примената на дрегот е документирана од познати уметници во различни периоди во минатото. Енди Ворхол снимал филмови со дрег кралици, меѓу кои Кенди Дарлинг и Марио Монтез. Видео уметникот Чарлс Атлас ја снимил познатата ѕвезда на ноќниот живот во Лондон, Ли Бауери; предмет на фотографиите на Нан Голдин се дрег кралиците во родниот Бостон од неговите тинејџерски денови и дрег заедниците во Њујорк во 1980тите и почетокот на 1990тите години; подоцна Марио Монтез соработува и со фотографот Конрад Вентур.

Атлас сé уште го обработува дрегот во своите дела, што  може да се види од најновото видео „Here She Is… v1“ (2015), дел од изложбата во МоМА ПС1 од 2015 година под наслов „Greater New York“. Во видеото познатата њујоркшка дрег кралица Лејди Бани пее на плејбек. Дури и интересните ликови од делата на Рајан Трекартин од 2000тите години пројавуваат одредена прото „Дрег Трка“ естетика.

 

Делата на Трекартин беа изложени на минатогодишното Берлинско биенале, со тимот од списанието ДИС како куратори на изложбата. Под насловот „The Present in Drag“, кураторите од ДИС ја замислуваат изложбата како простор во кој современата култура ќе се отсликува самата себеси, наместо да биде едноставно изложена. Исто така беа прикажани и делата на Амалија Улман, на чии автопортрети се прикажани измислени ликови изградени со посредство на социјалните медиуми.

Неодамнешната дрег програма на организацијата НАДА Њујорк се фокусираше на потрадиционалните претстави за дрегот, под влијание, делумно, на неодамнешната експлозија на новата генерација на дрег кралици во Бруклин. „Од баровите [ги изнесовме] на улиците —поточно во уметничките изложби“, вели Сем Гордон, ко-куратор на програмата за перформансите заедно со Џејкоб Робишо (заедно раководат со Гордон Робишо, кураторска агенција во потрага по разоткривање на уметници чии дела не се доволно признаени).

 

Бруклинската дрег сцена послужи како инспирација за уште една изложба минатата година, насловена како „Coney Island Babies: Visual Artists from the Brooklyn Drag Scene” во културниот центар Биро за општи услуги — Квир дивизија на 13тата Западна Улица во Менхетен. Курирана од директорот на Резиденцијалнта програма за уметници на Фајр Ајланд, Крис Богиа и дрег изведувачот и визуелен уметник Монтгомери Пери Смит, изложбата ја истражува богатата заедница на современи визуелни уметници од њујоркшката дрег сцена денес. Меѓу другите, на сцената се истакнуваат групите Ше Дип (Chez Deep) и Бушвиг (Bushwig).

Во меѓувреме, ширум Европа кај младите уметници повторно се забележува интерес за дрегот, кој се јавува како составен дел од нивните перформанси. Во Велика Британија на пример, Викторија Син преку нејзиниот дрег лик ги критикува очекувањата од жените; додека Самуел Дук, дрег изведувач, режисер и уметник, од неодамна дипломиран на Кралскиот колеџ за уметност настапува во кабареа и галерии, во рамките на неговите дела во кои се осврнува на квир просторите.

Во Берлин, многу настани во андерграунд сцената се организирани од уметници како Паркер Тилгман, во чии дела самиот тој се јавува како дрег лик.

 

Гордон од НАДА смета дека дрегот е битен предмет во нивната поставка годинава затоа што во сегашната политичка клима упатува на итна потреба. „Се чувствуваше потреба од малку дрег токму во моментот кога го послуживме“, вели Гордон, при што настанот го опишава како весел, провокативен и инспиративен.

Иако го нагласуваат современиот момент, Гордон и Робиншо сепак потврдуваат дека разговорот на тема дрег еволуирал со време. Двајцата ја истакнуваат долгата историја на дрег присуството во галериските простори преку група на уметници кои потекнуваат од повеќе генерации – почнувајќи од познатата Лејди Бани и Табу! до млади изведувачи како Саша Велур со нејзиното шоу „Nightgowns“ (дрег кабаре) во Бушвик во изминатите неколку години.

На пример, инспирацијата на уметникот Алексис Блер Пени за дрег колективот Ше Дип потекнува од перформансот во МоМА ПС1 во 2011 година со Коди Критчело, Колин Селф и Мики Бланко. „Си помислив ако вака треба да изгледа една дрег супер група тогаш ќе основам една“. Пени вели дека групата Ше Дип има настапувано во секаков вид на простори, од барови до бели коцкести простори. Во 2014 година, уметникот Спенсер Свини ги донесе во Глазгов каде настапија во галеријата Модерен институт.

Разликата кај дрег перформансите во галериски простори, објаснува Пени, е во публиката. „Во галерија сите молчат, не се сигурни дали треба да аплаудираат за да не го прекинат настапот, а тоа остава интензивен впечаток,“ вели тој. Од тој аспект, дрегот се восприма многу посериозно во уметничкиот свет, но сепак Пени мисли дека сè уште е прилично маргинализиран. „Повеќето од перформансите и понатаму се делегитимираат само затоа што се дрег перформанси“, вели тој.

Сепак, на овогодинешното Витни Биенале дрегот – според некои – конечно се здоби со заслужено признание. Во воведниот есеј од изложбениот каталог, ко-кураторот Кристофер Лу пишува „шоуто прикажува дела кои ја обработуваат дрег праксата“. Колективот Папис Папис (Puppies Puppies), на пример, се претстави со „Liberté“ (2016 год.), „мешавина од дрег перформанс и скулптура“ каде изведувачот носи костим на Статуата на слободата додека стои меѓу публиката. Лу посочува на делата на Порпентин Черити Хартскејп и Колин Смит, како и видеото на Томи Хартунг „Тhe Lesser Key of Solomon“ (2015), како дела кои се занимаваат со идентитетот и еманципацијата, а одовде и зборуваат за практикувањето на дрегот. Тој ги цитира овие дела како примери „кога во време на се поголеми разидувања уметниците самоиницијативно се обидуваат да ги премостат поделбите“.

Гордон нагласува дека сегашните текови ги претставуваат најновите наврати на дрегот. „Дрегот се движи во циклуси“, вели тој, „сепак интересно е тоа што меинстримот прилично брзо ја откри алтернативата“. Тој дури и верува дека со поместувањето на дрегот од традиционалниот контекст во уметничкиот свет истиот еволуира.

Доколку дрегот се сфати како пракса на перформирање на родот, сексуалноста и останатите фиксирани општествени улоги, тогаш на некој начин сите ние постојано сме во дрег. Се додека се деконструираат идентитарните категории, се работи за дрег. Според мислењето на кураторите како Лу и Гордон, денес, во време на опресивна политичка клима, дрегот претставува релевантно средство за израз и креативност, повеќе од кога било.

—Амелија Абрахам