Алтернативна историја на сексуалноста во клупската култура: Прв дел

Алтернативна историја на сексуалноста во клупската култура: Прв дел

Превод: Јулија Мицова

Зачетоците на денс музиката се во ЛГБТ заедниците, но дали некој се сеќава на тоа? Во следната статија во неколку дела, Луиз-Мануел Гарсија ја разгледува историјата на квир корените на клупската култура

Во септември минатата година, во клубот Бергхајн се одржа добротворниот настан „Промовирајте го диверзитетот“ кој почна со концерт, а забавата продолжи до следното утро. Списокот на диџеи содржеше неверојатни 38 имиња за 24 часа – толку многу што гардеробата послужи како трета сцена, додека речиси секој диџеј пушташе музика со друг во сетови што траеја по 1,5 час.
Во текот на истата недела, неколку добротворни настани под истиот наслов се одржаа во клубови во Минхен (Harry Klein), Париз (Rex Club), Њујорк (Output/The Panther Room), Тел Авив (The Block), Сан Франциско (Holy Cow/Honey Soundsystem) и Цирих (Heaven Club). Средствата соберени од продадените билети од настаните ќе бидат донирани на ЛГБТ организацијата „Ол аут“ (All Out), активна во неколку земји ширум светот. Причината за организацијата на овие настани беше донесувањето на законот против „хомосексуална пропаганда“ во Русија, кој содржи делови со чија формулација во суштина се криминализира секаков вид на јавни изјави искажани во поддршка на „нетрадиционалните сексуални односи“. Но зошто глобалната клупска заедница презеде чекори за поддршка на сексуалните малцинства? Каква е нивната поврзаност со денешната клупска култура?

 

Во соопштението за печат издадено од организаторите на добротворниот настан „Промовирајте го диверзитетот“ се вели, „Еднаквоста на сите нивоа и толеранцијата се основни вредности кои клупската и музичката сцена отсекогаш ги поддржувала“. Но зошто е тоа така? Па, веројатно затоа што поголемиот дел од музичките сцени што послужија како темел за денешните музички жанрови – диско, гараж, хаус, итн. – се тесно поврзани со маргинализираните групи, вклучително и геј и лезбејките, транс лицата, расните и етничките малцинства.

 

Можеби треба воведното прашање да го согледаме од спротивната страна: доколку корените на електронската музика се толку сексуално разнообразни, зошто денешната публика треба да ја потсетуваме за тоа? Зарем заборавивме на квир ноќниот живот во 1970тите и 80тите години? Во тоа и е проблемот, според Лорен Граник, познат и како „Goddollars“, ко-основач и постојан диџеј во „Клубот наречен Ронда“ во Лос Анџелес, човек со остар јазик:
„Во моментов денс музиката во Америка е целосно претворена во меинстрим,“ вели тој. „Повеќето новодојдени се стрејт/бели деца кои немаат никаква допирна точка со ЛГБТ заедницата, и покрај тоа што милионската публика крева раце на музика родена од потта на геј обоените луѓе во мугрите во старите складишта во Чикаго. Секако, би било лесно ова да се сведи на корупција на нашата драга музика од страна на шарлатани и идиоти, но повеќето новодојденци бидуваат привлечени од музиката довек и мислам дека е од клучно значење да се истакне улогата на геј заедницата и да ги научиме новите фанови на идеалите на заедницата, еднаквост и различност, толку клучни за самата ДНК на денс музиката уште од почетоците.

Rhonda

 

„Доколку сексуалните заедници биле толку клучни за зачетоците на музичката денс култура, каде се истите сега? Погледнете кој раководи со клубовите, кој ги менаџира издавачките куќи, ги букира изведувачите и ги пушта плочите, и ќе забележите дека демографијата е потполно различна од толпите од кои се роди ваквата музика. Со оглед на големата улога на геј заедницата во генезата на музиката, чудно е што поголемиот дел од главните инвеститори во денешно време припаѓаат на стрејт машката варијација. Неопходно е промоторите, уметниците, продуцентите и сопствениците на клубовите да ја вклучат во поголема мера културата од која без воздржување си зедоа прилично многу и од која профитираат.“
Сепак, денс музичките сцени и понатаму цветат, и покрај тоа што не се на радарот на меинстрим денс музичките медиуми. Зошто и како се случи ова? Делумно е поврзано со обемот на денешната клупска култура: со толку мала, локална и интимна музичка сцена, лесно е за малцинствата да останат централни. Кога истата ќе се претвори во масивен глобален феномен, маргинализираните луѓе потешко остануваат во фокусот на вниманието. Но постои и друга причина за нивното отсуство, а тоа е дека историјата ја пишуваат победниците: денс музиката стана помеинстрим и се стекна со поширок круг на публика, а со тоа и тие што ја пишуваат историјата ги следеа „порелевантните“ нишки во претежно стрејт и белата средина од средната класа, и брзо заборавија на поквир и поразноликите сцени на кои сé уште се танцуваше и се правеше музика.
Деновиве очигледно станува збор за повеќе истории, не само за една. Сите мислат дека знаат што се случило и со се поголемиот пристап до пишување, издавање, интернетот итн. се повеќе алтернативни истории избиваат на површината во натпреварот за „официјалната“ верзија на настаните. Оние што сакаат да ја откријат историјата на маргинализираните луѓе ќе морат да копаат низ архивите на историските документи – повеќето напишани од страна на моќните во врска со моќните и за моќните – за да ги најдат трагите на помалку моќните и што тие правеле. Сторијата ја пишуваме не за да ја „исправиме“ работата, туку за да ги преиспитаме квир корените на клупската култура, а потоа да ги откопаме приказните за нејзиното квир подземје.

Drag

Њујоркшката диско и гараж сцена/
На почетокот на 1970тите години во Њујорк, квир луѓето со поинаква боја на кожата (во главно Афро-Американци или со Латино-Карипско потекло) и повеќето широкогради стрејт сојузници се здружија за да создадат мали процепи во просторот на суровиот урбан пејсаж на градот – простори каде беа безбедни, можеа да бидат себеси, да бидат некој друг за кратко, или пак да бидат со други луѓе на начини кои „нормалниот“ секојдневен свет не ги дозволуваше. Музиката беше суштински дел од ваквите собиранки, а звукот на овие настани всушност се разви во стилот кој го доби името диско. Звукот на диско музиката претставуваше мешавина од соул, фанк и латино со водечки 4/4 такт на тапани. Името потекнува од дискотека, француски збор со кој се означувале ноќните локали во кои се пуштала веќе снимена музика наместо изведба на бендови во живо.
Но диско музиката не почнува во дискотеките; повеќето истории на диското почнуваат во Лофт (The Loft) каде се приредувале серија од приватни забави во станот на Дејвид Манкузо во долниот дел на источен Менхетен. Манкузо бил диџеј, промотер и Ем-си од почетокот до крајот на вечерта, доминирајќи над толпа со различни сексуалности, родови експресии, етничко потекло и општествени класи. Набргу се дознало за забавите на Манкузо а дискотеките во долниот и средниот дел на Менхетен го позајмиле новиот звук, како на пример „Галерија“ на Ники Сиано. Во 1973 година, звукот станува доволно забележлив па музичкиот новинар Винс Алети го пишува првиот натпис за диско музика (“Discotheque Rock ’72: Paaaaarty!”), за списанието „Ролинг Стоунс“. Локалната диско сцена во натписот е опишана како просперитетен андерграунд составен од „џус барови, клубови отворени до раните утрински часови, приватни мансарди отворени за викенди само за членови,“ населени од „хардкор денс толпа – црнци, латино, геј луѓе“.
Подоцна во 1970тите години, диско музиката се стекна со популарност и стана поприсутна во надземната економија на ноќниот живот, ги окупираше меинстрим дискотеките, се емитуваше на националните и меѓународните радио станици, и постепено се стекна со се поголема публика на бели, стрејт луѓе од средната класа. Во тој период се отвораат наменски диско клубови, како што беше „Студио 54“ (1977 год.) и „Парадајз Гараж“ (1976 год.) во Њујорк, како и „Ендап“ (1973 год.) и „Трокадеро Трансфер“ (1977 год.) во Сан Франциско. Ова се годините кога повеќето од познатите диско уметници ја започнаа својата кариера – Дона Самер, Чик, Би Џис, КејСи енд Д Саншајн Бенд.

###

 

Како што плочите со диско музика почнаа да ги преплавуваат музичките пазари, самата музика значително ја изгуби поврзаноста со квир, црнечките и латино корените. Но сепак не беа сосем заборавени: кога диско пазарот се сруши при крајот на 1970тите години, и анти-диско бранот ја зазеде Америка, одеднаш критичарите на диско музиката се присетија на нејзините сексуализирани и маргинализирани зачетоци. Анти-диско слоганот „Диското е тапа“ (“Disco Sucks”)—достапно на маички, налепници, беџови и сл. – не претставуваше само метафора во 1970тите години: беше директна референца за пушење кур, со цел да се упати прикриена хомофобична навреда насочена кон диското и неговите фанови.

Disco Sucks

 

Во Чикаго, на 12.07.1979 год., диџејот од радио станицата ЊЛУП, Стив Дал го организираше настанот „Вечер на уништување на диското“ во стадионот „Комиски“ за време на две натпревари меѓу Вајт Сокс и Детроит Тајгерс. Гледачите беа поканети со себе да ги понесат диско плочите кои повеќе не ги сакаат, а кои потоа беа соберени на куп на среде терен за време на паузата меѓу двата натпревари и уништени со динамит. Гледачите го исполнија теренот во протест, извикувајќи „Диското е тапа“. Колективните изблици на анти-диско чувства не беа толку спонтани, односно не потекнаа од народот како што подоцна медиумите ги претставија. Всушност, според Алис Еколс во нејзината историја за диско ерата, „Hot Stuff: Disco And The Remaking Of American Culture“, ваквата реакција во голема мера се должеше на организацијата на неколку незадоволни радио професионалци (Дал, но исто така и Ли Абрамс и Кент Буркарт) кои оркестрираа промена во реториката и програмата во неколку радио станици, со цел да профитираат од претстојниот анти-диско бран.
Но падот на диско ерата не се случи преку ноќ. Продажбите паѓаа претходно, и продолжија да се намалуваат и во текот на 1980тите години. Надвор од САД, диското опстана и се вклопи со денс попот на 1980тите, новиот бран и индустрискиот стил. Сепак, дел од промените се случија премногу брзо. Повеќето големи издавачки куќи ги затворија диско дивизиите, ги отпуштија вработените и ги прекинаа договорите со изведувачите речиси без најава. Колапсот на диско ерата беше особено тежок за клубовите, а од неколкуте клубови што успееја да опстанат се роди „андерграундот“ на пост-диско ерата.
Во Њујорк, „Парадајз гараж“ беше најпознатиот од преживеаните клубови, посетуван примарно од квир, црнци и/или латино-карипци. Лери Леван, резидент диџејот на клубот  одржа лојално следбеништво од танчери преку специфичниот звук, подоцна наречен „гараж“. Во зависност од тоа кого (и како) ќе прашате, гараж стилот беше или претходник, паралела или потстил на хаус музиката. Со побавно темпо од чикашкиот хаус звук, гаражот во суштина претставуваше мешавина од диско, аренби, соул и фанк, со акцент на госпел вокалите. Клубовите како „Парадајз гараж“, „Д Сеинт“, и „Занзибар“ ја одржа пост-диско традицијата во Њујорк и Њу Џерси низ 1980тите години, додека поновите клубови како „Саунд Фактори“ и „Твило“ ја внесоа клупската култура во 1990тите години.

Продолжува…