Акција: Солидарност со Пинар Селек

Акција: Солидарност со Пинар Селек

Денес, на денот на судењето на Пинар Селек група активистки и активисти од Македонија направи симболична јавна акција солидаризирајќи се со Селек и нејзината животна борба за подобар свет.

 

 

Пинар Селек (1971) е социолог, истражувачка и писателка. Има издадено повеќе книги, а позната е по својата работа со деца од улица, сексуални работници, Роми и хомосексуалци, со кои работела уште додека студирала. Таа е една од основачите на Amargi Women’s Solidarity Cooperative, поддржува болем број организации и движења кои се залагаат за мир, антимилитаризам и човекови права, а работи и како уредник на весникот Amargi Feminist Theory Journal.

 

 

Нејзиниот кошмар трае повеќе од 14 години.

 

 

Случајот против Селек не е повеќе грешка или дефект, туку тој недвосмислено се претвори во масакр на законите. Селек е избрана како мета за време на своето истражување за прашањето за Курдите во 1997.

 

 

Измачувана поради својата истражувачка работа, неправедно обвинувана, неколку пати ослободувана и повторно враќана во судницата, се’ уште постојат шанси Селек да биде осудена на доживотен затвор. Одбивајќи да ги даде имињата на лицата со кои правела интервју за нејзиното истражување за прашањето на Курдите во Турција, Селек била измачувана, а процесот бил прикриен со лажни извештаи и дополнителни обвинувања за други случаи, во кои постојат докази дека е неправедно обвинета.

 

Ваквата постапка е директно прекршување на нејзините права, обид за разбивање на нејзините залагања за човековите права и поконкретно правата на жените, нејзината работа со деца од улица, сексуални работнички, хомосексуалци, транссексуални лица и други малцинства. Ова е напад врз заложбите за мир и антимилитаризам. Не смееме да дозволиме оваа неправда да се случи.

 

Нејзиниот пример се користи за заплашување на сите интелектуалци и истражувачи кои сакаат да работат на ова прашање.

 

Затоа, денес, на 24 јануари 2013, на последното во низата судско рочиште, ја дадовме нашата скромна и симболична поддршка за Пинар Селек, заедно со голем број организации од целиот свет. Да ѝ помогнеме на Селек да се избори за својата правда, за своите права и правата на сите луѓе за кои таа се залага. На крајот на краиштата ова е еден свет, ова е една борба!