ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ 2018: СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

ПРЕЗЕМИ

ПРЕЗЕМИ – Резиме (сексуална работа)

ПРЕЗЕМИ – Резиме (луѓе што употребуваат дроги)

ПРЕЗЕМИ – Резиме (ЛГБТИ)

ПРЕЗЕМИ – Резиме (луѓе што живеат со ХИВ)

Резиме

Во 2018 година не се случија значителни промени во однос на унапредување на законите и политиките кои ги гарантираат и штитат правата на маргинализираните заедници. Но започнаа да се отвораат процеси за измени во многу закони, програми и политики кои се очекува да завршат со подобрување на состојбите. Од друга страна, исто така не е забележана промена во практиките на институциите при постапувањето со маргинализираните заедници или при постапување во случаите за заштита на нивните права.

Сè уште не е донесен Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, кој веќе 8 месеци е заглавен во Собранието во законодавната постапка. Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, како матично тело за законот, одбиваше да закаже седница со Законот на дневен ред, додека Собранието не успеа да најде решение за оваа ситуација.

Во Коалицијата Маргини се документирани вкупно 233 случаи на прекршување на правата на маргинализираните заедници (84 случаи на прекршување на правата на ЛГБТИ, сексуални работници, 46 на луѓе што употребуваат дроги  и 3 случаи на повреда на правата на луѓето што живеат со ХИВ). Големиот број документирани случаи се должи на засилување на активностите за промоција на програмата за документирање и размена на информации со партнерските организации кои директно работат со маргинализираните заедници. И покрај големиот број на документирани случаи, заедниците тешко се мотивираат за покренување на постапка за заштита на своите права. Но и во ретките случаи кога се започнува постапка, институциите не ги препознаваат нивните права, не утврдуваат дискриминација, или пак утврдуваат само парцијални повреди на правата, што не значи ефикасна и ефективна заштита.

Во однос на правата на ЛГБТИ луѓето, во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се забрани дискриминација и говор на омраза во медиумите врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, а се предвиде и глоба за медиумите кои нема да ја почитуваат забраната. На крајот на годината се донесоа измени на Кривичниот закон, во скратена постапка и на нетранспарентен начин, но со измените се доуредија, меѓу другото, делата од омраза и експлицитно се вметнаа основите сексуална ориентација и родов идентитет. Исто така, на почетокот на годината се формираше неформална Интерпартиска група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во Собранието на Република Македонија, која брои 14 пратеници од различни политички партии.

ЛГБТИ луѓето, особено геј-мажите и трансродовите жени, се соочуваат со различни форми на насилство од омраза, дискриминација и непрофесионален третман од страна на полицијата.

Во 2018 година се засилија активностите за застапување заради правно признавање на родот и медицинско потврдување на родот, за трансродовите луѓе. На 17 јануари 2019 година  Судот во Стразбур донесе позитивна пресуда во корист на трансродов маж, во случајот „Икс против Македонија“, со која Судот утврди дека постојната законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транслицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. Пресудата е прва од ваков вид во Република Македонија и врз основа на неа државата треба да донесе законско решение со кое на брз, транспарентен и јасен начин ќе овозможи промена на личните документи (ознаката за пол и матичниот број). Во 2018 година се формираше и неформална организација „ТансФормА“ за правата на трансродовите луѓе, која интензивно работеше на градење на капацитетите на заедницата за застапување и активизам.

Сексуалните работници и понатаму се соочуваат со прекршување на своите права, а насилството кон нив од страна на различни чинители (партнери, посредници, клиенти, полиција) е сè уште клучен проблем. Во 2018 година организациите почнаа да се застапуваат за декриминализација на сексуалната работа по моделот на Нов Зеланд. За таа цел организираа тркалезна маса на која учествуваа клучните институции, кои изразија позитивни ставови за потребата од промена на моделот на регулација кон декриминализација. „Маршот на црвените чадори“ и оваа година беше клучен настан, со кој сексуалните работници добија голема видливост.

Во контекстот на ХИВ, 2018 година ја одбележаа две главни постигнувања: од една страна, беа обезбедени значајни стратешки информации кои даваат појасна и поцелосна слика за епидемијата на ХИВ во Република Македонија, а од друга страна, беше целосно воспоставена практиката на финансирање на активностите за превенција и поддршка насочени кон клучните популации засегнати од ХИВ, коишто ги спроведуваат граѓанските организации во рамките на Националната програма за ХИВ. Покрај тоа, повторно беше воспоставена Националната комисија за ХИВ при Министерството за здравство, во која, покрај претставници на релевантните институции, членуваат и претставници на граѓанскиот сектор и на дел од засегнатите заедници. Може да се каже дека со овие главни столбови, 2018 беше година на утврдување на националниот одговорот кон епидемијата на ХИВ, односно на ХИВ како социјален проблем.

Луѓето што живеат со ХИВ документираа три случаи на дискриминација во пристапот до здравствени услуги, поради ХИВ-позитивниот статус.

Луѓето што употребуваат дроги исто така продолжија да се соочуваат со дискриминација во здравството и со други прекршувања на здравствените права, што сè уште претставува клучен проблем на оваа заедница, заедно со повредата на нивните права од страна на полицијата. Во 2018 година се документирани три случаи на физичко насилство кон луѓе што употребуваат дроги од страна на полициски службеници.

Во однос на политиките за дроги се интензивираше застапувањето на декриминализација на личната употреба на дроги, со фокус на декриминализација на конопот. Но од друга страна, продолжија прогонот и криминализацијата на луѓето кои употребуваат дроги преку арбитрарниот и нецелисходен начин на примена на законската рамка.

Во 2018 година се актуализираше прашањето за немање програма за лекување на деца кои употребуваат дроги, а Министерството за здравство, заедно со клучните актери, подготви Предлог-програма која сè уште не е усвоена.

Состојбите во образованието, од аспект на превенција и заштита од силеџиство и дискриминација засновани врз род, родов идентитет и сексуална ориентација, не бележат значајно унапредување. Процесот на ревизија на учебниците е неизвесен и нетранспарентен, а граѓанските организации не се вклучени во него, и покрај многуте барања. Законот за високо образование доби парцијални измени и во однос на унапредување на еднаквоста и недискриминацијата, но не се вметнаа одредби преку кои се операционализираат овие заложби.

Кај медиумите отсуствува интерес за суштинско занимавање со проблемите на маргинализираните заедници. Беа документирани и случаи на неетичко известување и употреба на говор на омраза од страна на ограничен број медиуми во врска со програмата за ХИВ, стигматизација на сексуалните работници и говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето.