КД Дефиниции

 Намалување на штети

Под намалување на штети се подразбира збир на политики, стратегии и активности кои се стремат да ги намалат штетните последици од употреба на дроги и други психоактивни супстанции врз лицата кои употребуваат дроги, нивните семејства и пошироката општествена заедница. Главното делување е насочено кон неколку основни аспекти кои директно се поврзуваат со употребата на дроги и други психоактивни супстанции:

Здравствени (превенција на ХИВ/СИДА, хепатитис Б, Ц, предозирање, зависност, други здравствени проблеми)§
Социјални (здравствено осигурување, социјални услуги, семејство, заедница)§
Економски (подобрување на економската состојба)§
Правни (човекови права, намалување на криминално однесување)§
Останати последици поврзани со употребата на дрога§

Намалување на штетите е еден од трите комплементарни пристапа врзани за употребата на дрогите, во кои спаѓаат и намалување на понудата и намалување на побарувачката на дрога. Концептот на намалување на штети постојано се проширува и се стреми да опфати и други општествено-маргинализирани и ранливи групи како: комерцијални сексуални работници/чки, луѓе во затвори, луѓе кои живеат со ХИВ/СИДА, мажи кои имаат секс со мажи, ЛГБТ (лезбејки - геј - бисексуалци - трансексуалци).

Принципи

• Главен акцент на прагматични цели. Да се прифати фактот дека дрогите постојат и дека постојат луѓе кои употребуваат дроги кои можат и имаат право да побараат и да добијат помош која одговара на нивните специфични потреби.
• Воспоставување на хиерархија на ризици и краткорочни цели. Намалувањето на штетите воспоставува хиерархија од мали и лесно остварливи чекори кои, доколку се реализираат еден по еден, би воделе кон поздрав живот на корисниците, а и кон поздрава заедница .
• Употреба на повеќе различни стратегии. Не постои единствен пристап кој би бил соодветен за сите. Се вклучуваат стручни лица од различни области кои ќе имплементираат разновидни стратегии за намалување на штетите од употребата на дроги.
• Вклучување на лицата кои употребуваат дроги во самите активности. Активното учество на лицата кои употребуваат дроги е во срцето на програмите за намалување на штетите од употреба на дроги. Тие се незаменлив извор на информации, свесни се за потребите на целната група и имаат лесен пристап до други лица кои употребуваат дроги.
• Почитување на човековите права. Програмите за намалување на штети се залагаат за дестигматизација и ресоцијализација на лицата кои употребуваат дроги и почитување на нивните права на здравствено и социјално осигурување, слободно движење, самоизразување и животен стил и воопшто, правата кои ги има секое човечко битие. Игнорирањето и прекршувањето на нивните човекови и граѓански права, покрај тоа што е противзаконско, ги оневозможува ефикасните интервенции за превенција употребата на дроги и на ХИВ/СИДА, хепатитис и други сексуално и крвно преносливи инфекции.

Програми и интервенции за намалување на штетите

• Достапност и размена на стерилен прибор за инјектирање.
• Супституциски третман.
• Теренска работа и едукација.
• Депенализација на употребата на дроги.
• Медицинска и социјална помош.
• “Ран систем за предупредување” и тестирање на дрогите и психоактивните супстанции.
• Програми за алкохол.
• Програми за никотин.
• Мотивациско интервју.

Историски развој на Програмите за намалување на штети

Свет

Првите програми со концепт за намалување на штетите се започнати во првата половина и кон средината на ХХ век. Во 1920 година група лекари во Велика Британија доаѓаат до заклучок дека одржувањето со лекови е еден од можните третмани кои се неопходни за да им се помогне на лицата кои употребуваат дроги да водат функционален и стабилен живот. Подоцна во 1950-60-тите години почнува да се применува супституциона терапија со метадон за корисниците на опијати.
Првите програми за намалување на штети се појавуваат на почетокот на 80-тите години на ХХ век во Велика Британија, Холандија и некои држави на САД како одговор на хероинската епидемија и ризикот од проширување на ХИВ/СИДА, хепатитис и други сексуално и крвно преносливи инфекции. Од тој момент програми за намалување на штети почнуваат да се отвораат низ цел свет, а со тоа се појавува и потребата за подобро организирање на меѓународно ниво. Така, во 1990 година, на Првата меѓународна конференција во Ливерпул, Велика Британија, започнува “Движењето за намалување на штетите од употреба на дроги.

Република Македонија

Концептот на намалување на штети во Македонија почнува да се применува во почетокот на 80-тите години на ХХ век, со примена на метадонот при третман на мала група лица зависни од опијатни дроги, во ЈЗО Психијатриска болница “Скопје”, Скопје. Овој третман како организирана програма почнува да работи во 1994 година, како Центар за превентива и третман на злоупотреба и зависност од дроги во Кисела Вода, во рамките на ЈЗО Психијатриска болница “Скопје”, Скопје.
Како надополнување на работата на Центарот во Кисела Вода, во 1995 година се формира здружението на граѓани Доверба чија мисија е унапредување на лекувањето, рехабилитацијата и ресоцијализацијата на лицата зависни од дроги и други психоактивни супстанции.
Првата програма за размена на прибор за инјектирање е отворена како проект на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, инициран од самите лица кои употребуваат дроги, под името М.А.С.К.А. Веќе од следната 1997 година овие активности ги продолжува
ХОПС - Опции за здрав живот од Скопје. Во 2000 и 2001 година се отвораат нови програми за размена на прибор за инјектирање, Избор во Струмица и Виа Вита во Битола. Во текот на 2005 година се отворени уште пет програми за размена на прибор за инјектирање: ХОПС - Куманово во Куманово, Младински клуб во Штип, Зона-Кавадарци во Кавадарци, Опција - Охрид во Охрид и Хелп во Гостивар.
Како резултат на многубројните и разновидни активности наменети за целните групи, програмите за намалување на штетите успеваат да остварат поширока соработка со други институции и организации, во национални и регионални размери и да ја промовираат политиката на намалување на штети. Во 2003 година програмите за намалување на штети се вклучуваат во Националната стратегија за ХИВ/СИДА на Република Македонија. Во јуни 2005 година е формирана Македонската мрежа за намалување на штети во која членуваат повеќе организации, институции и стручни лица кои се занимаваат со намалување на штети, превенција на ХИВ/СИДА и човекови права.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

Влатко ДЕКОВ ет ал.
Намалување на штети и ХИВ. Прирачник. Скопје: ХОПС - Опции за здрав живот, 2006.

Harm Reduction: A British Columbia Community Guide, Ministry of Health, 2005.