Утврдена дискриминација во учебниците по етика на Темков

Утврдена дискриминација во учебниците по етика на Темков

По претставка на Коалицијата Маргини, Комисијата за заштита од дискриминација утврди вознемирување кон луѓето што употребуваат дроги и луѓето што живеат со ХИВ во учебниците „Етика за трета година“ средно образование и учебникот „Како да се биде добар. Етика за млади“ кој се користи на Филозофскиот факултет. Народниот правобранител исто така постапуваше по претставка за истите учебници и утврди дека содржините имаат елементи на дискриминација.

Содржините во учебникот изобилуваат со навреди, обвинувања, предрасуди и фаталистички позиции, без да земат предвид современите научни сознанија кои се косат со светогледот на авторот кој во учебниците се наметнува како единствено морален и исправен. Авторот во учебниците пласира и неточни тврдења од медицински аспект, цитира божји заповеди кои ги претставува како научи вистини и дава морални судови за интимните односи низ догматско-религиозна призма, помеѓу кои и тврдењето дека „неправењето прељуба е единствен начин на заштита на себе и на својот љубовен партнер од заразните болести и на достоен тек на врската“. Авторот зборува за СИДА/ХИВ како за „ужас на човештвото“ со што креира паника и погрешно ги информира учениците, особено ако се земе предвид дека повеќе 20 години ХИВ не е „фатален“ вирус бидејќи постои антиретровирусна терапија со која се овозможува здрав и квалитетен живот.

Комисијата за заштита од дискриминација препорача Министерството за образование и наука да води сметка учебниците кои се користат да не содржат дискриминација, а на Универзитетот Свети Кирил и Методиј му препорача дека и покрај слодобата на изразување, мора да води грижа за тоа „какви ставови им пренесува на студентите“.

Коалицијата Маргини ги поздравува заложбите и позитвните одлуки на Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација. Истовремено искажуваме загриженост за неконзистентната пракса на институциите кои во претходните случаи на дискриминација во учебниците, изречно препорачуваа и отстранување на дискриминаторкските содржини и нивно повлекување од употреба.

Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација како тела за човекови права треба да укажат дека универзитетската автономија и слобода на изразување на авторите не смее да се практикува на начин што ги повредува правата на граѓаните. Отсуството на јасна препорака за отстранување и ревидирање на спорната содржина во учебникот не придонесува кон елиминирање на дискриминацијата. Поради ова, го повикуваме Универзитетот Св. Кирил и Методиј конечно да преземе одговорност, да ја спроведе препораката на Комисијата за заштита од дискриминација и да ја отстрани проблематичнита содржина од конкретниот учебник, но и од останатите наставни материјали кои се користат за образование на студентите.

Лице за контакт: Драгана Дрндаревска
07820065
dragana.coalition@gmail.com