Женските организации ширум светот се соочуваат со стеснување на просторот за делување

Женските организации ширум светот се соочуваат со стеснување на просторот за делување

Шведската организација на Kvinna till Kvinna објави извештај под наслов “Угушување на движењето – стеснување на просторот за правата на жените” (PDF). Како резултат на зајакнувањето на национализмот, екстремизмот и традиционалните вредности, женските организации се соочуваат со големи пречки во нивната работа и залагањето за родова еднаквост и ненасилство.

Стеснувањето на просторот за организациите од граѓанското општество има негативно влијание врз сите организации, но особено влијае врз женските организации. Во патријархалното општество, жените се исклучени од позициите на донесување одлуки, па нивната борба за влијание и заштита на правата на жените се одвива во рамките на граѓанското општество. Истражувањата покажуваат дека феминистичкото движење е најважниот фактор во борбата против насилството врз жените. Но, што се случува кога граѓанското општество нема повеќе пристап до средствата за работа?

[Стеснувањето на просторот] буквално ги турка жените во ќош. Тие се бришат и тргаат од јавниот простор. На овој начин, напредокот што го направивме во изминатите неколку години се поништува” (либанска активистка)

Kvinna till Kvinna спроведе анкета во 32 земји, прашувајќи ги активистките за начините на кои се стеснува просторот за дејствување во нивните земји. Повеќе од 60% од испитаничките изјавиле дека нивниот простор за делување е стеснет, а главните причини за тоа се: страв на властите од промени, зајакнување на национализмот и анимозитет кон странски финансиски средства, како и конзервативните идеали.

Покрај тоа, 85% од испитаничките сметаат дека активистките за правата на жените на различни начини се погодени од намалениот број на опции за финансирање и зголемениот акцент на традиционалната улога на жената како негувателка (но не и политичка фигура).

Активистките, во извештајот исто така зборуваат за цената која мора да ја платат за да продолжат да се занимаваат со она со кое се занимаваат; за понижувањето, сексуалното вознемирување, нападите на нивните семејства, нивната сексуалност и угледот.

Сè се промени. Повеќе нема пари ниту слобода. Знаеме дека ќе ја нападнат нашата работа, не сакаат никој да се занимава со човекови права, бидејќи знаат дека тоа подразбира повеќе права за жените. (активистка од Египет)

Ограничувањето на граѓанскиот простор значи дека полето во кое жените можат јавно да ги искажат своите проблеми и да се борат за своите права, но и да си пружат взаемна поддршка, станува сè помало и помало, а во некои земји целосно исчезна.

Стеснувањето на просторот е обележано со ограничувањето на некои од основните права: слободата на собир, слободата на здружување и слободата на изразување.

Типични карактеристики на стеснување на цивилниот простор:

– Ограничување на пристапот до меѓународни здруженија за финансирање,

– Примена на дополнителни бирократски оптоварувања од страна на националните регулативи,

– Заплашување и напади врз здруженијата од страна на свештените и десничарски групи,

-Зајакнување на невладините организации под влијание на владата (GONGO),

– Намалување на можноста за учество на меѓународни состаноци и вмрежувања,

– Самоцензура.

Во Кувајт жените воопшто не би требало да бидат активистки, а кога се, ги обвинуваат за запоставување на домаќинството и дека се фокусираат само на себе. (активистка од Кувајт)

Имајќи го ова на ум, Kvinna till Kvinna предлага, меѓу другото, зајакнување на дипломатскиот и политички притисок врз репресивните влади и вклучување на дебати за човекови права во секој дијалог за надворешната политика, развојната соработка, миграцијата или трговијата; наоѓање на флексибилни и иновативни модели за финансирање на женските организации; обезбедување на поддршка за вмрежување и градење на проекти; и јакнење на улогата на делегациите и амбасадите на ЕУ во промовирањето на дијалогот со граѓанското општество.

Целиот извештај може да го прочитате тука.

Извор