Прославувајќи го ЛГБТ+ минатото, не можеме да ја игнорираме улогата на Велика Британија во извозот на хомофобија

Прославувајќи го ЛГБТ+ минатото, не можеме да ја игнорираме улогата на Велика Британија во извозот на хомофобија

Месецот на ЛГБТ+ историја е можност за прослава и размислување. Пред пет години, Вестминстер гласаше да дозволи истополови двојки да стапат во брак во Англија и Велс. И покрај тоа што сум 19-годишен студент кој живее во влажна соба без дечко, сè уште се сеќавам колку бев неочекувано емотивен кога ја слушнав веста. Но, како што е често случај со квир историјата, на прославата ѝ претстојат страдања и потиснување. Подоцна годинава ќе се навршат три децении откако Section 28 стапи на сила. Злогласната легислатива, која им забрани на локалните власти да ја промовираат или споменуваат хомосексуалноста, сè уште прогонува една генерација на ЛГБТ+ луѓе.

Ова е, исто така, првиот месец на ЛГБТ+ историја по прославата од минатото лето, која означи педесет години од делумната декриминализација на машката хомосексуалност во Англија и Велс. Внимателно нагласувам “делумно”, бидејќи иако Законот за сексуални прекршоци од 1967 година ја укинал казната за доживотен затвор за анален секс, тој сé уште дискриминирал. Геј сексот останал кривично дело, освен ако не се случува зад затворени врати. Сексот помеѓу повеќе од двајца мажи бил исто така нелегален, или ако двајца мажи биле снимени, фотографирани или гледани како имаат секс од друго лице. Застапникот за човекови права, Peter Tatchell, тврди дека апсењата на хомосексуалци се зголемиле за 300 отсто по 1967 година, а повеќе од 15.000 геј мажи биле осудени во следните децении. Во 1998 година (да, пред само 20 години) седум мажи во Болтон беа осудени за групен секс, а на двајца им беа одредени затворски казни.

Не ги спомнувам овие факти само за да се жалам. Она што сметам дека е значајно е начинот на кој тие уредно беа исполирани, по пат на прослава, од поголемиот дел од настаните и програмите во 2017 година. Наместо признание, минатото беше манипулирано за да се вклопи во весел наратив. Ова е олицетворение на тоа како западните нации, особено Британија, имаат тенденција да пристапуваат кон нашата историја, а тоа е уште поважно кога станува збор за угнетувањето на другите култури и малцинства.

Улогата на британското царство во извозот на хомофобични закони ширум светот совршено ја нагласува оваа состојба на намерно незнаење. И покрај новоформираната слика како глобален лидер во правата на ЛГБТ+, важно е да се потсетиме на британската историја на колонизирање нации и спроведување законски ограничувања за истополови активности. Во моментот, 36 од вкупно 52 земји-членки на Комонвелтот ја криминализираат машката или женската хомосексуалност. Многу од овие земји, вклучувајќи ги Маурициус, Бангладеш и Јамајка, ја криминализираат хомосексуалноста според законите што ги наметнала Велика Британија за време на колонијалната ера.

За да се одбележи месецот на ЛГБТ+ историја, британската влада не само што треба да се соочи со својата историја, туку и да се извини за улогата на Велика Британија во угнетувањето на квир луѓето низ светот?

Пред британската колонизација, либералните ставови кон сексот наголемо беа присутни во области како што се Карибите и Средниот Исток, кои сега често се карактеризираат од страна на западните медиуми како најлоши места во светот да се биде геј. “Пакистан е од регион кој историски бил либерален во однос на сексот. Дури и женственоста кај мажите била прославувана “, објаснува Qasim Iqbal, основач на Naz Male Health Alliance (NMHA), првата и единствена организација за правата на ЛГБТ+ во Пакистан. Во Пакистан, содомијата сè уште предвидува затворска казна до десет години според Кривичниот законик од 1860 година, која бил воведен од страна на Британците. “Кога белците дојдоа со своите христијански вредности, сè отиде во неповрат и се најдовме во оваа ситуација”, вели Iqbal.

Како и многу активисти од целиот Комонвелт, Iqbal силно верува дека е потребно извинување од Велика Британија. “Постои потреба од извинување, бесрамно извинување. Тоа треба да дојде од највисоката точка во владата “. Тој вели, продолжувајќи: “Силно верувам дека Велика Британија има одговорност не само да се извини, туку и да ги охрабри земјите да почнат да работат на декриминализација “.

Но, кои се аргументите против извинувањето?

Прво, постои загриженост дека доколку британската влада се извини, тие земји ќе очекуваат економски репарации. Додека ја прифаќам практичната реалност, овој аргумент носи колебање колку и кога ќе избегате откако сте изгребале нечиј автомобил бидејќи не сакате да платите за поправка. Велика Британија треба да се извини затоа што тоа е правилно. Неодамнешните извинувања од канадските и шкотските влади кон геј мажите осудени за сексуални престапи, исто така, докажуваат дека може да се искажат извинувања за да се избегнат ваквите последици.

Потоа следува прашањето зошто земјите како Јамајка не ги отстранија овие закони во годините откако беа воведени. Многу земји на Комонвелтот ги сменија законските кодови и декриминализираа, вклучувајќи ги и последните Белизе и Сејшели. Постојат и земји како Барбадос, кои ги ажурираа своите закони, но продолжуваат да ја криминализираат хомосексуалноста. Културни и правни бариери, од кои многу не постоеле пред Британија да ги наметне своите вредности и закони за време на окупацијата, сепак ги засегаат ЛГБТ+ луѓето на овие места секој ден.

Да се ​​очекува од сите држави со леснотија да ги укинат колонијалните закони, дури и во 2018 година, ја игнорира комплексната динамика создадена од колонијализмот. Donnya Piggott, основач на Barbados Gays and Lesbians Against Discrimination (B-GLAD), тврди дека системската хомофобија на Карибите и Западна Африка е дел од “културниот отпор” на западните вредности. “Постколонијалното искуство на угнетување значи дека луѓето гледаат на тоа да се биде квир како нешто што е странско или западно, така што веднаш сакаат да му се спротивстават”, објаснува таа. “Карибите сакаат да го запечатат својот суверенитет толку многу што даваат отпор на сè што е западно или наметнато врз нас”.

Активистот од Уганда Dr Frank Mugisha, исто така, го наведува овој отпор против западните вредности како пречка за неговата работа. Mugisha е извршен директор на Sexual Minorities Uganda (SMUG), најголемата организација за правата на ЛГБТ+ во Уганда. Тој верува дека извинувањето ќе биде ефективно, бидејќи огромното мнозинство на Уганда, вклучувајќи ги и политичарите, не се свесни дека “афричките” закони и вредности кои тие жестоко ги бранат првично беа наметнати од Британија. “Има многу Уганданци, кои не знаат дека овие закони доаѓаат од Британците”, објаснува тој. “Извинувањето може да ги запраша “зошто се држиме до овие колонијални закони?” ”

Но, исто така постојат и интернационални активисти кои се загрижени дека извинувањето би можело да им ја отежне работата. ЛГБТ+ активистката од Намибија, Linda Bauman, верува дека воспоставувањето на јасен наратив, преку консултации со активисти од целиот Комонвелт, е клучно за да се избегне ова. “Треба да дефинираме што би значело извинувањето. За што ви е жал? Што значи тоа за мене?” Таа објаснува, продолжувајќи: “Ако сите не се на иста страна, тоа би можело да го зголеми ризикот некои земји да донесат нови хомофобични закони”.

За среќа веќе постои рамка за ваквиот дијалог да се случи. Во 2017 година Commonwealth Equality Network (TCEN) стана првата ЛГБТ+ организација која доби акредитација на Комонвелтот, овозможувајќи им на активистите да ги стават проблемите на ЛГБТ+ на меѓународната агенда. Кога канадските и шкотските парламенти им се извинија на хомосексуалците за историски хомофобичните закони во 2017 година, блиската соработка меѓу двете влади и организациите членки на TCEN, Egale Canada и Equality Network, резултираше со помирување на граѓаните и државата.

Месецот на ЛГБТ+ историја е време за прослава, но исто така и за размислување. Покрај квир луѓето кои се сеќаваат на жртвите и успесите на нашата заедница, владите треба да размислуваат за своите активности кон ЛГБТ+ луѓето, и дома и во странство. Со толку многу ЛГБТ лица кои сè уште се соочуваат со криминализација и прогон како резултат на колонијализмот, императив е британската влада да го признае своето хомофобично наследство.

Во говорот од октомври минатата година, Theresa May призна дека Велика Британија има “посебна одговорност” за промена на срцата и умовите. Но, време е да се однесат овие зборови подалеку и да се претворат во дела. По соработката со активистите од целиот Комонвелт за воспоставување на пат што ќе функционира за сите, Велика Британија треба да ја потврди својата посветеност на глобална ЛГБТ+ еднаквост со конечно извинување за ова грдо поглавје од својата историја.

Извор