#СегаКажувам: Разговор што мора да продолжи

#СегаКажувам: Разговор што мора да продолжи

Анонимна жена го држи слоганот #MeToo. (Заслуга: Pixabay)

 

Пишува: Елена Гаговска
* Елена Гаговска е студентка/активистка на Bard College Berlin која редовно пишува блог постови за политика и активизам.

Прв пат кога некој ме допре без моја дозвола бев во основно училиште. Мислам дека бев седмо одделение свртена наназад кон другарките што седеа на клупата зад мене. Едно момче ненадејно ме грабна за левата града. Носев виолетов џемпер и градник кој едвај ги оформуваше моите гради што сѐ уште растеа. Барем мислам дека тоа беше првиот пат. Ова се случуваше многу често во основно; дефинитивно го искусија многу мои другарки.

Се обидов да проговорам. Ѝ кажав на класната наставничка а таа им се развика на момчињата во одделението пред сите девојчиња, им кажа дека не е во ред. Сепак не следуваше никаква дисциплинска мерка. Повеќето момчиња (барем во моето одделение) продолжија да ги пипкаат девојките без дозвола, а училиштето веројатно не сакаше да се расправа со дисциплинирање на толкав број на ученици. На крајот, одговорот на нашите поплаки најчесто беше „такви се момчињата“. Ете се наоѓаат во фаза кога ги откриваат сопствените сексуални нагони, и очигледно беше дека никој немаше да преземе нешто за да ги спречи момчињата.

Се сеќавам на два настани од основно. Првиот е кога „популарните“ момчиња исмеваа едно не толку „популарно“ момче, еве ќе го наречеме Филип, затоа што немаше допрено девојче за газ. Дури се сеќавам дека самата мислев колку е чудно тоа. Самата, иако девојка, ја прифатив родовата логика на соучениците, апсорбирана и одиграна од нив. Машкоста претставуваше сексуална моќ над феминизираните луѓе. Секако, на крајот Филип се стекна со овој белег на машкоста. Никој од возрасните не им кажа дека ваквата логика е штетна, затоа што, се разбира, тоа беше логиката и на светот на возрасните.

Другото сеќавање е како стојам на крајот во училницата каде се одржуваа часовите по Македонски јазик и литература, и преговарам за мојата сексуална безбедност со еден од гореспоменатите популарни момчиња.

„Ако ми дадеш да те фатам за газ ќе те оставам,“ ме уверуваше тој.

„Добро,“ неволно се согласив. Ме фати за газ. Но не беше последен пат. Не ме изненади кога го прекрши ветувањето.

По основно училиште ваквите случки продолжија затоа што тие момчиња, па и оние пред нив, се развија во млади возрасни луѓе. Дел од нив пораснаа во тинејџери што свиркаа и довикуваа по девојки. Други во момчиња кои не ги сметаа за рамноправни сопствените девојки. Станаа чичковци кои прават несоодветни муабети за време на семејниот ручек. Голем дел од нив се најдоа на врвот на професионалната хиерархија и како мажи можеа да ја злоупотребуваат сопствената позиција на моќ. Потоа, се разбира, некои станаа сексуални предатори и силувачи. Некои од нив не ги познаваме, но дел од нив многу добро ги знаеме. Затоа е потешко да се раскажат приказните од овој тип.

Не напишав #СегаКажувам (#MeToo) кога почна кампањата затоа што не сакав да ги исплашам моите родители со фактот дека нивната ќерка била сексуално злоупотребена. А сепак, требаше да напишам. Дефинитивно. Веројатно дел од мене не сакаше да напише затоа што е мачно да се зборува за период кога сум се почувствувала нападнато. Но мора да се зборува за тоа. Така што, да, и јас исто така сега кажувам, за жал. Еве само дел кога ова ми се случило:

Три пати свиркаа и довикуваа по мене кога тргнав да се сретнам со пријатели во еден кафич во Скопје. Беше 15.00 часот во јули и носев фустан.

Еден ден за време на зимскиот распуст кога си одев дома средовечен човек си ја поправаше колата, среде ноќ, и викна по мене „дојди кај мене срце“. Беше 2.30 наутро, а јас носев сиво волнено здолниште, имав 16 години и бев сама.

Еднаш за време на преглед, едниот лекар му рече на другиот, „нели ти фаќа она око?“ Во текот на сите прегледи кај тој лекар ова беше најмалку навредливо во споредба со тоа што ми го имаше кажано претходно – на еден друг преглед ме буцна за газ. Носев фармерки и маичка. Беше 13.00 часот во болница.

За време на една забава еден познаник праша дали може да ме грабне за задник за да го оцени. Му реков не, но тој сепак ме грабна. Ме оцени со осмица. Ми рече и јас да го оценам неговиот задник, а јас го допрев за да се убедам дека допирањето не беше недозволено, иако дефинитивно беше. „Имам девојка, ама прашањето е колку можеш да ќутиш“, рече и се припи до мене подоцна на забавата иако неколку пати му реков дека не сум заинтересирана. На крајот се откажа. Бев трета година средно. Беше јули месец и носев сино здолниште.

Еднаш на Александарплац (Берлин) еден тинејџер – веројатно 16 или 17 години – се стрчна кон мене и ме грабна за града. Неговите другари го повлекоа настрана, а еден од нив ми подаде рака како награда затоа што ме спасил од лошиот другар. Му подадов рака затоа што сакав да си заминат. Бев со уште двајца други пријатели кои исто така беа запрепастени. Едниот се вкочани, другата почна да им вика – соодветни реакции. Беше 4.00 часот наутро во август и носев шорцеви.

Кога бев во Фридрихсајн (Берлин) еден човек се обиде да ме следи по празна улица. Се уплашив и во возот ѝ пишав на еден пријател кој предложи да си купам пепер спреј. Се смирив дури стигнав до станицата С+У Панков, но ми се приближи друг човек за да ме праша за насока. Му кажав каде да оди но тој тргна по мене и ми рече дека имам убави очи. Ме покани да прошетаме заедно но му одговорив дека сакам да си одам дома. Потоа директно ме праша дали се плашам од него, на што повторив дека сакам да си одам. Си замина, но паничните напади продолжија речиси во текот на целата ноќ. Тоа беше пред два месеци, во 02.00 часот изутрина, носев фармерки и чизми на потпетица.

Моите искуства не се баш најстрашни. Далеку од тоа. Текстов не го пишувам заради деталите на моите искуства. Го напишав заради сличностите меѓу моите искуства и искуствата на другите жени [*1]. Затоа што не се работи за збирка на анегдоти, се работи за признавање и демонтирање на систем што ги произведува овие анегдоти.

Сепак, не изненадува фактот што движењето #MeToo (и #СегаКажувам) крена прашина токму преку анегдоти. Кога непрепознатливото чудовиште ќе добие човечки лик, проблемот станува поконкретен. Сепак, проблемот кога одредени индивидуи се асоцираат со одредени општествени проблеми е тоа што луѓето се склони да го врзуваат тој проблем со одредена личност. Ликот на сексуалната злоупотреба повеќе не е неконкретен машки лик; сега е ликот на Харви Вајнштајн. Слушам како луѓето зборуваат дека Вајнштајн е перверзен. Не грешат. Но зборуваат за Вајнштајн небаре тој е единствениот маж што се однесувал така. Зборуваат за него небаре нивните пријатели, браќа и татковци никогаш не би се однесувале така. Зборуваат за него како жените што ги знаат никогаш да немале некаков Харви во нивните животи. Сексуалната злоупотреба и напад се апстрахираат зад замислата за моќни мажи кои пак се кријат зад асистентите, адвокатите и други моќни пријатели така што не ни помислуваме дека можеби овие проблеми се присутни и во нашите потесни кругови.

За да му се спротивставиме на доминантниот сексизам не е доволно да гледаме како богатите актерки облечени во црни фустани од познати дизајнери на Златните глобуси ни говорат за овие теми или пак како нивните моќни машки двојници бидуваат соборени. Да, дефинитивно е потребно мажите како Вајнштајн или Трамп да бидат јавно обвинети. Сепак, доколку ја насочиме казната само кон нив, без да размислиме за систематските промени неопходни за да се редуцира (па дури и да се искорени) сексуалната злоупотреба, нема никогаш да ја добиеме битката. Но не се работи само за дисциплински/казнени мерки за сексуалните престапници. Се работи за разговор со пријателите, семејствата и заедниците за тоа од каде потекнува сексистичкото однесување и како може да се спречи. Овде ќе ја цитирам Џесика Делгато во натписот на Public Seminar:

„Ова се времиња за интроспекција за мажите. Времиња за ризици и храброст и за жените и за мажите. Никому не му е забавно. Болно е и страшно, искуството трауматизира и повторно трауматизира. Нарушува и разрушува. Ќе се изгубат пријателите. Семејствата ќе бидат уништени. Заедниците ќе напукнат.“ [*2].

Делгато пишува за престојниот тежок, но неопходен разговор. И покрај уверувањата од страна на некои поединци, хегемонијата не е феминистичка. Општествата се изградени врз родовите улоги, сексизмот и мизогинијата. Се боревме за многу работи, од правото на работа, правото на глас, до правото за абортус. Дел од борбите сѐ уште се во тек. Но нашите борби не стремат единствено кон правни победи. За вистинско ослободување на жените и човекот, неопходно е да се работи на деконструкција на патријархалните структури кои нѐ засегаат сите нас. Иако родот како комплексен концепт заслужува повеќе од кратко објаснување во еден натпис, многумина од нас веќе сфаќаат дека се работи за општествена конструкција. Одредени однесувања, како што е агресијата, се поттикнуваат кај мажите но не и кај жените. Родот и родовите улоги се толку сеприсутни што влијаат на облеката што ја носиме, играчките со кои децата си играат, кој плаќа на први љубовни состаноци, кој е главен во приватната и јавната сфера. Токму овие родови улоги, покрај многу други, го создаваат патријархалниот вредносен систем според кој живееме – истиот систем кој ги учи мажите да се однесуваат на одреден начин во присуство на жени. Бидејќи нашите родови улоги во секојдневието го обликуваат нашиот живот, неизмерно тешко е да се напуштат истите, да не зборуваме за демонтирање на системот со чија помош се одржуваат. Сепак, демонтирањето нема да започне се додека го апстрахираме концептот за патријархатот или последователната сексуална злоупотреба само на Холивуд. Мора да сфатиме дека патријархатот и мизогинијата како системи го прогонуваат секој аспект од нашиот живот. Точно, влијаат и опстојуваат преку пријателите, семејството и саканите, како и преку сите Вајнстајни во светот. Но овие луѓе не се нужно лоши или непоправливи заради тоа. Едноставно потребно е многу труд, и тоа од сите.

Во дискусијата за сексуалното насилство често се истакнува дека понекогаш родовите улоги се спротивни и дека жените исто така можат да бидат насилниците. Секако постојат исклучоци, и секако мажите можат да бидат жртви на сексуално насилство (вообичаено извршено од други мажи) [*3]. Тоа не значи дека мажите жртви на сексуална злоупотреба не треба да го користат хаштагот, но се чини дека #MeToo (и #СегаКажувам) пред сè ги лоцира структурите со кои се дозволува честото сексуално насилство над жените од страна на мажите. Во случаи на сексуален напад најчесто напаѓачите се мажи, а мнозинството жртви се жени – не само затоа што во просек жените се физички послаби од мажите, туку затоа што постои култура која ја поттикнува машката сексуална доминација и агресија, а истовремено не верува дека жените можат да бидат предмет и жртва на истите однесувања.

Сепак, не можат сите што на некој начин настрадале од патријархатот да проговорат за доживеаното. Без оглед на тоа колку е ограничена, сепак јас имам платформа преку која можам да пишувам за искуствата. За жал, #MeToo не го привлече светското внимание се додека познатите актерки не ги споделија своите приказни. Повеќето не се запознаени со фактот дека црнкињата Тарана Бурк ја започна првичната кампања во 2007 година. Најнемите жртви на сексуално насилство се токму оние што немаат општествена и економска моќ, тоест маргинализираните луѓе како што се жените од другите раси, од работничката класа, лица со хендикеп, квир и транс луѓето. Во текот на интервју дадено за    Democracy Now! Бурк изјави:

„За Ар Кели, Бил Козби или Харви Вајнштајн секогаш постои сопственикот на маалската продавница, тренерот, наставникот, соседот, и тие го прават истото. Но не посветуваме внимание се додека не се јави некое познато име. И не посветуваме внимание се дури не се работи за позната личност. Мора постојано да се работи на ова затоа што овие работи се сеприсутни [*4].“

Во одредена смисла, Тарана Бурк проговори за продорната природа на патријархалните вредности со кои се поттикнува однесување кое води кон сексуална злоупотреба. Проблемот не е само во Холивуд; се работи за општествен проблем. Добро е што злоупотребата на моќните мажи може да послужи како пример. Меѓутоа доколку само ги казниме овие мажи без притоа да се адресира нашата култура на мизогинија, во која често не им се верува на жртвите на сексуална злоупотреба и напад, нема да стигнеме до вистински прогрес кој ќе овозможи придобивка за мнозинството. Акциониот план против злоупотреба предложен од страна на влијателните холивудски актерки, како што е Ева Лонгорија, повлекува и точка за „фонд за правна одбрана, поддржан со 13 милиони долари во донации, со цел да им се помогне на помалку привилегираните жени“ [*5], со што се потврдува класната димензија на проблемот. Да, ова е добар почеток, но разговорот мора да биде поопширен.

Ќе се навратам на момчињата и девојчињата спомнати на почетокот на натписот, затоа што таму почнува приказната која се одигрува од почеток со секоја генерација. Секако нема да биде лесно да се одгледа дете ослободено од патријархатот и мизогинијата откако самите родители биле израснати и живееле во рамките на ваков систем, но дефинитивно е возможно да се одгледаат идни генерации кои ќе бидат барем помалку сексистички настроени од претходните. Сепак, постои надеж. Промените постојано се случуваат, а промената кон подобро не е невозможна. Мојата помала братучетка ми се пожали дека некои момчиња викале по нејзе од далечина, а таа го оцени тоа како свиркање и довикување („catcalling“). Таа и нејзината генерација веќе имаат термини со кои би се именувало таквото проблематично однесување додека јас немав ни слушнато за феминизам се до прва или втора година во средно. Не сакам да кажам дека работата е завршена, но дискурсите се менуваат, а тоа е добро. Можеби начинот на кој ние ќе ги воспитуваме нашите деца и општествените вредности ќе се соединат наскоро.

Секако овој процес нема да се одвива брзо; тешко е да се адресираат вака длабоко вкоренетите проблеми. Не се лесни дискусиите за родот со семејството или пак кога познаниците од машки род го користат зборот „Феминази“, ниту пак да се пишува за случки кога не си се чувствувала безбедно заради некој маж. Со зборовите на Делгато: „Говориме иако не сакаме“ [*6]. Во право е. Барем знам дека јас самата не сакам. Ми беше бескрајно неудобно да се напише текстов, но сепак еве сум. Исто така и вие.

Белешки:

 

  1. Мажите исто така се жртви на сексуална злоупотреба и напад, но во натписот се фокусирам на лицата што се претставуваат или се воочуваат како жени.
  2. Delgato, Jessica. The Reckoning. Public Seminar. December 26, 2017. http://www.publicseminar.org/2017/12/the-reckoning/
  3. http://www.michigan.gov/documents/datingviolence/DHS-DatingViolence-MaleSurvivors_198439_7.pdf
  4. Meet Tarana Burke, Activist Who Started “Me Too” Campaign to Ignite Conversation on Sexual Assault. Democracy Now! October 17, 2017.
  5. Buckley, Cara. Powerful Hollywood Women Unveil Anti-Harassment Action Plan.The New York Times. January 1, 2018. https://www.nytimes.com/2018/01/01/movies/times-up-hollywood-women-sexual-harassment.html?module=ArrowsNav&contentCollection=Movies&action=keypress&region=FixedLeft&pgtype=article.
  6. Ибид Делгато.

Извор