28 Dec Претседателот на државата е без основни познавања за родовата (не)еднаквост
Факти: 78% од жртвите на физичко насилство се жени додека 98% од сторители на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот 2013-2016. Над 3/4 од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Секоја втора жена во Македонија е жртва на психичко насилство, секоја четврта жена е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство.
Платформата за родова еднаквост реагира на изјавата на Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во обраќањето пред пратениците во Собранието на Република Македонија на 26.12.2018 година, каде посочи дека ратификацијата на Истанбулската конвенција со себе носи и одредени ризици, односно дека Конвенцијата „воведува нова и неконвенционална дефиниција на родот како општествен конструкт што е независен од биолошкиот пол и што може да се менува според волјата”.
Ваквата изјава на Претседателот Иванов покажува основно непознавање на меѓународната и националната рамка за заштита од родово засновано насилство и дискриминација. Дефинирањето на родот како поим кој ги означува општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите претставува основен чекор во борбата за еднаквост меѓу мажите и жените. Впрочем, оваа дефиниција е и основата за донесување на меѓународните и националните документи кои го третираат прашањето за родовата (не)еднаквост и за нејзиното надминување. Разбирањето на родот како социјален конструкт, а со тоа и дефинирањето на родовите улоги не е воопшто новост нити во политичката теорија, нити во правото, напротив поминато е повеќе од половина век од првите констуктивистички теории. Оттука, нејасно е како претседател на една држава и на сите граѓани и граѓанки може да се спротивстави на дефиниции кои придонесуваат за надминување на историската и фактичката нееднаквост меѓу мажите и жените.
Несогласувањето со ратификацијата на Истанбулската конвенција воедно значи и одобрување на родова заснованото насилство, особено ако се земе предвид дека дефинирањето на родот како социјален конструкт е проблематично за Иванов. Наметнатите и прецизно дефинирани родови улоги и норми се појдовната позиција која генерира насилство и шовинизам во сите општествени сфери. Со ваквата изјава претседателот се залага за презервирање на родовите улоги и норми кои генерираат насилство кон жените. Претседателот е уплашен и од фактот што согласно одредбите на конвенцијата се нуди заштита од насилство и дискриминација на родовите и сексуалните малцинства, со што претседателот директно застанува против заштитата од дискриминација, вознемирување и насилство кон ЛГБТИ луѓето, со што го поттикнува истото и го негира нивното право на живот.
Со почит,
Платформа за родова еднаквост*
За повеќе информации:
Неда Чаловска Димовска
Телефон: 077 699 411
Имејл: neda.calovska@mhc.org.mk
* Организации членки:
- Tiiiit! Inc.
- Бори се женски
- Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
- Здружение женски форум
- Здружение за еднакви можности Семпер
- Здружение за локален рурален развој
- Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска
- Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените
- Институтот за општествени и хуманистички науки
- Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
- ЛезФем
- Мрежа за заштита од дискриминација
- Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
- Националниот совет за родова рамноправност
- Организација на жени на град Скопје (ОЖС)
- Организација на жените на општина Свети Николе
- Организација на жените “Кумановка“
- Реактор – Истражување во акција
- ТАКТ
- Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
- Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
- Хуманитарно Здружение „Мајка“