07 Sep Отворено писмо до политичките партии, подносители на листите на кандидати за Локалните избори 2017 година
07.09.2017
http://rodovaplatforma.mk/
Платформата за родова еднаквост ги повикува подносителите на листите на кандидати за Локалните избори 2017 година да се заложат за родова балансираност на кандидатските листи, бидејќи само ако се овозможи еднаква застапеност меѓу кандидатите, ќе може да се очекува намалување на родовиот јаз во бројот на избрани градоначалници и градоначалнички, а со тоа и во репрезентативноста.
Родовата рамноправност е фундаментално право, но нееднаквата застапеност е реалност која за жал доследно се повторува во историјата на независна Република Македонија. Во 1996 и 2009 година ниту една жена не била избрана за градоначалничка, а на последните локални избори во 2013 година, кога родовиот јаз е најмал, биле избрани 19 пати повеќе градоначалници отколку градоначалнички (избрани 76 мажи наспроти 4 жени).
Имајќи ги предвид различните програмски определби на политичките партии изложени на последните парламентани избори, родова балансираност особено очекуваме од политичките партии кои декларативно се заложија за унапредување на родовата еднаквост во Република Македонија и многу пати во јавноста ја потенцираа(т) посветеноста и заложбата кон системско подобрување на состојбата со родовата нееднаквост во сите сегменти на општествениот живот.
Во предизборната програма на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, едно од ветувањата е зголемување на квотите за учество на жените во политиката со цел да се достигне сооднос 50:50 во 2020 година. Дополнително, во Програмата на Владата за 2017- 2020 година се истакнува дека Владата на Република Македонија ќе води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот, како и воспоставување на посебно владино тело за родова рамноправност кое ќе се грижи за имплементација на родовата перспектива во креирање на политиките и буџетите.
Наспроти декларативните заложби, потсетуваме дека во составот на новата влада само на 4 министерски позиции се жени, додека од вкупно 67 именувани функционери и директори вршители на должност на органи и државни управи што се во надлежност на Владата, само 5 се жени.
Крајно време е родовата еднаквост не само декларативно туку и во пракса да биде дел од приоритетите на политичката агенда доколку сакаме да видиме суштински промени и намалувања на растечките родови нееднаквости во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери во општеството. Бараме од политичките партии родова балансираност на кандидатските листи на локалните избори и сите следни избори, како клучен предуслов за поголема застапеност на жени на политичките функции, а со тоа и во рамноправното застапување на интересите на сите граѓани во земјата. Време е за 50:50.
Со почит,
Платформата за родова еднаквост*
* Организации членки:
- ЗГ за промоција на женската активност Тиииит! Инк.-Скопје
- Бори се женски
- Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
- Здружение женски форум
- Здружение за еднакви можности Семпер
- Здружение за локален рурален развој
- Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска
- Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените
- Институтот за општествени и хуманистички науки
- Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
- ЛезФем
- Мрежа за заштита од дискриминација
- Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
- Националниот совет за родова рамноправност
- Организација на жени на град Скопје (ОЖС)
- Организација на жените на општина Свети Николе
- Организација на жените “Кумановка“
- Реактор – Истражување во акција
- ТАКТ
- Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
- Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
- Хуманитарно Здружение „Мајка“