Моќ на народот: Истражување на квир ослободувањето на Marsha P. Johnson (прв дел)

Моќ на народот: Истражување на квир ослободувањето на Marsha P. Johnson (прв дел)

Можеби мојата омилена слика на Марша П. Џонсон – а има многу за избор – доаѓа од протестите за геј ослободување од 1970 година кај болницата во Белви, каде лекарите користеа шок третмани за “лекување” на хомосексуалците. Во огромно крзнено палто, Џонсон се потпира на аголот на една зграда, со цигара која виси од нејзината рака. Во другата рака, таа држи постер со едноставни букви кои испишуваат: “МОЌТА НА НАРОДОТ”.

Кои луѓе? Сите луѓе. Но, особено нејзиниот народ: квир луѓе, улични луѓе, активисти, уметници, транс жени, дрег кралици, сексуални работници, сиромашните, бездомниците и оние кои се борат со ментална болест. Во време кога било која од овие работи би можела да те однесе во затвор или во мртовечница, Џонсон беше сите тие работи врзани во неуреден пакет, со прекрасна, треш машна на врвот.

Постерот не е она штој ја прави сликата толку привлечна. Всушност, нешто што недостасува на фотографијата ме привлекува кон неа. Направете пребарување на слики на Google од Џонсон и ќе добиете страница по страница со резултати кои ја прикажуваат со насмевка која е широка како 14-та улица. Се смешка во клуб; насмеана зад аголот; насмеана на фотографија од Енди Ворхол; насмеана на сцената со Hot Peaches; насмеана додека нејзината најдобра пријателка Силвија Ривера ја фрла тупаницата во воздух; се смешка дури и кога остатокот од нејзиното лице изгледа исцрпено; насмеана на промотивен продажен таг од хипстерскиот, Urban јебемти Outfitters; насмеана, насмеана, секогаш насмеана.

Но, не и во Белви. Дијана Дејвис, фотографката, ја фати Џонсон во моментот кога нејзината маска беше спуштена. Во превртените агли на нејзината уста има трепет на радост, но во 1970 година, по 25 години смеење, тоа беше само обликот на лицето на Џонсон. Нејзината насмевка беше нејзиниот меч и штит, и да се биде таа – значеше секогаш да доаѓа вооружена и заштитена. Таа насмевка ја одржуваше жива – сè додека не го стори тоа.

Можеби изгледа чудно да се сугерира дека Дејвис – бела, цисродова квир жена, позната за документирање на раното движење за геј ослободување на источното крајбрежје – би можела да ја фати Џонсон во ранлив момент на одмарање. На крајот на краиштата, ако има нешто што би требало да знаеме за белите лезбејки во 70-тите е дека многу од нив беа злокобно трансфобични сепаратисти кои не даваа простор за транс жените. Секако, и те како постоеше овој вид на малициозен, родово-фашистички “феминизам”, кој сè уште постои денес. Но, тоа е едвај целосната приказна. Џонсон добро се сложуваше со лезбејките, па дури и присуствуваше на неколку состаноци на Ќерките на Билитис, првата национална лезбејска организација во Америка. Во активистичкиот геј свет од 1970-тите, и лезбејките и транс жените (од кои многумина го користеле зборот “трансвестит” за да се опишат себеси), често беа маргинализирани заради нивниот пол.

“Геј сестрите немаат дотолку лошо мислење за трансвеститите”, изјави Џонсон во интервјуто од 1971 година во книгата на Карла Џеј Out of the Closets: Voices of Gay Liberation. “Геј браќата имаат лошо мислење”. Кога ја гледам фотографијата на Дејвис, сакам да мислам дека можеби ова е лицето што Џонсон го видела во огледалото тоа утро, пред да го зацементира со таа насмевка што и’ овозможи да го преживее светот што едвај го признаваше нејзиното постоење, а камоли да ја слави нејзината брилијантност.

Во последно време честопати ја гледам таа фотографија. Секој пат кога ќе слушнам за уште една убиена трансродова црна жена (барем десетина пати оваа година), ја вадам фотографијата. Секој пат кога гледам некое ново оддавање на почит кон Марша П. – документарен филм, краток филм, пофалба за нејзиното присуство во немирите во Стоунвол – повторно ја гледам. Се обидувам да сфатам како стигнавме овде, на местото каде што можеме да ја спомнеме Џонсон како “Светицата од Кристофер Стрит”, но сепак го игнорираме конзистентното насилство со кое се соочуваат нејзините транс ќерки и внуци. Како можеме да го фетишизираме присуството на Џонсон во Стоунвол, но сепак ги игнорираме нејзините барањата за квир заедницата и светот во целина.

Мислам дека нејзината насмевка е голем дел од таа приказна.

Марша П. Џонсон е родена во Елизабет, Њу Џерси, на 24 август 1945 година, близу крајот на Втората светска војна. “П” во нејзиното име означува “не Плаши се”. Најголем дел од животот живеела во нимбусот на Њујорк, но таа секогаш одржувала блиска врска со нејзиното семејство во Џерси, според Ал Мајклс, нејзиниот внук.

Сега на 36 годишна возраст, Мајклс се сеќава дека “било како празник” кога Џонсон ќе ги посетела и дека децата ја сакале, бидејќи им носела подароци: монистра, бонбони и цвеќиња. Нејзината мајка ја терала Џонсон да облече машка облека кога ќе влезела во куќата, но секогаш, Џонсон се ослободувала од неа до следната посета. “Ја фрлаше кошулата веднаш”, вели Мајклс низ смеа. “‘Ти се допаѓа? Еве, твоја е”. Бабата на Џонсон можеби не одобрувала, но тоа секогаш било проткаено со љубов, вели Мајклс. И кога Џонсон ќе се најдела во незгодна ситуација- како кога била пријавена за изгубена во Хобокен, носејќи само долна облека – нејзината фамилија секогаш ја земала и ја носеле дома или во болница.

Меѓутоа, ако секој ден бил како празник со Џонсон, тогаш вистинските празници биле екстра. “Ќе излезеа од возот, Марша и 15 или 20 нејзини пријатели”, вели Мајклс. “Нашата куќа беше полна со луѓе што танцуваат”. Секој што ја сретнал Џонсон се сеќава на овој аспект на нејзината личност: нејзината смешна, великодушна природа, што ве тера да се чувствувате како да сте на најкул забавата во градот.

И често, Џонсон присуствуваше на најкул забавите во градот. Беше членка на анавгардната дрег група Hot Peaches, со кои ја посети Америка и Европа, изведувајќи комични песни и поезија. Таа беше фотографирана од Енди Ворхол, кој исто така ја наслика како дел од серијата транс портрети “Дами и господа”. Еднаш, се сеќава Мајклс, додека бил диџеј во Њујорк, го извадил албумот на Earth, Wind, and Fire, кога препознал слика од Џонсон на омотот.

Marsha 1 0

Но, Џонсон беше икона чие влијание се чувствуваше подалеку од Њујорк. Режисерот Стефан Винтер, кој неодамна работеше како консултантски продуцент на новиот документарен филм на Дејвид Франс, “Смртта и животот на Марша П. Џонсон” (премиерно на 6 октомври на Netflix), се сеќава дека слушнал за Џонсон во 1990 година, кога бил свежо радикализиран 20 годишен учесник во ACT UP Чикаго. “Луѓето мора да разберат”, вели тој по телефон едно попладне, “пред да има Снепчет и Фејсбук, квир ТВ или геј ликови или геј книги, постоеше Марша, шетајќи наоколу”.

Џонсон е симбол за она што црната квир феминистичка мислителка Алексис Полин Гимс го опишува како “никогаш стрејт”: оние квир пионери кои не можеа или не сакаа да ги сокријат своите разлики и на тој начин ја принудија нивната настраност да биде јавно признаена каде и да отидат. Речиси секогаш, тие разлики се манифестираа низ полот, и затоа, секогаш и повторно, луѓето со родови варијанти беа во првите редови на квир бунтот, како што е Стоунвол.

 

Извор