Отворено писмо до македонската влада

Отворено писмо до македонската влада




















СВАН – Мрежа за промоција на правата на сексуалните работници во Централна и Источна Европа и Централна Азија








Отворено писмо до македонската влада по однос на притворот, присилното тестирање и тужбите поднесени против сексуалните работнички во Македонија во ноември, 2008

 

 

Будимпешта, 5ти декември 2008-12-08

 

Почитувани:

 

Г-ѓо Гордана Јанкулоска, Министер за внатрешни работи,

Г-ѓо Анета Станчевска, Вице-Премиер за внатрешни работи и главна на Секторот за внатрешна контрола

Г-дине Иџет Мемети, Народен правобранител

Г-дине Бујар Османи, Министер за здравство

 

Ние, поддржувачи и претставници на интернационалната заедница на сексуални работници и организации и индивидуалци кои ги промовираат човечките права, најостро ги осудуваме актуелните полициски акции и присилното тестирање за СПИ на сексуални работнички во Скопје, Македонија, во ноември 2008.













Во тие полициски акции, МВР на неколку начини изврши сериозни прекршувања на човековите права на граѓани на Република Македонија.

Со дозволувањето и повикувањето на медиумите да ги снимаат и фотографираат приведените сексуални работнички и потоа со објавувањето дека седум од нив се обвинети за кривично дело, МВР двапати го прекршија правото на презумција на невиност. Исто така, МВР ги откри идентитетите на на обвинетите, и покрај тоа што судска одлука не беше донесена.

Македонскиот Устав, највисокиот правен акт на Републиката, пропишува  презумција на невиност: „Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.[1]

Понатаму, Уставот пропишува дека „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба.”[2] Во полициските акции само сексуалните работнички беа присилно тестирани, додека приведените клиенти не биле ниту присилени на тестирање, ниту обвинети за интенционално ширење на инфекции.

Било која земја која бара членство во ЕУ мора да ги исполни условите поставени во Член 49 и принципите изнесени во Член 6(1) од Договорот за Европската Унија. Релевантните критериуми беа утврдени од Европскиот Совет во Копенхаген во 1993 и засилени од Европскиот Совет во Мадрид во 1995.

За да стане дел од ЕУ, новата земја членка треба да исполни три критериуми, меѓу кои првиот е политички: стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на законот, човекови права и почит и заштита на малцинства.

Оваа незаконска акција од страна на македонската полиција сериозно и  наштети на македонската позиција во својата молба да стане дел од семејството на европски нации.

Дозволувајќи им на медиумите да објавуваат фотографии и снимки од приведените сексуални работници и со објавувањето на имињата на улиците каде тие работат, Министерството за внатрешни работи ги изложи на потенцијално насилство не само сексуалните работнички кои работат на тие улици, туку и било која жена која во иднина ќе се најде таму. Ние бараме да се преземат мерки за да се спречи потенцијалното насилство на наведените улици и региони.

Присилното тестирање за СПИ експертите за човекови права го сметаат за нечовечко и деградирачко, а медицинските професионалци за неетичко и контрапродуктивно во однос на контрола на инфекции. Светската Здравствена Организација и УНАИДС во нивното Упатство за ХИВ тестирање и советување во здравствени установи, издадено во 2007, препорачуваат дека:

 

  1. Секое ХИВ тестирање мора да биде доброволно, доверливо и изведено со согласност на пациентот.
  2. Пациентите имаат право да го одбијат тестирањето. Не смеат да се тестираат за ХИВ против нивната волја, без нивно знаење, без адекватни информации и без да ги добијат тест резултатите.
  3. Информирањето пред тестот и советувањето по тестот остануваат интегрални компоненти на процесот на ХИВ теститање.
  4. Пациентите треба да добијат поддршка за да се избегнат потенцијални негативни последици од знаење и откривање на нивниот ХИВ статус, како дискриминација или насилство.

 

Со обвинување на Хепатитис-Ц позитивните сексуални работнички за интенционално заразување на граѓаните и со откривање на идентитетот на обвинетите, властите ги подриваат напорите на програмите за превенција во главните општествени текови и ќе ги обесхрабрат и исплашат македонските граѓани да вршат доброволно тестирање.

 

Ги повикуваме медиумските куќи, новинарските асоцијации и медиумските репортери да бојкотираат слични идни повици од страна на полицијата да ги снимаат обвинетите пред да се изречат судски пресуди. Во такви случаи медиумите се користат како инструменти за незаконска деградација и стигматизација на обвинети кои се невини додека не се докаже спротивното.

Информирано учество и известување за такви акции е не само неетичко, туку е и учество во незаконско дело.

Ги повикуваме македонските граѓани да застанат во одбрана на човековите права на сексуалните работници; сексуалните работници се луѓе и треба човечки да се третираат. Сите ние треба да ги браниме човековите права на секој граѓанин, затоа што ако нечии права се прекршени, нашите се загрозени. Вчера евреите, јеховините сведоци и ментално онеспособените, денес сексуалните работници, хомосексуалците и ромите, утре секој од нас би можел да биде жртва на незаконско приведување, насилство, деградација, присилно СПИ тестирање и вербално напаѓање во медиумите, освен ако не создадеме општество во кое законите се спроведуваат еднакво за сите и сите се еднакви пред законот.

Ние имаме разбирање за грижата за здравјето и благосостојбата на македонскиот народ, но благосостојбата на една група никогаш не е оправдана со репресија на други, особено на маргинализирани и стигматизирани социјални групи како сексуални работници, МСМ, и претставници на ЛГБТ заедницата.

Секоја акција на националните агенции за спроведување на законот која ги има за цел овие ранливи групи мора да биде во консултација и координација со Министерството за здравство и агенциите за социјална работа.

Бараме Министерството за Внатрешни Работи да ги истражи причините, процедурите и последиците од апсењата и присилното тестирање и да се потсети дека самата суштина на агенциите за спроведување на законот е да се обезбеди владеење на законот и демократијата и да се гарантираат човекови права и граѓански слободи[3] за сите граѓани во државата.

Имајќи ги предвид сите интернационални договори и спогодби поврзани со човекови права потпишани од Република Македонија, бараме такви репресивни акции да не се преземаат во иднина и сите прекршувања на правата на приведените да се исправат. Сигурни сме дека Македонија има потенцијал во понатамошното развивање на граѓанската и демократската состојба.




[1] Параграф 2, Член 13 од Устав на Република Македонија

[2] Параграф 2, Член 9 од  Устав на Република Македонија, http://www.b-info.com/places/Macedonia/republic/Constitution.txt

[3] Види Преамбула на Устав на Република Македонија, http://www.b-info.com/places/Macedonia/republic/Constitution.txt