03 Aug Како нацистите го уништија првото движење за LGBTQ права
Неодамна, германската влада го прифати законот со кој ќе се избришат осудите на десетици илјади германци кои под анти-геј законот, познат како Paragraf 175 се осудени заради хомосексуални дела. Станува збор за закон кој е донесен во 1871 година, кога е создаден првиот модерен германски законик.
Законот е укинат во 1994 година, но постоело сериозно движење кое се залагало за неговото укинување уште во 1929 година, како дел од поширокото движење за правата на LGBTQ луѓето, кое се случило непосредно пред нацистите да дојдат на власт и да го прошират анти-геј законот со кои се обиделе да ги искоренат геј и трансродовите европјани/ки.
Приказната за тоа колку Германија (и поголемиот дел на Европа) била блиску до ослободување на своите LGBTQ граѓани/ки пред да се случи насилен пресврт на истиот тој тренд под новите авторитарни режими, е лекција која покажува дека историјата на LGBTQ правата не бележела константен напредок.
Во текот на 1920-те во Берлин постоеле речиси стотина геј и лезбејски барови и кафулиња. Виена имала десетина геј кафулиња, клубови и книжарници. Во Париз, одредени квартови биле познати по слободниот ноќен живот за геј и транс личности. Дури и Фиренца имала геј кварт, како и други помали европски градови.
Филмовите почнале да прикажуваат симпатични геј ликови. Се организирале протести против навредливите прикази на LGBTQ луѓето во печатот или на сцената, а медиумските претприемачи сфатиле дека постои средна класа на геј и транс читатели на кои можат да им ги пласираат своите производи.
ОВАА НОВА ЕРА НА ТОЛЕРАНТНОСТА ЈА ПРЕДВОДЕЛЕ ЛЕКАРИ И НАУЧНИЦИ КОИ НА ХОМОСЕКСУАЛНОСТА И ТРАНСВЕСТИЗМОТ (ЗБОР КОЈ ВО ТОЈ ПЕРИОД ГИ ВКЛУЧУВАЛ ТРАНСРОДОВИТЕ ЛУЃЕ) ПОЧНАЛЕ ДА ГЛЕДААТ КАКО ПРИРОДНА ОСОБИНА СО КОЈА НЕКОИ ЛУЃЕ СЕ РАЃААТ, А НЕ КАКО ИЗОПАЧЕНОСТ. ПРИКАЗНАТА ЗА ЛИЛИ ЕЛБА И ПРВАТА СОВРЕМЕНА ПРОМЕНА НА ПОЛ НЕОДАМНА Е РАСКАЖАНА ВО ФИЛМОТ THE DANISH GIRL И Е ОГЛЕДАЛО НА ОВИЕ ТРЕНДОВИ.
На пример, во Берлин се отворил Институтот за сексологија во 1919 година. Таму е склопен зборот транссексуално, а луѓето можеле да добијат советување и други услуги. Директорот на институтот, dr. Magnus Hirschfeld бил советник во случајот на промена на пол на Лили Елба.
Со институтот била поврзана и организацијата Научно-хуманитарен комитет (гер. Wissenschaftlich-humanitäres Komitee). Водејќи се од мотото Со наука до правда, оваа група на научници/чки и LGBTQ луѓе промовирала еднакви права тврдејќи дека LGBTQ луѓето не се девијантни или ненормални.
Повеќето европски метрополи биле домаќини на огранокот на групата која спонзорирала разговори и барала укинување на германскиот Paragraf 175. Со помош на останатите либерални групи и политичари/ки успеале да влијаат на германското парламентарно собрание кое репорачало повлекување на законот во 1929 година.
СИТЕ ОВИЕ СЛУЧУВАЊА НУЖНО НЕ ЗНАЧЕЛЕ КРАЈ НА СТОГОДИШНАТА НЕТОЛЕРАНЦИЈА, НО 1920-ТЕ И ПОЧЕТОКОТ НА 1930-ТЕ ИЗГЛЕДАЛЕ КАКО ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ. ОД ДРУГА СТРАНА, ПОГОЛЕМАТА ВИДЛИВОСТ НА ГЕЈ И ТРАНС ЛУЃЕТО ГИ ПРОВОЦИРАЛА НИВНИТЕ ПРОТИВНИЦИ.
Еден француски новинар, жалејќи се на видливоста на LGBTQ луѓето во јавноста, напишал: “болеста ја корумпира секоја средина.” Берлинската полиција негодувала заради зголемениот број на списанија наменети за геј мажите, кои ги нарекле “непристојни новинарски материјали“. Во Виена, предавањата на Научно-хуманитарниот комитет биле преполни со поддржувачи на LGBTQ заедницата, но едно од предавањата било нападнато од група на млади луѓе со смрдливи бомби.
Во 1933-та година парискиот градски советник го нарекол морална криза фактот дека геј луѓето, кои тогаш се нарекувале ‘настрани’, може да се видат во јавност. “Далеку од тоа дека сакам да станам фашист”, изјавил советникот, “но мора да се сложиме дека тој режим имаше и добри страни. Еден ден Хитлер и Мусолини се разбудиле и сфтаиле дека скандалот траел предолго и настраните биле протерани од Германија и Италија уште следниот ден.”
Заради подготвеноста на жртвување на малцинствата во замена за нормалност или напредок, невозможно е да не се види сличноста помеѓу тогашните времиња и оние во кои живееме сега.
Во текот на 1930-те Големата депресија ширела економска нелагодност, а политичките расправии во европските парламенти се претварале во улични борби помеѓу левицата и десницата. Фашистичките партии на европјаните им нуделе стабилност по цена на демократијата. Тврделе дека толеранцијата кон малцинствата го дестабилизира општеството. Ширењето на слобода им пружило можност на непожелните да ја поткопаат сигурноста и да и се заканат на традиционалната морална култура. Геј и транс луѓето биле очигледни мети.
Она што се случило следно ја покажува брзината на ударот со кој се уназадаил прогресот на цела една генерација.
Еден ден, во мај 1933 година, студенти/ки во бели кошули марширале пред берлинскиот Институт за сексологија, дотогашното засолниште за LGBTQ луѓе, нарекувајќи го не-германски. Подоцна толпата ја запалила библиотеката на институтот, а директорот бил уапсен.
Кога во 1934 година нацистичкиот водач Адолф Хитлер требало да ги оправда апсењата и убиствата на бившите политички сојузници, рекол дека биле геј. Ова го покренало анти-геј фанатизмот, а Гестапо отворил и посебен анти-геј огранок. Само во текот наследната година, Гестапо уапсил повеќе од 8500 геј луѓе, веројатно користејќи го пописот на имиња и адреси кој бил запленет во Институтот за сексологија. Не само што не го укинале Paragraf 175, како што препорачала парламентарната комисија неколку години претходно, туку го прошириле и продолжиле.
Како што Гестапо се ширел низ Европа, се ширел и нивниот лов. Во Виена се повикувале сите геј луѓе од полициските пописи на испитување во кои се обидувале да извлечат уште имиња. Посреќните оделе во затвор. Оние со помалку среќа оделе во Buchenwald и Dachau. Во окупирана Франција, алзашката полиција соработувала со Гестапо и уапсила најмалку 200 геј луѓе и ги испратила во концентрационите логори. Италија и нејзиниот фашистички режим опседнат со мажественост, во текот на војната испратила најмалку 300 геј луѓе во брутални кампови, прогласувајќи ги за “опасни за интегритетот на расата“.
КОНЕЧНИОТ БРОЈ НА УАПСЕНИ LGBTQ ЕВРОПЈАНИ ПОД ФАШИЗМОТ Е НЕВОЗМОЖНО ДА СЕ ЗНАЕ ЗАРАДИ НЕДОСТАТОК НА СИГУРНИ ПОДАТОЦИ. КОНЗЕРВАТИВНАТА ПРОЦЕНКА ВЕЛИ ДЕКА САМО ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНАТА СЕ УАПСЕНИ ПОМЕЃУ ДЕСЕТ И СТО ИЛЈАДИ ЛУЃЕ.
Во таквите грозоморни услови уште повеќе LGBTQ луѓе во Европа ја криеле својата сексуалност за да одбегнат било каков сомнеж, на пример стапувајќи во брак со припадници/чки од спротивниот пол. Сепак, доколку луѓето пред доаѓањето на власт на фашистите биле истакнати членови/ки на геј и транс заедницата, како што на пример била сопственичката на берлинскиот лезбејски клуб Lotte Hahm, било предоцна за криење. Hahm исто така ја испратиле во концентрационен логор.
Во камповите, геј луѓето биле истакнати со розев триаголник. На овие ужасни места, мажите со розев триаголник биле систематски злоупотребувани. Механички ги силувале, кастрирале, ги користеле за медицински експерименти, а чуварите ги убивале од садистички пориви дури и кога не биле осудени на ликвидација. Еден геј маж своето преживување го препишал на фактот дека го заменил својот розев триаголник за црвен, ознака дека е комунист. Неретко, и другите затвореници/чки ги малтретирале.
Повеќе не сме во Европа од 1930-те. Површните споредби помеѓу тогашните и сегашните времиња доведуваат до поповршнни заклучоци. Но заради новите облици на авторитаризам кои се засадени и сакаат да се прошират низ Европа, вреди да се размисли за судбината на европските LGBTQ заедници од 1930-те и 1940-те. Тоа е навремена порака/поука откако Германија ги легализираше истополовите бракови и една година откако истото го стори и американскиот Врховен суд.
Германија во 1929 година била на чекор од тоа да го укине анти-геј законот, но набрзо го потрошила. Дури сега, после 88 години, поништени се осудите донесени под тој закон.