Универзалните човекови права не познаваат граници Шведската ЛГБТ изложба ’Член 1 и Музеј Нестрејт’ се отвора во Скопје!

Универзалните човекови права не познаваат граници Шведската ЛГБТ изложба ’Член 1 и Музеј Нестрејт’ се отвора во Скопје!

 Член први е патувачка ЛГБТ изложба на некои од најеминентните музеи во Шведска, и нуди преглед на историскиот и современиот живот на ЛГБТ-лицата, првично поставена во Стокхолм за време на Европрајд, во летото 2008 година. Откако беше поставена на Балтик прајд во Рига, во Белград и Сараево, го имаме задоволството да ја претставиме изложбата и во Скопје, во Чифте Амам (Национална галерија на Македонија), од 22.02-15.03. 2012г.

 

Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“. Така вели првата реченица од првиот член на Декларацијата за човекови права усвоена од Обединетите нации. Но она што не може да се види значи дека и не постои. А на личност којашто не постои ѝ се негираат сите права. Ако сте лезбијка, хомосексуалец, бисексуалец или имате транс-родов идентитет, сите суштински права – правото да се држите за рака со љубената/иот во јавен простор; правото да не бидете дискриминиран/а на работното место; правото да живеете под еднакви услови како и другите двојки – потекнуваат токму од првиот член: правото да бидете видени.

 

Музеите и изложбите сочинуваат значаен дел од нашиот поглед на светот. Овде, нашето културно наследство и колективна меморија се визуелизираат и се претставува она што е значајно – и она што не е. Долго време нашите музеи потфрлија во дискусијата на историјата и конкретните искуства на ЛГБТ-лицата. Тие не ги признаваа еднаквите права на сите луѓе.

 

Затоа, ни причинува големо задоволство и гордост да ви претставиме одредени ретки записи на историјата и современиот живот на ЛГБТ-лицата.

 

Изложбата е сочинета од неколку помали изложбени дела, секое од нив произведено од различните музеи. Секој дел раскажува различна приказна која има заеднички предмет – ЛГБТ историјата.

 

Музеите кои со свој материјал земаат учество во изложбата се: Нобел Музејот, Шведскиот Полицискиот Музеј, Шведскиот Национален музеј на технологија и наука, Шведскиот музеј на армијата, Шведскиот национален музеј на антиквитети и Шведскиот музеј на спортови.

 

Шведската изложба ќе биде проследена и со локална контрибуција која ќе се состои од две поставки: ’Сексуалноста на архивата’ и ’Емоционална архива на нехетеросексуалните искуства во Македонија’.

 

Изложбата ќе биде проследена и со дводневна интернационална конференција на тема: Не/Видливо: Политичките и сексуални режими на архивата. Првиот ден од конференцијата, 23.02, ќе се фокусира на темите поврзани со ’Музеите и човековите права. Улогата и одговорностите на јавните инстититуции денес’, додека вториот дел, 25.02, ќе ги отвори прашањата за ’Национализмот, културата, историјата и сексуалноста’.

 

Локални партнери во организацијата на настанот се: Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници’, Институтот ’Евро-Балкан’, Чифте Амама-Национална галерија на Македонија, Амбасадата на Шведска во Скопје и Амбасадата на Шведска во Белград.