31 May Народниот правобранител утврди дискриминација во учебниците по психологија на Државниот Универзитет во Тетово
Народниот Правобранител позитивно се произнесе по претставката на Коалицијата СЗПМЗ и утврди дискриминаторска содржина во учебници по психологија на Државниот Тетовски Универзитет. Претставката се однесуваше на дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата и лицата кои живеат со ХИВ, во учебниците „Психопатологија на деца и млади“ од авторката Гордана Станковска и „Медицинска Психологија“ од авторките Гордана Станковска и Муќереме Руси.
Авторките на горенаведените учебници исто така се произнеле дека „ќе бидат отстранети сите пропусти, така што ќе бидат прифатени сите предлози и сугестии на Народниот правобранител, со што терминологијата и ставовите кои не се совпаѓаат со најновите меѓународни стандарди и документи за овие категории на лица , ќе бидат отсранети или адекватно изменети…“
Дел од спорните содржини зборуваат за хомосексуалноста како пореметувања и нарушувања кои според авторките можат да се отстранат (излекуваат) доколку „…се отстранат пречките во развојот на сексуалноста и се достигне половиот идентитет.“ Авторките тврдат дека „Хомосексуалните настапи во пубертетот и младоста треба да ги сфатиме како нарушувања во психосексуалниот идентитет…“ Додека за ХИВ пишуваат дека „веднаш по откривањето, AIDS заболувањето е поврзано со постоењето на две ризични групи луѓе: хомосексуалци и наркомани, кои се дрогираат интравенски.“ Со сите овие изјави се врши дискриминација и вознемирување врз основа на сексуална ориентација, потпирајќи се на застарени сфаќања кои во современата научна мисла се одамна надминати и не се во согласност со научните сознанија.
Во постапувањето на Народниот правобранител, тој се обратил до Наставно-научниот совет на Филозофскиот Факултет при Државниот Универзитет во Тетово каде се користат овие учебници, со што побарал и сугерирал на потребата установата доследно да се придржува и да постапува согласно Уставот, законите и меѓународната регулатитива која ја опфаќа наведената тематска сфера. Од факултетот се произнеле дека „објавените книги и наставни помагала се издадени во време кога се користела наведената терминологија која е поврзана со психосексуалниот развиток и неговите пореметувања/отстапувања“ иако книгите се издадени во 2006 и 2011 година, а хомосексуалноста не е болест/пореметување уште од 1990 година.
Коалицијата СЗПМЗ и ЛГБТ Јунајтед Тетово ја поздравуваат заложбата на Народниот правобранител и одлуката на Филозофскиот факултет на Државниот Универзитет во Тетово за повлекување на спорните содржини. Бараме согласно известувањето кое го добивме од Народниот правобранител, во најбрз можен рок спорните содржини да бидат повлечени, што значи уште еден чекор напред кон отстранување на дискриминаторските содржини во високото образование и негово трансформирање во еманципаторно образование кое ќе промовира почитување и унапредување на човековите права, наместо нивно загрозување.
Лице за контакт: Драгана Дрндаревска
078200675
coalition.org.mk