Биографија на ХОПС

Биографија на ХОПС

hopsХОПС – Опции за здрав живот е здружение на граѓани кое започна со работа во 1997 година како прв проект во Република Македонија за размена на опрема за инјектирање.

 

Од тогаш има развиено програми за: намалување на штетите од употреба на дрога, превенција на ХИВ/СИДА и други сексуално и по крвен пат преносливи болести, социјална реинтеграција и ресоцијализација на младите и други ранливи групи во Република Македонија.

Блиско соработувајќи со медиумите, владините и невладините организации како и со меѓународни агенции, ХОПС стана член и соработник во повеќе иницијативи во национални, а и регионални/меѓународни рамки:

  • Член на Национална мултисекторска комисија за ХИВ/СИДА при Владата на Р.Македонија;
  • Член на Националната експертска група за превенциј , третман и намалување на штети при Министерство за Здравство;
  • Член на ХИВ/АИДС Цивил Социетѕ Форум при Европската Комисија во Брисел
  • Член на Техничката работна група при Тематската група за ХИВ/СИДА при Обединети нации во Република Македонија;
  • Координатор на Работната група за намалување на штетите од употреба на дрога при Градското координативно тело за борба против дрогата во Скопје;
  • Еден од оснивачите на Коалицијата за намалување на штетите од употреба на дрога за Југоисточна Европа и организатор на Првата Конференција за намалување на штетите за Југоисточна Европа која се одржа во Скопје на 10-ти декември 1999 година;
  • Основач на Македонската мрежа за намалување на штети;

Во 1999 година ХОПС ја разви и организираше Втората национална кампања за превенција на ХИВ/СИДА во Македонија.

Во 2000 година ХОПС го започна првиот проект за превенција од ХИВ/СИДА и социјална помош на сексуалните работници и нивните семејства.

Во 2001 година ХОПС работеше на проширување на своите активности во уште три градови во Македонија (Струмица, Битола и Охрид) започнувајќи со теренски активности за превенција на ХИВ/СИДА и други КСПИ и помош на корисниците на дрога и нивните семејства. Крајната цел беше основање на Македонска мрежа за намалување на штетите, која ќе работи на мобилизација на ресурси за  поддршка и јакнење на невладиниот сектор во Р. Македонија.

Македонската мрежа за намалување на штети со 20 основачки членки (организации и поединци) беше основана во јуни 2005.

Во 2002/2003 заедно со две партнер организации (Лим-Пид и Арт Форум) се вклучи во глоблната иницијатива “Што секој адолесцент има право да знае” поддржана од УНИЦЕФ чија цел е ХИВ/СИДА превенција и намалување на ризичното однесување меѓу младите преку нивно активно учество.

Во 2003 започна со реализација проект за “Мапирање и превенција на скриена проституција и трговија со луѓе меѓу млади од 14-18”.

Во Ноември 2004, во партнерство со Министерството за здравство започна со имплементација на активностите од Националниот координиран одговор за ХИВ/ СИДА во Р.Македонија, подржан од Глобалниот Фонд за борба против ХИВ/СИДА, маларија и туберкулоза. Во склоп на овој проект ХОПС подигна 5 нови програми за намалување на штети во Куманово, Кавадарци, Штип, Охрид и Гостивар. Со продолжувањето на проектот во Април 2008, ХОПС започна со развивање на 3 нови програми за поддршка на сексуални работници во Струмица, Битола и Гостивар.

Во 2007, ХОПС во соработка со УНИЦЕФ и локалните самоуправи од 6 града го води проектот за изработка на Локални акциони планови за превенција на ХИВ/СИДА во Тетово, Гостивар, Куманово, Битола, Прилеп и Штип, како и изработка на локална стратегија и акционен план за дроги на Град Скопје.

Во 2008, ХОПС во соработка со Министерство за образование и наука го започна истражувачкиот проект “Брза проценка и одговор за креирање програми и проекти за примарна и секундарна превенција на употреба на дроги во средните училишта во Скопје”.

ХОПС има реализирано голем број на истражувања од кои публикувани се следниве:
– Опијатно предозирање во Р. Македонија – Преваленца, ризични фактори и интервенции, 2006
– Отворена Скопска Сцена, 2005
– Проценка на ставовите  и сознанијата на средношколската популација за феноменот на скриена проституција и трговија со луѓе, 2004

Промовирајќи ја важноста на цивилниот сектор во процесот на демократското управување ХОПС даде иницијатива  и поддршка за основањето на седум нови НВО-и: ХЕРА, РОНДО – Музичко училиште, ЛИМ-ПИД Здружение за развој на уметноста и културата, ПАСАЖ – Асоцијација за заштита на правата на корисници на дрога, Младински центар ПОГОН, ЗОНА – Кавадарци и Младински клуб – Штип.

За своите активности ХОПС има обезбедено донации и поддршка од: Министерство за Здравство на Р. Македонија, ФИООМ, Линдесмит центар, УНДЦП, Светска здраствена организација, УНИЦЕФ, Американски комитет за бегалци, УНХЦР, Светска банка, Центар за информирање и документирање при Советот на Европа – Скопје, Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт – Македонија, Министерство за образование, ИТЗ, ИОМ, ПСИ – Романија, ДФИД, УСАИД, ОБСЕ, Проект ХОУП, Х-У Фонд на Солидарноста и Глобален Фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија.