АЛТЕРНАТИВНА ИСТОРИЈА НА СЕКСУАЛНОСТА ВО КЛУПСКАТА КУЛТУРА: ЧЕТВРТИ ДЕЛ

АЛТЕРНАТИВНА ИСТОРИЈА НА СЕКСУАЛНОСТА ВО КЛУПСКАТА КУЛТУРА: ЧЕТВРТИ ДЕЛ

Превод: Јулија Мицова

Хаус и кваито во Јоханесбург /

Постојат бројни приказни кои потекнуваат и подалеку од Европа и Севера Америка, но Лерато Кати од најголемиот град во Јужна Африка може да ни каже нешто за развојот на квир денс сцената таму. Кати раководи со продуцентската куќа Uzuri Recordings и Uzuri Artist Bookings & Management, со изведувачи како Портабл, Тево Хауард, Диџеј Кју и Левон Винсент. Заедно со Тама Сумо и Портабл/Бодукоуд исто така ко-раководи со продуцентската куќа Süd Electronic.
Кати потекнува од Совето, црнечко гратче вклучено во Јоханесбург во 2002 година. Се сеќава дека при крајот на 1980тите години веќе имала пристап до Чикаго хаусот, најчесто преку касети донесени од братучедите и пријателите кои студирале во САД. Во тоа време телевизијата исто така претставувала значаен извор за нова музика. „Се сеќавам кога го гледав видео спотот на Дерил Пенди, „Love Can’t Turn Around“ бев крајно фасцинирана од неговиот импозантен лик“, вели. „Истото се случи и со Силвестер“.

###

 

Во 1990тите години за прв пат присуствува на рејв журка во стара кино сила во областа Јеовил, на која се сеќава како „религиозно искуство што драстично ми го промени животот“. Пред да наполни 20 години го отвора „Планет Хендон“, клуб сместен над кафе барот во кој работи тогаш. „Кај нас постои долга традиција на црнкињи да водат барови – наречени „shebeens“, вели Кати, „а шефиците на овие нелегални биртии беа нарекувани „Шибин Кралици“. Всушност, таа продолжила со семејната традиција на водење клуб, бидејќи во 1950тите години баба ѝ била џез „шибин“.

###

Да бидеш квир претставувало проблем во 1980тите и 1990тите години, особено во соседствата околу Јоханесбург. „Никој не смееше да признае дека не е хетеросексуален. Тие што оддаваа дури и трошка поинаков изглед страдаа од страшно насилни последици.“

 

Главните квир пријателски настроени клубови во 1990тите се наоѓаа во побогатите белечки соседства, како на пример „4th World“ првиот хаус клуб во Јоханесбург, како и клубовите „Embassy“ и „Idols“.
Иако денс музичката сцена ширум светот е преплавена со расни поделби, завештанието на Апартхејдот особено се истакнува во Јоханесбург. Во тоа време Кати се дружи со мултикултурна група сочинета од белци, Индијци, Кинези и црни Јужно Африканци, исклучителна група. „Повеќето нè нарекуваа „United Colours of Benetton“. Пресвртницата за квир црниците се случи кога Бренда Фаси, „Кралицата на Кваито“ призна дека е бисексуална. „За многумина црни квир луѓе тоа претставуваше клучен момент“, вели Кати. „Во центарот на Јоханесбург квир луѓето станаа повидливи. Најчесто се среќаваа во барови во трговските центри секој петок“. Сепак, постоеше потреба од заштита и тајност: лозинката за влез во баровите беше „abangani“, кој на Зулу јазикот значи „пријатели“.
Но работите се променија од 1990тите години наваму во Јоханесбург. Кати се врати во градот во 2012 година за да дознае дека повеќето од познатите клубови исчезнале: „Центарот во Јоханесбург наликуваше на напуштен град“. Од друга страна пак, се забележувала поголема видливост на геј мажите на улиците во градот. „Млади, убави и модерни црни квир луѓе. Глетката беше прекрасна, иако сè уште постоеше брутално насилство кон црните лезбејки, кое верувам е поврзано со патријархалноста“.

 

„Клубот наречен Ронда“ во Лос Анџелес /
Сепак дел од алтернативните истории се од неодамна. „Клубот наречен Ронда“ (A Club Called Rhonda) опстојува со ист интензитет од 2008 година како клуб отворен кон секакви сексуалности и квир луѓе, со мултиетнички месечни настани посветени на „полисексуално жестоко журкање“, како што велат организаторите“. Посетителите за клубот зборуваат во женски род, а тие познати под името „Рондити“ дознаваат за настаните преку социјалните медиуми. Првите настани беа одржани во гватемалска дискотека, потоа клубот се пресели во сала за фламенко настапи за на крај да заврши во историскиот мексикански ноќен клуб, Лос Глобос. „Клубот наречен Ронда“  го водат Грегори Александар и Лорен Граник, двајца пријатели со потекло од „многу различни социјални кругови, [но] кои сепак уживаат во истата музика и идеализираните сказни за легендите на ноќниот живот – клубовите „Paradise Garage“, „The Loft“, „Continental Baths“, Студио 54, итн.“
Нивното пријателство-партнерство ја симболизира мисијата на „Клубот наречен Ронда“: Александар е геј, додека Граник е стрејт, а нивната цел е со настаните што ги организираат да ги спојат двете сцени. „Кога почнавме сцената во Лос Анџелес беше прилично сегрегирана“, објаснува Александар. „Постоеја безброј општествени стигми или бариери кои не дозволуваа луѓето да се дружат“. Но вели и дека бил длабоко незадоволен од насоката во која тргнала мејнстрим геј денс сцената: „Ме ужасува помислата дека геј заедницата претставува депонија за меинстрим поп преработки“.

###
###
###

 

Обајцата почувствувале потреба од „безбедно место за девијантните, место каде геј и стрејт ноќниот живот нема да биде толку раздвоен туку ќе се поттикнува мешањето“, во Лос Анџелес, вели Граник. За Александар, „Клубот наречен Ронда“ не е ниту геј ниту стрејт клуб, па дури ни бисексуален клуб, напротив „сето тоа и повеќе; место каде етикетите паѓаат и се рушат ѕидовите заради добра журка“.

 

Се прави голем напор сексуалните идентитети да се измешаат сосема за да се создаде нешто пофлуидно. „Секој од посетителите претставува прилика“, вели Александар.
Сепак, постојат безбројни предизвици во организирањето на настани на кои посетителите без проблем би си играле со сопствениот идентитет. „И пред тоа имавме проблеми со родот и сексуалноста во клубот“, вели Александар. „Кога одиш на нова локација и работиш со нов тим за обезбедување мора да се разјасни дека сè е допуштено. Нема правила за начинот на облекување, нема предрасуди и во никој случај нема насилство“. Друг проблем со кој понекогаш се соочуваат е „културниот шок“ на одредени посетители кои за прв пат доаѓаат во клубот. „За мене тоа е супер“, истакнува Граник, „но некои луѓе воопшто не се подготвени за активностите што се случуваат во клубот додека го слушаат омилениот музичар или диџеј“.

 

Многу повеќе / 
На прашањето за влијанието врз нив како промотори, момците што стојат зад „Клубот наречен Ронда“ набројуваат цел список од меѓународни промотори и клубови:   „Mustache Mondays“ во Лос Анџелес, „Abracadabra“ во Њујорк, „Exctasy“ во Портланд, „Honey Soundsystem“ и „Hard French“ во Сан Франциско, „Fancy Him“ во Токио, „Berghain/Panorama Bar“ во Берлин, и „Vogue Fabrics“ во Лондон. Всушност, приказните поврзани со сексуалноста и денс музичката култура ни приближно не се при крај, за минатото и за сегашноста.
Можеме да се навратиме на денс музичката историја во Торонто и да ги проследиме подемите и падовите на квир ангажираноста, од дискотеките „Church Street“ и рејв журките во напуштените складишта во 1990тите години до легендарниот ноќен клуб „Industry“, озлогласениот клуб „Barn“ поплавен со поперс, „Comfort Zone“ во кој се наоѓаше сè друго и многу други „after-hours“ места.

###

 

Има што да се кажува и за диско и пост-диско периодот во Сан Франциско, и меѓународниот профил со кој се стекна како град со најголема концентрација на познати диџејки (види книгата на Ребека Фаруџиа „Beyond The Dancefloor“).
Секако, многу може да се напише и за берлинската електронска музичка сцена, мешавина од целовечерни журки на кои се соединуваат геј, лезбејките, транс, етничките квир луѓе, стрејт и другите – иако ретко сите во еден клуб.
Не смееме да заборавиме и на етничките настани кои ја надминуваат денс музичката историја или црно-белата расна политика, како што се јужно азиските и средноисточните денс настани во многу градови: „Gayhane“ (Берлин); „Jai Ho“ (Чикаго); „Besharam and Rangeela“ (Торонто); „Urban Desi“ и „Club Kali“ (Лондон), „Sholay“ и „Color Me Queer“ (Њујорк). Не спомнавме ништо ни за динамичната “sissy bounce” сцена во Њу Орлеанс, со Биг Фредиа, Сиси Ноби и една цела нова генерација на „тверкање“ на квир, родово-што и да се изведувачи.

 

Поитно од кога било / 
Со оглед на значајната улога на не-стрејт луѓето во историјата на денс музиката (барем од ерата на диското), не е тешко да се разбере зошто одредени луѓе во денешната клупска сцена се мотивирани да излезат во јавноста во знак на поддршка на сексуалниот диверзитет – како што се добротворните настани „Промоција на диверзитетот“. Сепак, збунува фактот што иако се организираат вакви настани и квир ноќниот живот сè уште опстојува, сексуалниот диверзитет бавно исчезнува од електронските музички медиуми. Уште почудно е што најчесто претежно стрејт белата публика од средната класа во моментов „повторно ја открива“ и ја следи „класичната хаус музика“ направена од сиромашни, квир, црни/кафеави луѓе пред 30 години – но најверојатно немаат поим што истите тие луѓе прават сега во другиот дел од градот. Секако, делумно ова се должи на тоа што овој културен феномен премина во меинстрим, но во последно време се забележува вознемирувачка промена во сексуалната политика исто така.
Во повеќе места ширум светот се чини дека борбата за сексуална еднаквост и диверзитет оди наназад. Русија е најпознат и неодамнешен пример: покрај против неодамна изгласаните „анти-хомосексуални“ закони, настаните „Промоција на диверзитетот“ беа организирани и против зголемените физички напади и мачење на квир луѓето во Русија – при што во повеќето случаи не постојат никакви последици за напаѓачите, што од друга страна подразбира тивко одобрување од страна на властите.

###

 

Сето ова ја отежнува работата на уметниците поканети да настапат во Русија – особено за тие што не кријат дека се квир како Тери Темлиц. „Најголема загриженост предизвикува директното насилство или освета кон локални лица. Би ми било одвратно доколку се појавам, ме исплатат и си заминам за потоа да дознам дека некој настрадал заради моите постапки – или само затоа што биле некако поврзани со мене“.

 

Секако, ваквиот тренд не се случува само во Русија; во многу земји во светот е се поопасно да бидеш геј, лезбејка, бисексуален, трансродов или сексуално поинаков. За време на интервјуто, на пример, Лерато Кати раскажа за неколку неодамнешни примери на хомофобично насилство во Париз, Берлин и Њујорк, како и на систематско насилство против лезбејките во Јужна Африка. Исто така Џенифер Кардини и Рагнилд Нонграта изјавија дека стапката на хомофобија во Франција во текот на последната национална дебата за истополовите бракови ненадејно порасна.
Така што веројатно не изненадува фактот што повеќето диџеи, продуценти и промотори кои беа интервјуирани за потребните на натписот изјавија дека претчувствуваат пад на сексуалниот диверзитет и отвореноста на клупската култура. „Неверојатно тешко ни паѓа тоа што клубовите се сè помалку и помалку отворени во денешно време“, вели Кати. „Навистина верувам дека уметниците и јавните фигури имаат одредена одговорност. Им должат на своите поддржувачи и на публиката да го промовираат диверзитетот и толеранцијата за доброто на целиот свет“.

 

Иако жените се повеќе се ангажирани во изведбата, продукцијата и дистрибуцијата на електронската музика, индустријата е сé уште строга со нив, особено со квир жените. „Сексуалноста на жените се суди на одвратен, болен начин“, вели Кардини. „На пример, прочитајте ги коментарите во четот на „Boiler Room“ кога настапува лезбејка или стрејт жена“. Како реакција на таквите коментари, за време на настапот на Тама Сумо на „Boiler Room“  се случи истополов бакнеж, конкретно за да се крене свеста за оваа тема. „Knutschenaktion“ (германски за “kiss-in”) привлече позитивна поддршка од персоналот на „Boiler Room“ подоцна, со што се зголемија напорите за контрола на дискусијата во реално време.

###

 

Кога коментарите преминуваат во нетрпеливост, нетолеранција, насилство и исклучување, денс музичката култура зазема утописка позиција и си замислуваме дека ќе ги надминеме разликите со магијата на музиката и колективното журкање. Вербата дека музиката е доволно моќна за ни помогне да ги надминеме разликите ни дава утеха и надеж, особено во овие тешки времиња. Но Темлиц предупредува да не дозволиме тоа да нé заслепи пред проблемите што се случуваат овде и сега: „Доколку се подредиме на надежта и соништата ќе завршиме со апстрактни идеи како што е „во љубовта се крие одговорот“, и дека само со играње и музика може да се промени светот. На крајот сопствените механизми на желбата ќе не попречат, додека насилството и убиствата продолжуваат. Колкав е бројот на транс жени нападнати или убиени само во Њујорк оваа година? Каква улога имаат расата и сиромаштијата во овие инциденти“?
Од оваа перспектива, натписот има поголема задача отколку само да потсети дека квир луѓето имаат историска важност за денс музиката, или дека сè уште се значајни за музиката. Во моментов електронската музичка култура прераснува се повеќе во менстрим, а светот се наоѓа под конзервативна инвазија, така што борбата за сексуалниот диверзитет во денс музиката е понеодложна од кога било.

Извор