18 Apr Декриминализацијата на сите дроги за лична употреба земена предвид во Ирска
Предлогот за легализација на сите дроги, вклучувајќи ги и хероинот, кокаинот и канабисот за лична употреба е една од можните политики посочени во претстојната Национална стратегија за дроги.
Државниот министер за дроги Catherine Byrne ќе ја објави стратегијата – со која ќе се регулираат сите политики на дроги од сега па до 2020 година – пред почетокот на летото.
Се предлага да се формира група која “ќе ги земе во предвид приодите од други јурисдикции за поседување на мали количини на дрога за лична употреба”.
Во последните неколку години имало зголемен број на повици , вклучително и од претходничката на г-ѓа Byrne – Aodhán Ó Ríordáin, за декриминализација на дрога за лична употреба.
Оние кои се во корист од предлогот тврдат дека криминализацијата на поседување на мали количини на дрога е контра-продуктивно за поединецот и скапо за општеството, и дека би било попродуктивно да се обезбедат брзи упати за третмански услуги.
Последниот нацрт на стратегијата, кој на увид го имаше The Irish Times, вели дека групата треба да ги испита “начелата” и “ефикасноста” на актуелниот кривично-правен пристап и да го спореди со другите јурисдикции.
Законски измени
Треба да се земат во предвид предностите и недостатоците на другите пристапи за “поединецот, семејството и општеството”, заедно со законските измени потребни за воведување на алтернативи на режимот, каде луѓето кои поседуваат мали количини на дрога се соочуваат со апсење, гонење и можно притворање.
Треба да се спроведе “кост-бенефит анализа на алтернативните пристапи поврзани со кривичните санкции за прекршоци за поседување на мали количини на дрога”, и групата “треба да даде препораки до релевантниот министер во рок од 12 месеци”.
Една од првите земји која воведе декриминализација на дрогите за лична употреба беше Португалија во 2000 година. Беше забележан драматичен пад на бројот на предозирања, нови ХИВ случаи, како и зголемување на бројот на луѓе кои бараат третман.
Во документот се вели дека има зголемена употреба на канабис и екстази, особено меѓу младите луѓе, и “пораст на проблеми поврзани со марихуана … поврзани со … попотентните видови”.
Сегашни корисници
Се вели дека бројот на млади луѓе кои себеси се опишуваат како сегашни корисници на канабис “речиси е дупло зголемен од 2002/3”.
Стратегијата, исто така, повикува на проширени служби насочени кон луѓе на возраст под 18 години, патници, членови на ЛГБТК заедницата и бремени корисници на дрога.
Корисниците на хероин кои стареат се надоаѓачка група со специфични здравствени потреби, вклучувајќи и “дентално влошување и специјални здравствени потреби предизвикани од долгорочна употреба на дрога”. Нивните потреби треба да се проценат и да се развијат услуги за таа цел.
“Голема загриженост предизвикува неприфатливо високата стапка на смртни случаи поврзани со дрога во Ирска. Постои просек од една смрт на ден поради труење [предозирање]. Бројот на смртни случаи поврзани со дрога е зголемен во периодот меѓу 2005 [505] и 2013 година [679]. ”