Алтернативна историја на сексуалноста во клупската култура: Втор дел

Алтернативна историја на сексуалноста во клупската култура: Втор дел

Превод: Јулија Мицова

Чикаго хаус / 

Историјата на хаус музиката со потекло од Чикаго почнува со Френки Наклс, диско диџеј од Њујорк кој заедно со Лери Леван пуштале плочи во бањата Континентал, геј бања во долниот дел на Менхетен. Во 1977 година, Леван добива понуда да биде резидентен диџеј во нов ноќен клуб во маалото Вест Луп, клуб во сопственост на промоторот Роберт Вилијамс, но одбива бидејќи веќе бил обврзан да пушта музика како резидентен диџеј во клубот Paradise Garage. На свое место го препорачува Наклс, кој се сели во Чикаго и го презема пуштањето на музика во денс клубот The Warehouse, првично отворен за геј црнци и латино мажи. Но со поскапувањето на цената на влезниците и новата пофенси клиентела, во 1982 година Наклс го напушта The Warehouse и отвора сопствен клуб, The Power Plant. Сопствениците на The Warehouse го возвраќаат ударот и го менуваат името на клубот во Music Box на чело со Рон Харди како нов постојан диџеј.

###
###

Наклс, Харди и бројни продуценти и диџеи од тој период во Чикаго се основачите на Чикаго хаусот. Звукот на хаусот со потекло од Чикаго е создаден за и во претежно квир и црнечките клубови во градот, со миксање на постариот звук на диското и итало-диското, фанкот, хип хопот и европската електро-поп музика. Во споредба со њујоршкиот гараж стил во кој се препознава силно влијание на госпел и соул музиката, Чикаго хаусот црпи претежно од фанк музиката, со поенергичен „џекинг“ хаус, континуирана перкусија и побрзо темпо. При крајот на 1980тите години диџеите и продуцентите почнуваат да експериментираат со звуците на синтисајзерот од марката Роланд ТР-303 со што хаус музиката добива покрут и помрачен/darker призвук. Тврдиот и психоделичен потстил станува познат како „асид хаус“ и станува првиот соундтрак на забавите на асид хаус сцената во Велика Британија при крајот на декадата.

###

Се поголемата популарност на хаусот и асид хаусот во Велика Британија допринесе не само за поголеми продажби, туку и за тезги за диџеите од Чикаго кои често патуваа во Европа за да пуштаат музика за претежно бела стрејт толпа, додека музичката сцена од која потекнуваа и понатаму остана незабележана на локалниот американски музички пазар. Така, и покрај „Вечерта на уништување на диското“ во 1979 година, диското не беше уништено во Чикаго. Напротив, замина длабоко во подземјето во квир денс сцената за да се врати како соголената, „џекинг“, сирова хаус музика.

 

Детроит техно / 
Сексуалниот диверзитет е многу помалку видлив во приказната за зачетоците на Детроит техно звукот. На оваа сцена расата се спомнува како далеку позначаен фактор, но сексуалноста и родот ретко се спомнуваат во „официјалната“ историја на техното. Ѕирнете во книгите „Енерџи флеш“ (Energy Flash) на Сајмон Рејнолдс или „Техно бунтовници“ (Techno Rebels) на Ден Сико и ќе прочитате дека Детроит претставуваше стрејт, среднокласна, „сериозна“, трезвена и сексуално прибрана копија на квир, наркоманската, неуредна, прекумерна и запалена публика од работничката класа на Чикаго. Споредбата потекнува од фокусот кон забележливата црнечка популација од средната класа на Детроит во 1980тите години – популација поврзана со автомобилската индустрија во градот – од која се оформи мрежа на ексклузивни „социјални клубови“ наречени по европските модни куќи, а во кои се организираа денс журки со натпреварувачки карактер. На оваа сцена се појави Тројката од Белвил – Дерик Меј, Хуан Аткинс и Кевин Сандерсон – другари од средно училиште од гратчето Белвил. Заедничката страст за европскиот синтисајзерски поп, електронскиот рок, електро фанк и футуризамот придонесе до развој на футуристичкиот стил на денс музиката која претежно црпи од електронскиот фанк и е повеќе заснована на синтисајзери отколку на акустични семплови, соголена од топлите текстури и семпловите придружувани од госпел/соул вокали во хаус музиката.

Но дали детроитската сцена е навистина потполно стрејт? „Веројатно доколку се спореди со Чикаго“, вели Карлтон Голц, професор, писател и музички историчар од Детроит, „но всушност не е така“. Во најавената книга „Out Come The Freaks: Electronic Dance Music And The Making Of Detroit After Motown“, Голц тврди дека сексуалноста има значајна улога во развојот на музичката сцена по ерата на Мотаун во Детроит. Тој не почнува со Меј, Аткинс и Сондерсон, туку со Морис Мичел, диџеј кој пушта музика во Детроит уште од 1971 година. Заедно со Кен Колиер и Реналдо Вајт ја формираат компанијата True Disco Productions, која се занимава со организирање на диско настани. Тие тројца долги години пуштаа музика во Чесмејт, кафетерија од ерата на битниците претворена во геј клуб отворен до раните утрински часови за време на викендите.

###

Дел се од претежно црна и геј генерација на диџеи кои воведоа нови диџејски техники и звуци позајмени од градови како Њујорк и Чикаго. Во текот на 1970тите години, денс сцената во Детроит се двоела според сексуалноста и расата: Кен Колиер пуштал музика во Downstairs Pub, во подрумот на елитниот диско клуб L’Esprit, но сепак новинарот Винс Алети во својата колумна „Диско досие“ пишува за сет листите на белите диџеи од катот над нив. Подоцна Колиер пушта музика како резидентен диџеј во саботи во геј клубот Heaven се до неговата смрт во средината на 1990тите години. Голц пишува дека поголемиот дел од „техно пионерите“ на Детроит во Колиер гледале ментор и „кум“ на диџејската култура во градот, но неговото име речиси не се ни спомнува во историските учебници (види „Energy Flash“ и „Techno Rebels“).

Сепак, генерацијата на диско и пост-диско диџеите – кои во главно пуштаат музика во квир клубови и учествуваат во самата заедница – имале клучна улога во развојот на техно звукот на Детроит, со што вовеле нови звуци од градови како што се Њујорк и Чикаго. „Кога Дерек Меј и Еди Флешин Фоулкс посакаа да ја видат хаус сцената во Чикаго, луѓето кои им ја покажаа беа всушност дел од постарата екипа која често навратувала во Чесмејт, а која била дел од пред се геј диско заедницата“, вели Голц.

Во 1980тите години, со исчезнувањето на сексуалната сегрегација присутна во ноќниот живот во Детроит, квир локациите како Heaven и Todd’s стануваат клучни контакт точки и можности за учење од различните генерации на музичари. Повеќето од техно легендите на сцената во Детроит ги имаат своите почетоци токму со честите посети (најчесто без да платат влезница) на клубовите каде постарата генерација на црни, геј диџеи го комбинирале звукот на диското со новиот хаус и гараж звук. Но средбите од тој вид речиси и да се сосем избришани од приказната за техно звукот на Детроит. Голц истакнува дека овие клубови и нивните социјални мрежи во главно останале недостапни. Вистина, поголемиот материјал во ова поглавје се заснова на оралните истории собрани од страна на Голц; речиси ниту една од нив не е зачувана на хартија.
###

Но ЛГБТК историјата на Детроит не завршува во 1980тите години. Постарата генерација на претежно геј диџеи и понатаму пуштаат музика на локални забави дури и во 2000тите години, иако повеќето од нив веќе се пензионирани или починати. На сцената се појави нова генерација на квир лица со различна боја на кожата – танчери, продуценти, диџеи, промотори на настани, менаџери на издавачки куќи, како што се Куртис Липскомб и Едриел Торнтон. Липскомб раководи со организацијата Кик, првично отворена како издавачка куќа во 1994 година, која работи на програми и настани поврзани со ЛГБТ заедницата во Детроит; Липскомб исто така е еден од организаторите на годишниот фестивал „Hotter Than July“, „третиот најстар национален фестивал на кој се одбележува афро-американската лезбиска, геј, би и трансродова култура“. Торнтон е локален промотор на електронска музика но и на квир културата, основач на „Fresh Media Group“ а се занимава и со активизам во заедницата преку организацијата Здружени медиумски проекти (Allied Media Projects) во Детроит.

 

Асид хаус и рејв / 
За разлика од САД, следбениците на диско музиката во Велика Британија претежно припаѓаат на белата, стрејт, работничка класа во 1970тите години, со што не се создаде плодна почва за асид хаусот да се вкорени и да стане национален (а потоа и меѓународен) феномен. Од околу 1985 година, Чикаго хаусот се појави во Велика Британија на целовечерните журки во стовариштата во Манчестер на кои се пушташе Северен соул. Асид хаусот набрзо стана популарен во Лондон. Геј ноќниот клуб Heaven стана првото место во кое се организираат асид хаус забави. Во 1987 година, клубот Shoom на Дени Ремплинг е првиот клуб со исклучително асид хаус програма, отворен во Лондон откако Ремплинг се вратил од одмор во Ибица со Пол Окенфолд и Ники Халовеј. Една година подоцна, Халовеј отвора уште еден клуб за асид хаус музика, наречен Трип.

Ниту еден од клубовите не биле исклучително за геј публика, иако се опишуваат како отворени, односно пријателски настроени кон геј публиката. Всушност, во книгата „Клупска култура: музика, медиуми и супкултурен капитал“  Сара Торнтон тврди дека сегрегацијата на геј и стрејт ноќниот живот особено се истакнува меѓу 1988 и 1992 година, кога кризата со СИДАта го достигнува врвот, а конзервативната влада усвојува анти-геј закони (како Поглавје 28 усвоен со Законот за локална самоуправа во 1988 година, сличен на усвоените анти-геј закони од страна на Русија во 2013 година).

###

Работата тргна премногу добро во клубовите Шум и Трип и наскоро се наоѓаат на радарот на лондонските власти. За да се избегне притисокот од полицијата повеќето промотори организираат тајни настани во стоваришта и на локации оддалечени од градовите. Со тоа се создава основата за Второто лето на љубовта, периодот од 1988 година кога се развива рејв сцената во Велика Британија и се шири надвор од земјата. Слично на првото Лето на љубовта, рејв културата исто така ги прогласи „љубовта“ и „слободата“ за свои основни вредности, но сепак не се осмели да продре во традиционалните родови улоги и сексуалности. Иако со зачетоци во квир, црнечкиот и латино ноќниот живот, секако многу поинаков од „меинстрим“ клупската култура на времето – рејвот во Велика Британија кон крајот на 1980тите се развива пред се како стрејт, белечки звук на средната и работничката класа.

На почетокот на 1990тите години веќе се организираат првите рејв настани во Њујорк (клубот Storm Rave) и во Торонто (клубот Exodus). Со ненадејниот успех на чикашкиот хаус во Европа, првата генерација на хаус диџеи од Чикаго се постојано букирани во прекуокеанските земји, со што се создава простор за појава на помладата генерација на диџеи (Chi-town DJs) кои ја преземаат рејв сцената во Средниот Запад.

Но поделбата настаната во асид хаус сцената во Велика Британија се пренесува и во Северна Америка: со развојот на електронската денс музика во глобален феномен, рејв настаните привлекуваат толпи составени од претежно млади, бели, стрејт луѓе од средните класи на предградијата. Во книгата „Рејв Америка“ на Мирел Силкот, Томи Саншајн, познат лик од почетоците на рејв сцената во Чикаго признава „За хаус музиката дознав како и сите бели деца во Чикаго, преку британските списанија „Мелоди Маркер“ и „НМЕ“ во кои се пишуваше за случувањата во нашиот град“.

Иронично е тоа што претежно белата и хетеросексуална рејв заедница во Чикаго читаа за квир-црнечкото музичко наследство на сопствениот град од списанија кои се издаваа на другата страна од Атлантскиот Океан. Но сепак и не е толку чудно: урбаниот пејзаж на Чикаго со декади наназад беше поделен и сé уште ја дели музичката сцена во градот. Сепак оригиналната хаус сцена на Чикаго и поновата рејв сцена во текот на 1990тите години се преклопуваа во одредени точки, како што се неделните забави во клубовите Boom Boom Room или Medusa, клуб отворен за сите возрасти. Од неодамна најстариот денс музички клуб Smart Bar организираше геј ноќ (Квин!) и класична ноќ на винили (Хуго Бол) кои привлекуваат публика од различни генерации, сексуалности и етничка припадност.

###
###

Продолжува…