10 Feb Базенот во Шуто Оризари не ги решава проблемите на Ромите
Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на огласот за доделување јавна набавка за изградба на отворен пливачки базен во oпштина Шуто Оризари, објавен од Агенцијата за млади и спорт. Проценетата вредност на договорот за јавна набавка за изградба на отворениот пливачки базен изнесува 38.135.593,30 денари или преку 600.000 евра.
Потсетуваме дека голем дел општина Шуто Оризари воопшто нема или има нефункционална канализациона и водоводна мрежа, па во голем дел од годината населението нема вода за пиење и задовоување на секојдневните потреби. Голем дел од општината нема асфалтирани патишта и има лоша инфраструктурна мрежа.
Жителите во општината се соочуваат со проблеми во пристап до квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита. Имено на територијата на Шуто Оризари живеат преку 8000 жени кои се наоѓаат во репродуктивен период, а немаат пристап до матичен гинеколог во својата општина. Покрај тоа во Шуто Оризари има дефицит од матични доктори – педијатри и патронажни сестри.
Најголемиот дел од жителите на општина Шуто Оризари се соочуваат со егзистенцијални проблеми, живеат во социјален ризик, најчесто се невработени и се корисници на социјална или постојана парична помош.
Мрежата за заштита од дискриминација е загрижена што државата не презема мерки и не вложува доволно парични средства за решавање на овие приоритетни, егзистенционални и горливи проблеми на жителите на општина Шуто Оризари, а наместо тоа вложува големи парични средства за изградба на базен.
Дополнително, Ромите, кои го сочинуваат мнозинството од населението кое живее во Шуто Оризари, се секојдневно дискриминирани во пристапот до базените, што е констатирано и утврдено со мислење на Комисијата за заштита од дискриминација, па сметаме дека градењето на базен во Шуто Оризари може да доведе до комплетна сегрегација на Ромите во пристапот до овој тип на јавни добра и услуги.
Апелираме државата да врши приоретизирање на потребите на граѓаните при алокација на буџетските средства и да преземе мерки за решавање на проблемите и унапредување на состојбите со здравството, социјалната заштита, домувањето, вработувањето на жителите на општина Шуто Оризари, а тек потоа да врши вакви инвестиции.