25 Jan (16+) Нова химна за анално ослободување на Christeene и Rick Owens
Новото видео (со содржина неприкладна за да го гледате на работното место) во режија на Matt Lambert е совршениот антидот за вградениот срам кој ги опфаќа квир телата и сексуалноста – погледнете го и прочитајте за создавањето на ‘Butt Muscle’ тука.
На светов постојат премногу здодевни луѓе кои неуредно ги извршуваат смртните гревови. Премногу активисти седнати пред компјутер, преплашени од она што би можело да се случи ако ги искажат своите ставови во вистинскиот живот. Премногу луѓе кои се исплашени да излезат и да го направат тоа. Но, не и Christeene. Не, само-прогласената “дрег терористка” ракува со 25-сантиметарски пушки во облик на дилдо и ако не сте фан, тогаш можете љубезно да “одебете”, како што би рекла таа.
Но еве зошто треба да бидете фан: таа е Divine на нашата генерација. Нејзините престапи кои се “без пардон” и нејзината жестока музика е она што ни’ е потребно за да се разбудиме и да им се спротиставиме на сите хорори и неправди со кои се соочуваме во моментов. Таа е бранител на ранливоста, бидејќи премногу се срамиме да ги носиме сопствените чувства, колку и да ни’ се чинат вонземски. Таа е сексуален пионер, бесрамно телесна во својот препознатлив изглед – размачкан кармин и разбушавена перика. (Облеката е прилично незадолжителна).
Ако ја прашате Christeene за нејзиното потекло веројатно ќе ви раскаже приказна за тоа како била извлечена од канта за ѓубре од нејзиниот роден Остин, Тексас. Во моментов таа “наближува да наполни девет години.” Со вистинско име Paul Soileau, Christeene е провокативен изум од највисок ред, создаден да ги ослободи насобраните агресивни чувства во едно квир, јужњачко момче. Soileau пораснал во Луизијана и заминал во Тексас по ураганот Катрина. Тогаш се родила Christeene. Со кариера која не пресликува буквално никого, таа предизвикува гнев со своите ниско-буџетни видеа кои претставуваат коментар на политиката и општеството. Погледнете било кое од нив – “Fix My Dick”, “African Mayonnaise” – и ќе добиете претстава.
Christeene е вистинска визионерка, па затоа и направи соработка со режисерот Matt Lambert и Rick Owens за последниот визуелен напад, “Butt Muscle”. Дотолку е неприкладен за гледање било каде што моравме да замаглиме некои делови. Косата на Owens, долга до половината, таа си ја пика во чмарот. Му моча во уста (наводно, без никаква врска со #goldenshowers на Трамп). Christeene и партнерката на Owens, Michèle Lamy делат подмачкан бакнеж со отворена уста. И сето ова во името на тоа да се соголи својствениот срам и вина на отворената сексуалност, особено на една квир личност. За истата не’ цензурираат, оцрнуваат и негираат и YouTube и владата и јавноста.
Christeene можеби шокира, но нејзината вистинска порака е за радост и љубов. Пораката ја дели со нејзините соработници Rick Owens и Matt Lambert, кои се овде да и’ се приклучат во дискусијата за сексуалноста, ранливоста и цензурата. Ако не разбирате? Не е за вас.
“Гајле ми е што ќе помислат,” вели таа, игнорирајќи ги зломислениците. “Мене ми беше забавно.”
Christeene, која е тајната за да се биде толку отворено сексуална и трансгресивна?
Christeene: Мислам дека тајната е во тоа да се биде ранлива. И да си дозволиш да се оттарасиш од проклетите слики за тоа што е сексуално, што е трансгресивно срање и твојата сопствена ранливост измешана со твоето семејство и каква и да е твојата јебена сексуалност. Никој нема иста сексуалност. Сите имаме чуден вкус во устите и мозоците, па ако си дозволиш да бидеш ранлива за овие работи да испливаат на површината, тоа е единственото срање што ти треба за да те одведе таму. Само најди ја вистинската платформа и фамилија за да го сториш тоа.
Што мислиш, зошто постои толкав инхерентен срам во врска со сексуалноста?
Christeene: Срам? Бидејќи живеам во Америка.
Што сакаш да кажеш со ова?
Christeene: Библијата ми наложува така и…
Matt Lambert: Сексуалноста е ранливост, нели? Да бидеш искрен во врка со она што те привлекува сексуално е ранливо, а многу луѓе се плашат да бидат ранливи, било кога во животот. Луѓето како Christeene и Rick, а се обидувам и јас, веруваат дека ранливоста е дел од силата на уметникот. Многу луѓе се преплашени од тоа. Верувам дека откривањето на сексуалноста како вистина е навистина страшно за многу луѓе.
Christeene: Но истовремено е и забавно. Кога го гледаме “Butt Muscle”, каде луѓето се смеат и забавуваат – заеби ја преплашеноста, заеби ги стравот и ранливоста и почни да ги чувствуваш задоволството, радоста и слободата кои доаѓаат од таму.
Matt Lambert: И не само сексуалноста, туку и сексуалните битија со кои си поигравме се нешта кои за многу луѓе ќе бидат табу. Да ги земеш овие идеи, да се забавуваш и играш со нив и да бидеш комичен, се надевам дека ќе ги демистифицира овие нешта за повеќе луѓе. Барем малку да ги хуманизира во нивните очи. Се надевам.
Постои ли правилна реакција на твојата музика и твоите видеа?
Christeene: Не. Се’ додека има реакција. Да немаше реакција, тогаш заеби. Се’ додека добивам нешто.
Rick Owens: Се надевам дека некој ќе рече, “Уф, не требало да го направат ова.”
Christeene: Или “Благослови им ги срцата.”
Matt Lambert: Е па, знаете што ќе каже мајка ми. Ќе рече, “Се’ додека никој не е повреден.” Како што Ashley (Ryder) за малку ќе си го истегнеше грбот фистајќи се.
Christeene: Си го истегна. Некој се повреди, на некој начин. Моите чувства беа повредени неколку пати.
Сега кога Трамп е на позиција, ќе смените ли нешто во она што веќе го правите?
Rick Owens: Уф апсолутно, одам потврдо и појако. Мора да се одржи баланс во светот. Должност ни’ е да го одржуваме тој баланс.
Matt Lambert: Го заборавив цитатот, но Christeene имаше одличен твит веднаш по победата на Трамп. Беше во врска со тоа да одиш појако. Да продолжиш да го правиш она што веќе го правиш, но два пати појако.
Christeene: Сите луѓе што умреа минатата година, сите педери и сите прекрасни луѓе кои не’ подигнаа – си реков врзи се и прибери се. Веќе има премногу жртви. Ќе добиеш прекрасна сила кога ќе почнеш да ги цениш сите овие души. Не сакам да користам проклети воени термини како “армија на” или “борба против”, заеби го тоа, па наместо тоа црпам спиритуална сила и малку анална аура, како што би рекол мојот танчер Silky, почни да ги користиш овие магични оружја.
Rick Owens: (И’ се обраќа на Christeene) Обожавам кога почнуваш да сведочиш.
Matt Lambert: Многу луѓе сакаат да создадат нешто што комуницира со она што се случува, особено со конзервативната енергија во Америка, па сега е моментот на, “Ајде да го сториме ова сега!” Сега е времето да го направите тоа. Ако луѓето седат и си мислат, би требало да создадам нешто што е повеќе политичко, или повеќе ангажирано, или општествено одговорно, сега повеќе им гори под газот од било кога.
Christeene: Испровоцирани сме. Ние сме како огнени мравки. Некој ептен ни’ згазна на куќарката.
Ако проектов беше финансиран од издавачка куќа, кои ќе беа ограничувањата за видеото?
Rick Owens: Е па, на некој начин тоа е и големата порака овде. Фактот што сум независен значи дека можеме да правиме срања на овој начин. Можеме да правиме ебено што сакаме. И сакам да го нагласам тоа и да го славам. Можеме да правиме што сакаме. А да се биде независен е реткост сега, нели? Така што ова е начин навистина –
Christeene: Да прославиме?
Rick Owens: Да прославиме. Ќе речев да ја кажеме пораката, но да кажеш порака малку ми звучи како попување, а не го сакам тоа. Но да, да прославиме, најдобро е така.
Matt Lambert: Имам соработувано со многу издавачки куќи. Ако правиш видеа за кикирики, ќе си поминеш лесно. Но кога ќе почнеш да си имаш работа со американските издавачки куќи и стравовите кои тие ги имаат, особено кога станува збор за сексуалност и врски, квир тела. Дефинитивно ќе добиеш намрсени цициња и газови во хип хоп видео, но во моментот кога ќе навлезеш во квир просторите, тоа се претвора во нешто што луѓето не сакаат да го допрат. Така што, се справувам со ова со секој проект кој го работам. Секогаш има дискусија, како да ја цензурираме премиерата или што има да каже издавачката куќа за видеото. Ова беше одлична прилика да не мора да се грижиме за вакви рестрикции и да го работиме она што најдобро го умееме.
Christeene: Онаму од каде што јас доаѓам, никогаш не сум имала работа со издавачки куќи или адекватен менаџмент, па ваквиот пристап ми беше сосема природен, беше ослободувачки да го правиме она што го сакаме, и тоа – со семејството. Кога работиш со семејството и притоа споделувате ранливост, може да бидеш слободна и да му кажеш на светот, “Ебете се!”. Срањево нема да има никакви правила. Ми се чинеше како најприродната средина во која може да зачекорам.
Rick Owens: Ова е навистина културно дело. Во овој контекст, светот е премногу безбеден и рамен и мораме да го избалансираме. Мораме да го понудиме нашиот придонес.
Како се борите против оваа безбедност?
Rick Owens: Мислев на тоа дека постои конзервативен елемент во светот каде стандардите за убавина се големо клише. Ние предлагаме други стандарди за убавина и други работи кои веројатно не се толку клише.
Matt Lambert: И други стандарди за интимност и сексуалност.
Rick Owens: И среќа. Бидејќи создавањето на видеото е вистинска радост, слатко е и полно со љубов. Има чувство на глитер рок. Во смисол на трансгресивност и радост.
Matt Lambert: Тоа и беше идејата. Да создадеме нешто трансгресивно, но со хумор и љубов, со човечен пристап, бидејќи некои од елементите можеше да се искористат само во корист на шок елементот. На сите ни’ беше важно да ги имаме овие ликови како луѓе со вистински врски.
Christeene: Да. Ако видите како се смееме во видеото, тоа е навистина така. Ако видите дека држиме пушка со 25 сантиметарско дилдо и изгледа дека ќе умрам од шок, вистински е.
Rick Owens: И кога ќе ја видите како се дави од мојата коса, тоа навистина се случува.
Christeene: Се давам, да. И кога ќе го видите Rick како се обидува да се движи во ритамот на музиката, и тоа е вистински. Бог да ја благослови монтажата.