18 Jan Маршот кон Вашингтон и штрајкот на жените по повод инаугурацијата на Трамп
Еден ден по претседателската инаугурација и првиот ден на администрацијата на Трамп, 21 јануари, во Вашингтон ќе се одржи голем протест на жени против неговата политика насловен Women’s March on Washington. Своето доаѓање го потврдиле повеќе од 200.000 луѓе.
Идејата за собир започна на социјалните мрежи и многу брзо стана вирусна. Се верува дека ова би можело да биде најголемата масовна мобилизација која САД некогаш ја има видено како одговор на претседателска инаугурација.
И покрај тоа што започна како грасрут движење, на маршот како официјални партнери му се приклучија големи организации како Planned Parenthood и NARAL Pro-Choice America, а организацијата ја презедоа искусни активистки од Њујорк меѓу кои Tamika Mallory, активистка за контрола на оружјето, Linda Sarsour , директорка на арапско-американската асоцијација, Carmen Perez, претседателка на Здружението за законски реформи Gathering for Justice и Bob Bland, модна претприемачка. Своето присуство го најавија и многу познати жени.
И покрај големиот број на организациски проблеми, маршот успеа да добие официјална дозвола за собир на околу 200.000 демонстранти пред Конгресот во Капитол Хил, кои ќе се упатат кон Белата куќа. Транспортот е организиран преку Rally, веб-сајт кој организира превоз на протести.
Support the Women's March on Washington today. We'll see you 1.21 in D.C. https://t.co/eNUNMAL4ji pic.twitter.com/7HvxJnbXcH
— Women's March (@womensmarch) January 2, 2017
За оние кои на 21 јануари нема да бидат во можност да дојдат во Вашингтон, ќе се одржат маршови за солидарност во повеќе од сто американски градови. Се очекува дека некои од нив, како што е бостонскиот марш, да привлечат илјадници учесници/чки.
Големата, спонтана реакција говори многу за овој момент во американската политика. Трамп може да започне ново златно доба на левичарскиот активизам. Маршот на жените кон Вашингтон, насобра голем број на либерални цели, од правата на емигрантите до решавање на полициските убиства на Афроамериканците. Но во центарот стои барањето за еднакви права на жените после изборите на кои беше поразена претседателската кандидатка Хилари Клинтон.
“Сакаме јасно да и’ порачаме на земјата на национално и локално ниво, дека нема да молчиме и да дозволиме некој да ни’ ги одземе правата за кои се боревме”, рече Tamika Mallory.
За инаугурацискиот викенд се подготвува и Штрајк на жените. На 20 и 21 јануари жените нема да работат и да извршуваат неплатена домашна работа, со цел да ја покажат политичката моќ на жените на работното место, но и во домот. Штрајкот не подразбира само излегување од работа и спречување на економската експлоатација, туку воедно ја прекинува и неплатената емоционална и домашна работа која се очекува од жените како зададена општествена функција.
“Некои жени зборуваат за домаќинството и чистењето, но работниот опсег е широк”, објаснува организаторката Erin Mahoney. “Од штрајкување, односно одбивање на лажни насмевки до емоционална работа во нивните односи и заедници – жените ја обавуваат работата неприметно, водејќи сметка сите да се чувствуваат добро и билдајќи го машкото его “.
Штрајкот беше инициран од страна на организацијата National Women’s Liberation, која воглавном е основана од страна на активисти/ки од 1960-тите. Организаторите имаат јасен план и листа на политички барања, кои вклучуваат минимална плата од 15$/час, слободен пристап до контрацепција, право на абортус, национализација на системот за здравствена заштита и бесплатни градинки.
Сега, кога победата на Трамп ја разбуди активистичката енергија кај луѓето, организаторките на штрајкот сакаат инаугурацијата да го означи почетокот на движењето за ослободување на жените кои во наредните години ќе се спротивставуваат на патријархалните политики.