“ГЛАСАЈ ЗА ЕДНАКВОСТ“ – Политичките партии и правата на ЛГБТИ

“ГЛАСАЈ ЗА ЕДНАКВОСТ“ – Политичките партии и правата на ЛГБТИ

Со цел да се зголеми присуството и видливоста на ЛГБТИ-потребите и проблемите во јавната и политичката сфера, како и да се зајакнат заложбите и напорите на политичките партии за застапување на правата на ЛГБТИ-лицата, деновиве Субверзивен Фронт започна со спроведувањето на кампањата „Гласај за еднаквост“.

За потребите на кампањата, Субверзивен Фронт спроведоа истражување на застапеноста на ЛГБТИ-проблематиките кај политичките партии преку анализа на нивните програми, како и преку доставување прашалик за вклученоста на ЛГБТИ-лицата во нивните агенди. Прашалникот во верзија на македонски и албански јазик бил доставен до вкупно 31 политичка партија, а одговори на истиот доставиле претставници на само 5 политички партии: Социјалдемократскиот сојуз на МакедонијаЛиберално демократската партијаЛибералната партијаДемократска обнова на Македонија и Левица.

Од добиените одговори и од анализата на програмите на политичките партии, може да се издвојат следниве три главни заклучоци:

  1. Многу мала е застапеноста на ЛГБТИ-прашањата и проблемите во политичките програми на партиите. Овие прашања се најмногу застапени во програмите на партии со мала политичка моќ и влијание. Ова е резултат на доминантните хетеронормативни и патријархални вредности во општеството кои се рефлектираат во практиките на партиите да избегнуваат засилено јавно изјаснување и давање јасна поддршка кон борбата за човекови права и еднаквост на овие лица;
  2. Клучните теми кои политичките партии во РМ ги адресираат се однесуваат на темелните права и слободи на ЛГБТИ-лицата, и тоа правото на еднаков третман и недискриминација, правото на слобода од насилство, правото на живот, слободата на говор и изразување, и слободата на јавно собирање и здружување. Останатите социјални и економски права, како на пример, правото на склучување истополово партнерство, со исклучок во програмата на Либералната партија, не се застапени. Исто така, воопшто не се застапени правата на транс* лицата како на пример, правото на приватност, правното признавање на родот, и правото на пристап до соодветни, но не и задолжителни мерки на здравствена заштита кои ќе го регулираат извршувањето на хируршките интервенции и на медицинските процедури за признавање на родот. Интерсексуалните лица – лица кои се родени со хромозомски, хормонски или генитални карактеристики кои не одговараат на зададените бинарни родови стандарди на машки и женски категории, освен во самиот акроним – ЛГБТИ, никаде не фигурираат во политичката агенда;
  3. Единствена партија која позитивно одговори на прашањето дали има ЛГБТИ-кандидати во листата за претстојните избори е Либералната партија.

Дополнително, подолу се наодите од анализата на програмите на дел од политичките партии кои не одговорија на прашалникот, поточно на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, Демократски сојуз и коалицијата за промени и правда, како и на Демократска унија за интеграција.
Во програмата „Реално! – Работа, сигурност, напредок“ на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, ЛГБТИ-лицата никаде не се споменати, ниту сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Во само два предложени проекти – проект бр. 79 и проект бр. 80, се предложени одржување на основни обуки за промоција на концептот на недискриминација и за спречување на говор на омраза, како и изработка на водич за родителите за препознавање на дискриминација во инлузивното образование. Во двата проекта е нејасно дали се опфаќа дискриминацијата заснована на сексуална ориентација и родов идентитет. Во проект бр. 54, пак, се предложува обука за учениците од VIII и IX одделение од основните училишта за сексуално и репродуктивно здравје. Повторно е нејасно дали овие теми ги покриваат и проблемите и потребите на младите ЛГБТИ-лица.
Во програмата „Промени, правда, прогрес 2016-2020“ на Демократски сојуз и коалицијата за промени и правда, сексуалната ориентација е опфатена во делот на „Професионални и независни медиуми“ и тоа како: „Поддршка на иницијативите на здруженијата и синдикатите на новинарите за целосна декриминализација на клеветата и навредата, но истовремено и почитување и заштита на вистината и човековото достоинство, на интегритетот и дигнитетот на човекот, без оглед на расна, политичка, етничка, родова, верска, социјална, или сексуална припадност“, меѓутоа и во делот на „Образовен систем“ со тоа што намерата е да се воведе задолжително сексуално образование во основните и средни училишта.
Во програмата „Bashkë vendosim“ на Демократската унија за интеграција, ЛГБТИ-лицата никаде директно не се споменати. Речиси на крајот од самата програма, на стр. 223, во делот „Жените и здравјето“ се споменува „подготовка и спроведување на програми за образование за сексуално и репродуктивно здравје прилагодени на жените и девојчињата од различни возрасти, тинејџери, жени кои живеат во руралните области, ризичните групи“ и „образование и психо-социјална поддршка кон ранливите групи и едукација за новите мајки да ги одгледуваат децата и нивното право да се развие психо-социјална поддршка“. Притоа, нејасно е дали во програмите за сексуално и репродуктивно здравје ќе има содржини поврзани за сексуалната и родовата различност, и дали образованието и психо-социјалната поддршка ќе биде наменета и за ЛГБТИ-лицата.
Некои од начините како да се зајакне учеството на ЛГБТИ-лицата, а со тоа и присуството и видливоста на ЛГБТИ-проблемите и потребите во политичката сцена е преку номинација и избор на кандидати на изборните листи кои јавно се декларираат како дел од ЛГБТИ-заедницата, преку создавање „крила“ за ЛГБТИ во пратеничките групи – група од пратеници од различни политички партии кои ќе ги застапуваат правата и интересите на ЛГБТИ-лицата, преку обука и професионален развој на политичари, државни функционери, па дури и деловни луѓе на теми за застапување на правата на ЛГБТИ-лицата, преку избор на ЛГБТИ-кандидати на функции во локалните власти, и преку зачестено сензибилизирање, известување и едуцирање на медиумите и пошироката јавност за проблемите и потребите на оваа заедница.

Детален увид во извештаите за секоја од политичките партии може да видите на следниот линк: http://s-front.org.mk/voteforequality/index.html

Извор