Преглед на квир кризата: За капитализмот и задолжителната хетеросексуалност

Преглед на квир кризата: За капитализмот и задолжителната хетеросексуалност

Од Софи Монк и Џони Пит (Коен)

Превод: Јулија Мицова

Каква е улогата на задолжителната хетеросексуалност во глобалниот капитализам? Доколку капитализмот го разгледуваме како тотален систем, тогаш мора да бидеме свесни дека секој аспект од нашиот живот – вклучително и желбите, романтичниот живот и семејните единици – се оформуваат и организираат за да се даде приоритет на постојаната акумулација на капитал. Дури кога ќе го сфатиме ова, можеби тогаш ќе добиеме претстава за тоа како ваквите процеси можат да бидат прекинати.

Задолжителната хетеросексуалност и репродукцијата на работната сила.

Капитализмот мора да создава работна сила за да преживее; тој зависи од постојаната достапност на евтина, обилна работна рака. Тоа значи дека: првин, мора да понуди какви такви плати со кои работниците ќе можат да преживеат, а второ мора да гарантира меѓу-генерациска репродукција за да ја обезбеди иднината на работната рака. Одовде, неопходна е одредена стапка на прокреација за процут на капитализмот. Сметаме дека задолжителната хетеросексуалност е една од техниките која буржоаските моќници ја применуваат за да ја обезбедат таквата иднина, односно да се погрижат дека пролетеријатот ќе се размножува.

Одовде, хетеросексуалните домаќинства се гордеат на улогата која ја имаат во историјата на капиталистичките општества бидејќи се валоризирани како единствената доблесна и толерантна форма на романтичната-сексуална врска. Историски гледано, политичкиот естаблишмент искрено го признава ова: Винстон Черчил се фали „несомнено е дека најголемите доблести, најдоминантните доблести на човекот се создаваат, зацврстуваат и опстојуваат околу семејството и домот“. Овде е содржана имплицитна директива дека хетеросексуалната прокреација е природна и е од суштинско значење за развојот на општеството.

Доколку го разгледаме воведувањето на капиталистичкиот поредок во Британија, ќе забележиме дека задолжителната хетеросексуалност – иако во таа фаза повеќе не претставувала нов концепт – зазема капиталистичка форма во државното законодавство. Законски наложената хетеросексуалност е ограничена во истиот период кога капитализмот почнува да се втемелува – односно кога модерниот начин на контрола над популацијата станува основен начин за воспоставување на моќ. Во 16-от век огромни парчиња земја во Британија кои претходно претставувале обработлива земја во ничие сопствеништво и мали фарми се комбинираат и приватизираат, се преградуваат од селаните кои претходно имале право слободно да ги користат. Политиката на „оградување“ ги истиснала селаните од земјиштето од кое дотогаш живееле, со што се означува раѓањето на vogelfrei (слободен како птица), поим скован од Маркс: класа ослободена од кметство, но одовде и од сопствената егзистенција. Бројни мислители посочуваат на ова како клучен момент во транзицијата од феудализам во капитализам; лишени од можноста да опстојуваат од земјиштето, се поголем број луѓе биле принудени да зависат од плата. Така се раѓа модерниот пролетеријат.

Пред оваа економска промена, нивото на селската популација било од важност единствено за феудалната класа, се дури се размножувале и произведувале вишок кој го плаќале во данок на феудалните господари. Но ваквото основно ниво на замена не е доволно за да го одржи капиталистичкиот раст: за да преживее, капитализмот мора постојано да се проширува. Додека нивото на продуктивност во феудалниот систем не мора да се зголемува, производството во капитализмот инсистира на експоненцијален раст не само на ефикасноста туку и на целокупниот продуктивен капацитет. Експанзивната тенденција на постојано производство налага работничкото население да биде во постојана состојба на проширување. Според црковната догма кон крајот на феудализмот, хетеросексуалната репродукција била единствената дозволена форма на тој оцрнет дел од човековиот живот: телото се сфаќа како база, а неговата слабост претставува потекло на првичниот грев. Сепак, со раѓањето на капиталистичката економија се јавува не само стигма во врска со самата сексуалност – туку и закони кои ја заштитуваат задолжителната хетеросексуалност. Со тоа барањата за прокреација на капиталот се разидуваат од анти-наталистичката идеја на Црквата, со цел да се оформи секуларно законодавство.

Во однос на законите за геј права во овој период се појавува Законот против содомија од 1533 година (Buggery Act of 1533) како дисциплинска правна сила за справување со толпата на лишените кои се придвижуваат во урбаната сфера. Историската дефиниција на содомијата (buggery) е извајана во текот на долг период од страна на судски преседани, поим вообичаено користен за опис на анален или орален однос од страна на маж со маж или маж со жена, односно сексуална активност при која не може да се оствари оплодување. Ова претставува еден од првите примери кога продуктивноста станува проблем за властите, а со тоа прокреацијата и контролата на популацијата стапуваат на сцената на државниот дискурс.

Одовде, до одредена историска точка ненормативните сексуалности не можеле да се толерираат заради репродуктивните потреби на капитализмот, бидејќи не биле од корист за прокреацијата. Зачетокот на криминализацијата на хомосексуалноста не се должи на неоснована општествена конзервативност која се појавила од немајкаде, или на застарено наследство од црковната догма, туку на материјалните потреби на капитализмот. Според писателот Пол Пресијадо, „хетеросексуалноста мора да се сфати како политички потпомогната технологија за прокреација“. Контролата над сексуалноста не преставува едноставно реактивна репресија на природните инстинкти, туку претставува мобилизација на одредено однесување кое води кон создавањето на идните работници.

Дури и начинот на кој децата биле дисциплинирани во текот на историјата укажува на истиот импулс на капитализмот: да се создадат и оформат работниците така што ќе ја исполнат сопствената судбина како дел од продуктивната работна сила. Не постои голема разлика меѓу моделите на телесна казна применувани во училиштата во првата половина на 20-от век и формите на дисциплина применувани во фабриките во истата епоха. Либерализацијата на училишниот систем и техниките на воспитување на децата во главно, сепак, посочуваат на сосема поинаква слика на дисциплина денес. По усвојувањето на Законот за криминална правда во 1948 година (1948 Criminal Justice Act) примената на телесната казна е забранета со закон. Телата на децата повеќе не се подложуваат на работа во фабриките, туку на постојано барање работа, продавање на себеси и општата состојба на животот како подвижна резиме, почесто без работа отколку вработени. Јасно е дека дисциплинските структури околу општествената репродукција се менуваат, но зошто?

Криза и борба за правата на квир луѓето.

Борбата за правата на квир луѓето започна како протест против законите наменети за понатамошна прокреација. Кон крајот на 1960тите години беа формирани првите организации и движења кои лобираа за правата на геј заедницата со широк глобален опсег, како што е основањето на Северноамериканската конференција на хомофилни организации, Протестите во барот Комптон во 1966 година, и популаризацијата на демонстрациите како политичка тактика меѓу ЛГБТ групите кои се борат за сопствените права. Почетокот на геј ослободувањето претставува констелација на значајни, стожерни моменти кои колективно придонесоа за промена во законодавството и експоненцијалниот пораст на ЛГБТ движењата, предизвикувајќи ги Протестите во Стоунвол во 1969 година, а во Британија создавањето на Фронтот за ослободување на геј лицата и Кампањата за хомосексуална еднаквост.

Додека лезбејството никогаш не било експлицитно забрането со закон во Британија, во 1967 година за првпат беше декриминализирана машката хомосексуалност во Англија и во Велс. Законите за декриминализација во останатите капиталистички земји се изгласуваат подоцна, како на пример во Шкотска и Северна Ирска, и во САД на почетокот во 1980тите години.

Очигледно, напливот на директни активности околу борбата за правата на геј луѓето во овој период мора да се сфати како суштинска водечка сила за негувањето на ЛГБТ правата со закон. Но доколку ја прифатиме интимната врска меѓу барањата на капитализмот и контролата на сексуалноста, мора да се запрашаме како државата може да си дозволи да укине закони кои претходно биле ревносно спроведувани и кои се од суштинско значење за прокреативните потреби на капиталот? Наш предлог: криза. Почетокот на долгата криза, 1973 година обележа глобален економски пад од кој светската економија никогаш целосно не закрепна. Џошуа Кловер истакнува неколку клучни настани од овој период: „првиот од низата нафтени шокови, формалното повлекување на САД од југоисточната азиска авантура и конечниот колапс на монетарниот систем на Бретон Вудс кој го поплочи патот за зголемената трговска нерамнотежа и нерамнотежата во тековниот биланс“. Со падот на западната индустриска економија, финансијализацијата ја запоседна британската економија: додека другите сектори пропаѓаа, финансиската индустрија заземаше се поголем процент од економијата на земјата. Профитните стапки паднаа во производните индустрии со што индивидуалните капиталисти беа принудени да бараат профит на друго место. Тоа го најдоа преку зголемената ефикасност на транспортот и циркулацијата на комодитетите, и преку шпекулации за идниот профит. Ваквата економска промена имаше длабоко влијание на степенот на работна рака неопходен за капитализмот, а одовде и потребата од наметнатите, од страна на државата, задолжителни хетеросексуални прокреативни врски.

Дополнително, опаѓањето на профитот во тешките индустрии ги попречи да исплаќаат плати а притоа да се борат и со конкуренцијата. Откако капитализмот ја изгуби способноста да купува работна рака се отвори можност за не-прокреативни хомосексуални врски. Законодавната власт реагираше на двојната моќ на геј ослободувањето и економската погодност со тоа што привремено му дозволи на квир животот да егзистира во широкото општество. Со други зборови, декриминализацијата на хомосексуалните врски стана погодна, односно толерантна, за капитализмот не заради напредокот на квир животот, туку за да се забрза асимилацијата и разликите да станат невидливи. По усвојувањето на Законот за сексуални прекршоци во 1967 година, Лордот Аран ги замоли квир луѓето да „ја покажат својата благодарност со тивко и достоинствено однесување“, и дека „наметливото однесување сега или во иднина, како и јавното парадирање ќе се смета за крајно невкусно“. Овде може да се забележи промена во техниките на контрола, од директно угнетување во привидна толерантност под услов на соработка.

Секако, задолжителната хетеросексуалност и прокреацијата и понатаму се од интерес за државната власт. Пример за тоа е годишната прослава на плодноста во Италија и наметнатиот императив за прокреација како дел од пропагандата. Сепак, се чини дека целта за манипулација на италијанското население е поинаква. Наместа потребата од зголемување на работната рака неопходна за капитализмот, италијанската држава сака да го зголеми односот на Италијанци белци во однос на не-белечкото население, со што се забележува пораст на национализмот наместо пораст на пазарот на работна сила.

Хомофобијата во Британија – особено државната хомофобија – не престана со кризата во 1973 година. Жолчното пердашење на геј луѓето остана во суштината на општествениот конзервативен политички консензус кој се разви во годините на премиерката Тачер, а кој прерасна во неволна дозвола на геј бракот под денешната конзервативна влада.

Но не случајно токму во овој историски момент одредени барања на борците за квир права станаа погодни за капиталистичките идеологии за производството. Со напредокот на капитализмот порасна и потребата од хетеросексуална репродукција. Кога капитализмот е во криза, можноста преку него да се издржува населението опаѓа, со што се создава простор во рамките на кој борбата за квир права станува возможна, без притоа да се антагонизира акумулацијата на капитал. Одовде, историјата на борбата за квир права и навидум целосната кооптација на ЛГБТ животот е во меѓусебна врска со подемот на неолиберализмот – ера обележена со преклопувањето на неколку кризи во производството.

Асимилација и гордост.

Не сакаме да сугерираме дека заслугата што квир луѓето ги добиле своите права му припаѓа на капитализмот, но сакаме да истражиме кои поточно елементи од квир животот се толерантни и подложни на асимилација во светскиот капиталистички систем, а кои не се. Феноменот на корпоративната поддршка на геј луѓето за маркетиншки цели (pinkwashing) кажува многу за степенот до кој ЛГБТ луѓето се инкорпорирани во јавното лице на капиталот. Минатата година, мрежата АУТстендинг (OUTstanding) и весникот Фајненшл Тајмс (Financial Times) соработуваа на изработката на „список на моќ“ на видни ЛГБТ директори, меѓу кои извршниот директор на Лојдс од Лондон, Инга Беил, и Марк Зукерберг од Фејсбук како заслужни „сојузници“.

На сличен начин, еволуцијата на Парадата на гордоста во прослава, прочистена од првичната радикална политика, посочува како „репрезентацијата“ и „инклузијата“ станаа основни меинстрим фронтови на квир „ослободувањето“. Барањата за „репрезентација“ и „инклузија“ не покажуваат желба за промена на општеството, туку за непречено учество во истото. Иако Парадата на гордоста потекнува од отпорот кон полициската бруталност во форма на Протестите од Стоунвол, во современите паради на гордоста рутински слават и толпи на геј полицајци, одовде имплицитно и конкретно и овој спроводител на репресивната државна моќ. Наместо славење на геј животот и борбата, Парадата наликува на прослава на способноста на геј луѓето да се асимилираат и постигнат успех во капитализмот. Ваквата форма на квир видливост пригодно ги сокрива вкрстените истории на класа и раса кои радикално ја проблематизираат леснотијата на асимилацијата. Успехот во капитализмот не е достапен за секого. Во реалноста, Парадата на гордоста претставува парада на квир капитализмот, и одовде способноста на една форма на квир живот – претежно богати, претежно бели и претежно мажи – да ги осиромашуваат и експлоатираат другите.

Слично, преокупираноста со геј бракот и правото на посвојување деца како врвни квир граѓански права на нашата генерација, не само што го одвлекоа вниманието од материјалните потреби и сиромаштијата на геј луѓето во неолиберализмот, туку посочува и на фундаментален континуитет меѓу хетеросексуалното нуклеарно домаќинство и новите, не-традиционални семејни структури. Не може да се негира материјалната предност со легализацијата на геј бракот, особено во поглед на гентрификацијата и драконските закони за имиграција кои им даваат предност на брачните партнери. Сепак, политичката мотивираност за овие промени се наменети да го охрабрат и наградат соучесништвото во основањето на врски чија цел е да ги репродуцираат буржоаските имотни односи. Секако, ова го овозможи промената на нагласокот на производството кон циркулацијата и потрошувачката во неолибералниот економски поредок во кој живееме денес. Геј брачната двојка претставува идеална класа на домаќинство кое напорно работи, кои – не е обврзано да инвестира приход во репродукцијата на деца – имаат прилично голем приход кој може да се насочи назад кон потрошување и шпекулативно инвестирање. Се случува чуден пресврт на вредностите, при што не-репродуктивната лезбиска работничка заработува повеќе од хетеросексуалната врсничка за истата работа, затоа што од неа не се очекува да оди на породилно или да работи со скратено работно време за да биде со своите деца. Прославата на не-прокреацијата како услов за поголема посветеност на сопствениот живот кон работата е логиката која се крие зад промената на односот на капитализмот кон ЛГБТ луѓето.

Анти-капиталистичко квир ослободување: Парада со која можеме да се гордееме. 

Оваа година во јули, во Торонто Парадата на гордоста беше прекината од активистите на движењето „Black Lives Matter“ кои ја окупираа рутата околу час и половина. Првичната намера беше да се истакне дека Парадата на гордоста не ги застапува ЛГБТ заедниците – особени оние од другите раси – заради тоа што нуди платформа за полицијата, воздржаноста да се финансираат помалите заедници, и недостатокот на репрезентација на Црнците. Нарушувањето беше успешно, и заврши со тоа што организаторите на Парадата се согласија да ги исполнат барањата на групата. Чинот на протест беше значаен заради одбивањето да се прифати фактот дека треба да се слави: како што го оневозможија понатамошното движење на учесниците во маршот, така нивните барања ја усложнија претставата на квир ослободувањето како прогресивна траекторија која се движи само напред.

Доколку за борбата за права на квир лицата зборуваме не како за точка кон која треба да се стремиме туку како за постигнување во историските учебници, ќе ја изневериме реалноста на квир животот денес. Квир не смее да се сфати како непостојана, идентитарна категорија. Се образува преку неговите фундаментално класни, расни и хендикепирани пресеци; луѓето живеат не само како квир, туку и како сиромашни, како жени, како луѓе со поинаква боја на кожата. Мора да се стремиме не само кон ослободување на луѓето како квир, туку кон ослободување на квир луѓето. Самата елиминација на квир како оска на угнетување не претставува ослободување за квир луѓето, бидејќи квир животот е неизбежно врзан за различен вид на угнетувања. Достигнувањето на истото ниво на мизерија на квир луѓето како она на хетеросексуалците не претставува напредок; бараме искоренување на осиромашувањето на квир луѓето во целост. Тоа повлекува ослободување на квир осиромашените луѓе од капитализмот, квир обоените луѓе од расизмот, и квир хендикепираните луѓе од општеството кое ги дискриминира.

Нашата задача е да се ослободат потенцијалите својствени во рамките на квир заедниците за некапиталистичките форми на создавање на живот. Мора да се истакне дека маргинализираните и неасимилирани форми на квир живот се токму тие коишто најмногу наликуваат на заедниците кои ги поттикнаа протестите во Стоунвол и Комптон во 1960тите години. Историски гледано, геј баровите функционираат како место за општествена репродукција, внатрешно место за надвор, или место во капитализмот кое сепак одбива да ги репродуцира општествените врски кои истиот ги налага. Повикуваме на распространување на движењата за правата на квир луѓето кои, слично на овие историски протести, ќе произлезат од заедницата и чиј приоритет ќе биде блокирање на капиталистичката циркулација, кои ќе ја пренесат на улица атмосферата од геј баровите и ќе им се спротивстават на силите кои првично ги избркале да бараат засолниште. Додека во минатото полицајците доаѓаа за да го затворат просторот во кој се движевме и да го уништат создавањето на солидарност, сега мораме да ја насочиме борбата кон нивната причина заради која постојат: да го бранат приватниот имот. Исто така повикуваме за обединување на квир луѓето под знамето на класата на осиромашените и – иако свесни сме за значајноста на дискурсот на привилегијата за нашето внатрешно управување – да на спротивставување на уништената солидарност наспроти добивањето политички бодови и суптилните варијации кои го олеснуваат нашиот живот, како што нѐ поучува образовната платформа „Секојдневен феминизам“ (Everyday Feminism). Не сме сите подеднакво зезнати, но сепак сите сме зезнати. Конечно, повикуваме на антикапиталистичко квир движење кое ќе го промени акцентот од акумулација на права и привилегии и наместо тоа ќе бара аболиција на државната моќ водена од капиталот, најнасилната моќ во нашиот живот. Историјата на задолжителната хетеросексуалност ја открива апсолутната зависност на капитализмот од неговата способност да репродуцира одреден вид на живот. На тој начин ни открива колку дисруптивно квир ослободувањето може, всушност мора, да биде.

Извор