26 Jan Анти-геј ставови во македонските учебници
СНЕЖАНА ВРАНГАЛОВА
докторанд по развојна психологија на Универзитетот “Корнел” во Њујорк
Ваквите експлицитни антигеј ставови кои во овие два учебника по развојна психологија – “Психологија на детството и адолесценцијата” (Мурџева-Шкариќ, 2009) (“Детство”),Психологија на возрасните и стареењето” (Мурџева-Шкариќ, 2010, н.з. – се само накратко изнесени, се детално разработени во “Род”, третиот учебник од истата авторка, професор по развојна психологија на Филозофскиот факултет, Олга Мурџева-Шкариќ. Околу 80 отсто од шестото поглавје од оваа книга, насловено “Психосексуален развиток, растројства и етички преиспитувања” (стр. 265-327), е посветено на докажување дека хомосексуалноста и транссексуалноста се психички и општествени болести кои треба да се искоренат; останатите 20 отсто се резервирани за изложување на Фројдовата теорија за сексуалноста како “класична рамка за здраво психосексуално воспитување и здрав психосексуален развој”. Шеесет страници хомофобија е невозможно детално да се презентираат на простор од неколку страници, што овој текст го дозволува: подолу се сумирани главните проблематични аспекти на оваа книга.
Главната премиса на авторката е дека хомосексуалноста е неприродна и ненормална појава и “застој во психосексуалниот развој на пониско ниво”, како и дека хетеросексуалноста е “1. подобра за општеството и 2. поздрава за индивидуата”. Како докази за ова, таа ги наведува следниве: “верското и моралното убедување дека хомосексуалноста е погрешна, значајниот ризик за пренесување сексуално преносливи болести преку хомосексуален секс, физиолошката некомпатибилност на аналниот секс (кој кај повеќето предизвикува болки), скусената должина на животот кај хомосексуалните единки, нагласениот промискуитет, почестите самоубиства, нивното почесто изложување на насилен секс, подоцна придружено со колективната фантазија распространета во супкултурата на хомосексуалците дека сексуалните повреди и силувања од страна на силен и моќен маж се нормални”.
Втората премиса е дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет (дали лицето се доживува себе си како машко или женско) не се биолошки предизвикани појави, туку се исклучиво резултат на воспитувањето и личните искуства во детството и во адолесценцијата. Според авторката, здравата хетеросексуална ориентација и здравиот родов идентитет се развиваат кога постојат хармонични односи во семејството, кога родителите соодветно го социјализираат своето дете да се чувствува и однесува како припадник на својот пол, и кога не постои насилство или трауми. Од друга страна, хомосексуалноста и транссексуалноста (доживувањето на себеси како припадник на спротивниот пол) се јавуваат кога децата доживуваат “психопатолошки и емоционални потреси во искуствата со мајките”; кога ги перцепираат своите врски со татковците како “оддалечени, негативни, и конфликтни”; или кога биле сексуално злоставувани од страна на возрасен хомосексуалец. Авторката верува и дека постојат “подмолно меѓународно-вмрежени групи” на хомосексуалци и педофили што “агресивно организирано дејствуваат” да ја промовираат хомосексуалноста и да регрутираат нови членови. Бидејќи, според неа, хомосексуалноста се учи во текот на животот, ова е опасен пат за корумпирање на подводливата и збунета младина.
Поаѓајќи од овие две премиси, авторката го застапува мислењето дека ова “зло” може и треба да се искорени, а со цел “да се избегнат непотребните социјални проблеми кои хомосексуалноста ги предизвикува”. Таа ја користи втората премиса (дека хомосексуалноста не е биолошки предодредена) како доказ дека таа “не е неизбежно поведение”, таа е “избор, а не судбина” и поради тоа не треба да се прифати како нормална. Таа предложува два главни начина за систематско искоренување на оваа појава. Прво, треба превентивно да се делува во општеството преку ширење на соодветни информации за тоа што е здрав психосексуален развој. На пример, таа вели: “Децата и младите треба да добијат доволно информации кои ќе им помогнат да се заштитат од силниците и да не ја фатат насоката кон некоја од овие амбивалентни и девијатни поведенија… Во првите информации, уште кај децата од 6-7 години, треба да се каже дака тие се погрешно насочување на еротската љубов бидејќи водат кон стерилност.” Второ, за оние што “веќе ја фатиле насоката кон овие девијантни поведенија”, таа предложува психотерапија со која хомосексуалните лица се конвертираат во хетеросексуални лица. Според неа, ваквата конверзивна или репаративна терапија е најчесто успешна, посебно кога терапевтот е оптимистичен за исходот и кога со третман ќе се започне на порана детска возраст. Затоа ги советува родителите да започнат со терапија веднаш штом ќе забележат дека нивното дете покажува несоодветен родов идентитет или хомосексуални наклоности.
Уште многу проблематични изјави и ставови се присутни низ овие 60 страници. Овде може да се наведат уште неколку илустративни примери, како што е тврдењето дека педофилијата е позастапена кај хомосексуалните, отколку кај хетеросексуалните мажи, но и честото изедначување на хомосексуалноста и педофилијата. На друго место, авторката изјавува дека “хомосексуалноста го искривоколчува истополното пријателство” и дека “таа ? се заканува на хетеросексуалната брачна заедница, која е заштита на децата”. Конечно, треба да се напомене и дека стилот со кој е напишана оваа книга е прилично непрофесионален и колоквијален, изнесените тврдења се честопати контрадикторни, а презентираните идеи многу пати се толку дезорганизирани и неповрзани од една до друга реченица, што наликуваат на “салата на зборови” без никаква логичка или тематска кохезија.
(текстот е извадок од студијата “(Хомо)сексуалноста во образованието на РМ” на Коалиција ‘Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници)
Преземено од Глобус