КСЕНОФЕМИНИЗАМ-Политика за отуѓување | Laboria Cuboniks

КСЕНОФЕМИНИЗАМ-Политика за отуѓување | Laboria Cuboniks

Превод: Јулија Мицова

НУЛА

0x00

Живееме во вртоглав свет. Свет напливнат од технолошко посредување, кое го испреплетува секојдневниот живот со апстракција, виртуелност и комплексност. КФ конструира феминизам прилагоден на овие реалности: феминизам со беспримерни вештини, обем и визија; иднина во која остварувањето на родовата правда и феминистичката еманципација ќе придонесат да се создаде универзалистичка политика составена од потребите на секое човечко суштество, а која ги надминува расните карактеристики, способностите, економскиот статус, и географската позиција. Доста ни е од бесперспективното повторување на капиталистичкото тркало, доста е од покорната амалска работа, продуктивната и репродуктивната, доста ни е од отелотворувањето на дадената реалност маскирана како критика. Мораме да ја спасиме нашата иднина од скаменетоста. КФ не претставува понуда за револуција, туку облог за долгата игра на историјата, и налага имагинација, вештина и истрајност.

0x01

КФ ја ползува отуѓеноста како стимул за генерирање на нови светови. Сите сме отуѓени – но дали некогаш било поинаку? Токму благодарение на, а не наспроти ваквата состојбата можеме да се ослободиме од калливата неодложност. Слободата не е даден факт – секако не е даден од страна на нешто „природно“. Конструкцијата на слободата повлекува не помалку туку поголема доза на отуѓеност; отуѓеноста е плод произведен со конструирањето на слободата. Ништо не смее да се сфати како фиксно, постојано или „дадено“ – ни материјалните услови, ниту пак општествените форми. КФ ги видоизменува, води и испитува сите хоризонти. Секој осуден како „неприроден“ во согласност со доминантите биолошки норми, секој што искусил неправдини во името на природниот ред ќе сфати дека глорификацијата на „природата“ нема што да ни понуди – на квир и транс лица меѓу нас, поинаку способните, како и жртвите на дискриминација како резултат на бременост или одгледувањето на сопствените деца. КФ е жолчно анти-натуралистичка.  Есенцијалниот натурализам базди на теологија – колку побрзо го изгониме, толку подобро.

0x02

Зошто нема доволно експлицитни, организирани напори за пренаменување на технологиите за прогресивни родово-политички цели? КФ настојува на стратешка употреба на постоечките технологии за реконструирање на светот. Овие инструменти содржат големи ризици; склони се на нерамнотежа, злоупотреба и експлоатација на послабите. Наместо да глумиме дека не постојат ризици, КФ се залага за монтирање на неопходните техно-политички интерфејси способни да одговорат на ваквите ризици. Технологијата не е прогресивна по својата природа. Нејзината употреба е неразделна од културата во еден позитивен циклус на повратни информации кои ја оневозможуваат линеарната последователност, претскажувањето и апсолутната внимателност. Научно-технолошките иновации мора да бидат сврзани со колективна теоретска и политичка мисла, каде жените, квир лицата и родово не-конформираните ќе имаат неспоредлива улога.

0x03

Вистинскиот еманципаторски потенцијал на технологијата сѐ уште не е остварен до крај. Потхранета од пазарот, нејзиниот забрзан развој се урамнотежува со надуеност, а на потрошувачот му се препушта елегантната иновација која го краси неговиот зачмаен свет. Зад бучниот метеж на комодифицираното ѓубре крајната цел се крие во развојот на технологии кои ќе се борат против нерамноправниот пристап до репродуктивните и фармаколошките инструменти, еколошките катаклизми, економската нестабилност, како и опасните форми на неплатен/нископлатен труд.  Родовата нееднаквост е сѐ уште својствена за областите на технолошки развој, изградба и законска регулација, додека на жените кои работат во електрониката (како само еден пример од индустријата)  им се доделуваат најнеплатените, монотони и макотрпни работни обврски. Ваквата неправедност налага структурна, машинска и идеолошка исправка.

0x04

Ксенофемизмот претставува рационализам. Тврдењето дека разумот или рационалноста „по својата природа“ се патријархална организација повлекува признавање на пораз. Навистина, во канонската „историја на мислата“ доминираат мажи, и токму машките раце ги задушија научните и технолошките институции. Затоа феминизмот мора да биде рационализам – како резултат на ваквата бедна нерамнотежа, а не и покрај истата. Не постои „женска“ рационалност, како што не постои ниту „машка“ рационалност. Науката не претставува израз на родот туку укинување на истиот. Доколку во денешно време во науката доминира машкото его, тогаш се наоѓа во конфликт со самата себе – контрадикција којашто може да се искористи. Разумот, како и информациите, бара да биде слободен, но патријархатот не ја дозволува таквата слобода. Самиот рационализам мора да биде феминизам. КФ ја означува точката на пресек во кои овие две тврдења се преклопуваат во меѓусебна зависност. Го назначува разумот како инструмент на феминистичката еманципација и го објавува правото на секого да зборува во име на никој особено.

ПРЕКИН

0x05

Прекумерната скромност во феминистичките агенди во последните неколку декади не е пропорционална со монструозната комплексност на нашата реалност, реалност испреплетена со оптички кабли, радио и микробранови, нафтени и гасни цефководи, воздушни и поморски рути, како и со немилосрдното, симултано спроведување на милиони комуникациски протоколи со секоја измината милисекунда. Систематското размислување и структурната анализа во голема мера им отстапија место на достојните за восхит, но сепак недоволни борби, врзани за фиксни локации и фрагментарни побуни. Додека капитализмот се восприма како комплексна целина која постојано се шири, повеќето таканаречени еманципаторски анти-капиталистички проекти опстојуваат во длабок страв од транзиционирање кон универзалното, се опираат на политиките кои ја рефлектираат севкупната слика, осудувајќи ги како нужно репресивни вектори. Ваквата погрешна гаранција ги согледува универзалностите како апсолутни, при што генерира исцрпна непостојаност меѓу она што настојуваме да го поразиме и стратегиите кои ги применуваме за да го поразиме.

0x06

Глобалната комплексност ни го отвора патот кон итни когнитивни и етички барања. Се работи за прометејска обврска која не смее да се избегне. Феминизмот од 21от век – од остатоците на постмодерната идентитарна политика до значителен дел од современиот екофеминизам – во голема мера се бори соодветно да одговори на овие предизвици на начин преку кој ќе се создаде значителна и истрајна промена. Ксенофеминизмот настојува да се соочи со ваквите обврски како колективни агенти кои можат да транзиционираат меѓу бројните нивоа на политичката, материјалната и концептуалната организација.

0x07

Настојуваме да бидеме синтетични, незадоволни само со анализа. КФ повикува на конструктивна осцилација меѓу описот и прописот за мобилизирање на рекурзивниот потенцијал на современите технологии во насока на родот, сексуалноста и диспаритетот на моќта. Со оглед на обемот на родовите предизвици конкретно поврзани со животот во дигиталното доба – од сексуално вознемирување преку социјалните медиуми, до злонамерно објавување на лични информации или содржини, приватност и заштита на слики објавени на интернет – состојбата налага феминизам кој ја прифаќа употребата на компјутери. Во денешно време е нужен развој на идеолошка инфраструктура со која ќе се поддржат и овозможат феминистички интервенции во рамките на сврзувачки, вмрежени елементи на современиот свет. Ксенофеминизмот не е ограничен на дигитална самоодбрана и ослободување од патријархалните мрежи. Имаме за цел да култивираме примена на позитивна слобода – слобода за, наместо слобода од – и ги повикуваме феминистките да се опремат со вештини за прераспределување на постоечките технологии и за откривање на нови когнитивни и материјални алатки во служба на заедничката цел.

0x08

Радикалните можности создадени со развојот (и отуѓувањето) на форми на технолошко посредство не треба да се користат единствено за ексклузивните цели на капиталот, создадени за да бидат од полза само за неколкумина. Расте бројот на инструменти што треба да се анексираат, но и покрај тоа што никој не може да ја гарантира нивната широка пристапност, во денешно време дигиталните алатки се подостапни и почувствителни на апропријација од кога било. Не забораваме на фактот дека развојот на технолошката индустрија влијае негативно на значаен процент на сиромашните во светот (од работниците во фабриките кои работат во лоши услови до селата во Гана претворени во складишта за електронскиот отпад на глобалните сили), напротив ова е експлицитна потврда на ваквите услови како цел на елиминација. Како што откривањето на берзата водеше до откривање на падот на берзата, така и Ксенофеминизмот е свесен дека технолошката иновација неопходно мора одговорно да ги предвиди сопствените системски заболувања.

ЗАМКА

0x09

КФ ги отфрла илузијата и меланхолијата како политички инхибитори. Илузијата, слепа претпоставка дека слабите ќе ги победат силните без стратешка координација, води кон неостварени ветувања и конфузни нагони.  Се работи за политика која посегна по толку многу за на крај да заврши со многу малку. Без напорите на масивните колективни социјални организации, пројавувањето на желбата за глобална промена претставува само фантазирање. Од друга страна, меланхолијата – својствена за левицата – нѐ учи дека еманципацијата е изумрен вид кој треба да се оплака и единственото на што може да се надеваме се напливи на негација. Во најлош случај, таквиот став единствено генерира политичка апатија, а во најдобар случај создава атмосфера на сеприсутен очај кој премногу често дегенерира во градење фракции и тесноградо морализирање. Меланхолијата како душевна болест предизвикува политичка инерција, а, под маската да се биде реален, со неа се губи секаква надеж за поинаква калибрација на светот. КФ нуди вакцина токму против овие болести.

0x0A

Политиките кои го валоризираат исклучително локалното додека ја поткопуваат глобалната апстракција не се доволни. Да се напушти или одрекне капиталистичката машинерија не значи и дека истата ќе исчезне. Слично, предлозите да се притисне кочницата за итно кочење, повиците да се забави и намали движењето е можност достапна за малкумина, насилна особеност на екслузивитетот, која во краен случај повлекува катастрофа за повеќето. Да се одбие да се размислува отаде микро-заедницата, да се изградат врски меѓу фрактурираните востанија, да се разбере начинот на кој тактиките за еманципирање можат да се насочат кон универзална имплементација, значи да се задоволиме со привремени, одбранбени гестови. КФ е афирмативно суштество подготвено за борба, кое жестоко инсистира на можноста на промена од голем размер за сите туѓинци како нас.

0x0Б

Од современата квир и феминистичка политика исчезна одредена доза на непостојаност и неприродност на светот, во корист на плурална, но статична констелација на родови идентитети, во чија бледа светлина тврдоглаво се вратија равенките за доброто и природното. Иако поседуваме (веројатно) широк праг на „толеранција“ кој е за восхит, често ни велат да побараме утеха во неслободата, полагајќи право на тоа дека така сме „се родиле“, небаре нудат изговор благословен од природата. При тоа, хетернормативниот центар работи под полна пареа. КФ го предизвикува центрифугалниот референт, свесни дека полот и родот се пример за потпората меѓу нормите и фактите, меѓу слободата и принудата. Да се наклони потпората во насока на природата претставува одбранбена отстапка во најдобар случај, и повлекување од тоа што придонесува транс и квир политиката да не се ограничува само на лобирање: таа е макотрпна пројава на слободата против поредок кој изгледа не може да се промени. Како и во секој мит за дадената реалност, преку прекажување се создава реален свет на хаос, насилство и сомневање. „Даденото“ се изолира во приватниот домен како неоспорлив факт, но се повлекува од фронтовите на јавните последици. Кога можноста за транзиција стана реална и јавна, гробницата под олтарот на Природата напукна, при што нови истории – од кои напливнаа иднини – му избегаа на стариот поредок на „полот“. Дисциплинската мрежа на родот во голем дел претставува обид да се поправат нарушените темели, и да се скротат животите кои ја избегнале. Време е сосема да се урне олтарот, наместо да се поклонуваме пред него во извинување за трошната независност за која се изборивме.

0x0В

Доколку во минатото „сајбер просторот“ ветуваше бегство од стегите на есенцијалистичките идентитарни категории, современите социјални медиуми насилно ја променија насоката, со што истиот се претвори во театар на чија сцена се простираат идентитети. Со ваквите кураторски практики доаѓаат и пуританските ритуали за морално одржување, фази кои често бидуваат прегазени од отфрлените задоволства на обвинувања, засрамување и осуда. Значајни платформи за поврзување, организација и споделување на вештини се запрени од препреките за продуктивна дебата позиционирани небаре тие самите се дебата. Ваквата пуританска политика на срамот – која прави фетиш од опресијата небаре е благослов и ги заматува водите на морализаторското беснило – нѐ остава во студенило. Не бараме ниту чисти раце ниту прекрасни души, ниту доблест ни терор. Бараме супериорни форми на корупција.

0x0Г

Одовде, при задачата за градење на платформите за социјална еманципација и организација не смеат да се игнорираат културните и семиотските мутации кои ги овозможуваат овие платформи. Миметичките паразити кои поттикнуваат и координираат однесување оградено од претставата за себе која ја имаат нивните домаќини мора да се преорганизира; доколку не успееме, мемите како што се „анонимност“, „етика“, „социјална правда“ и „привилегирана контрола“ ќе предизвикаат социјални динамики кои се разидуваат со нивните намери, достојни за почит. Колективната само-контрола налага хиперстицијална (hyperstitional) манипулација на конците кои управуваат со желбата и ангажирање на семиотички оператори на теренот на густо замрежените културни системи. Волјата секогаш ќе биде корумпирана од мемите во кои истата сообраќа, но ништо нема да нѐ спречи да го инструментализираме овој факт и да го калибрираме земајќи ги во предвид целите кои истиот ги посакува.

ПАРИТЕТ

0x0Д

Ксенофеминизмот се стреми кон аболиција на родот. „Родовиот аболиционизам“ не претставува шифра за искоренување „родовите“ карактеристики, такви какви што човековата популација ги препознава во моментов. Во патријархатот таков проект не би успеал – претставата за тоа што е „родово“ се лепи несразмерно за женскоста. Но дури и доколку се воспостави ваквата рамнотежа, немаме никаква полза од редуцирањето на сексуалниот диверзитет во светот. Нека цветаат стотици пола! „Родовиот аболиционизам“ претставува стенограм за амбицијата да се конструира општество во кое карактеристиките кои во моментов ја сочинуваат рубриката род нема повеќе да бидат дел од решетката за асиметрична операција на моќта. „Расниот аболиционизам“ може да се дефинира во слична формула – борбата мора да продолжи се дури расните карактеристики кои владеат во моментов повеќе не претставуваат основа за дискриминација, не повеќе од бојата на очите. Конечно, еманципаторскиот аболиционизам е нужно насочен кон хоризонтот на класниот аболиционизам, бидејќи токму во капитализмот се среќава опресијата во транспарентна, денатурализирана форма: не сте експлоатирани или угнетувани затоа што се најмен работник или сиромашен; вие сте работник или сиромашен затоа што се експлоатирани.

0x0Ѓ

Ксенофеминизмот е свесен дека остварливоста на еманципаторските аболиционистички проекти – аболицијата на класата, родот и расата – се условени од сеопфатна преработка на универзалното. Универзалното мора да се сфати како генеричко, со други зборови, интерсекционално. Интерсекционалноста не претставува морцелација на колективи во статична репрезентација на идентитети поврзани еден со друг, туку политичка ориентација која прострујува низ секој детаљ и ја одбива грубата класификација на телата. Овој вид на универзално не може да се наметне одозгора, туку да се изгради од основата нагоре  —  или, уште подобро, латерално, со отворање на нови линии на транзит преку нееднаков пејзаж. Ваквиот вид на неапсолутна, генеричка универзалност мора да се заштити од површната тенденција за соединување со бомбастични, необележани поединости – имено евроцентричниот универзализам – каде машкото погрешно се поистоветува со бесполовото, белото со безрасното, цис-родовото со вистинското, и така натаму. Во отсуство на таква универзалност, аболицијата на класата ќе биде само буржујска фантазија, аболицијата на расата ќе биде премолчана доминација на белата раса, а аболицијата на родот ќе биде лошо прикриена мизогинија, дури и – особено – доколку е предводена од самите заколнати феминистки. (апсурдната и непромислена глетка која е резултат на кампањите на бројни само-наречени „родови аболицисти“ против транс жените е доволен доказ за ова.)

0x10

Постмодернистите нѐ научија да ги запалиме фасадите на погрешното универзално и да ги отстраниме таквите забуни; модернистите нѐ научија да ги прочистиме новите универзалности од пепелта на погрешното. Ксенофеминизмот настојува да конструира коалициона политика, политика недопрена од инфекцијата на чистотата. Ракувањето со универзализмот налага промислени квалификации и прецизна само-опсервација со цел да се претвори во готова алатка за многуте политички тела, инструмент за борба против бројните угнетувања кои ги испресекуваат родот и сексуалноста. Универзалното не претставува модел, и наместо да ги диктираме неговите употреби однапред, го предлагаме КФ како платформа. Одовде, самиот процес на конструкција се подразбира како негенотропско, итеративно и постојано премоделирање. Ксенофеминизмот се стреми да биде променлива архитектура којашто, како софтвер со отворен код, е подложлив на постојано менување и унапредување во согласност со навигацискиот импулс на милитантното етичко расудување. Сепак, отворен не значи и ненасочен. Најиздржливите системи во светот ја должат стабилноста на начинот на кој го дресираат поредокот да се појави како „невидлива рака“ од чиста спонтаност; или ја експлоатираат инерцијата на инвестицијата и седиментацијата. Неопходно е да учиме од противниците или успесите и неуспесите во историјата. Не заборавајќи го ова, КФ бара начин да зачне рамноправен и справедлив поредок, при што ќе го вбризга во геометријата на слободите кои ги нудат овие платформи.

ПРИЛАГОДУВАЊЕ

0x11

Нашата судбина е поврзана со технонауката, каде не постои нешто толку свето за да не може да се преорганизира и трансформира со цел да се прошири нашата перспектива за слобода, која ги опфаќа и родот и човекот. Да се каже дека ништо не е свето, дека ништо не е трансцендентно или заштитено од волјата за знаење, дека не може да се допре или хакира, значи да се каже дека ништо не е суперприродно. „Природата“ – сфатена како неограничена арена на науката – нема ништо повеќе од тоа. Одовде, со одбивањето на меланхолијата и илузијата, неамбициозното и тоа што не може да се измери; либидинизараниот пуританизам на одредени онлајн култури, и Природата како нешто дадено што не може повторно да се направи, сфаќаме дека нормативниот анти-натурализам нѐ турнал кон непоколеблив онтолошки натурализам. Тврдиме, не постои ништо што не може да се проучува научно и манипулира технолошки.

0x12

Тоа не значи дека разликата меѓу онтолошкото и нормативното, меѓу фактот и вредноста се дефинира еднаш засекогаш. Векторите на нормативниот анти-натурализам и онтолошкиот натурализам зафаќаат бројни амбивалентни боишта. Проектот кој се занимава со одгатнување на она што треба да биде од она што е, одвојување на слободата од фактите, волјата од знаењето навистина претставува бесконечна задача. Постојат бројни празнини во кои желбата нѐ соочува со бруталноста на фактите, каде убавината е неразделна од вистината. Поезијата, сексот, технологијата и болката се усвитени од затекнатата тензија. Но доколку ја запоставиме задачата да испитуваме, да ги пуштиме уздите и намалиме тензијата , жичките ќе исчезнат.

НОСИ

0x13

Потенцијалот на првичната интернет култура, заснована на текстот, да се спротивстави на репресивните родови режими, да генерира солидарност меѓу маргинализираните групи, и да создаде нови простори за експериментирање кои го поттикнаа сајбер феминизмот во деведесеттите очигледно опадна во дваесет и првиот век. Доминантноста на визуелното во денешните онлајн интерфејси ги обнови познатите модели на идентитарен надзор, односите на моќ и родовите норми во себе-застапувањето. Но тоа не значи дека сајбер феминизмот му припаѓа на минатото. За да ги издвоиме субверзивните можности од опресивните кои се латентни во денешната веб мрежа налага феминизам насочен кон притаеното враќање на старите структури на моќ, доволно итри да го експлоатираат потенцијалот. Дигиталните технологии се составен дел од материјалните реалности кои ги пропишуваат; поврзани се на тој начин што секоја може да се искористи со цел другата да се измени. Наместо да спориме за приматот на виртуелното над материјалното, или на материјалното над виртуелното, ксенофеминизмот лоцира точки на моќ и немоќност во обете, за ова знаење да се открие во форма на ефективни интервенции во нашата заеднички составена реалност.

0x14

Интервенирањето во хегемонии кои се очигледно материјални е суштинско како што е и интервенирањето во дигиталните и културните. Промените во изградената средина содржат значајни можности за реконфигурација на хоризонтите на жените и квир лицата. Како олицетворение на идеолошките констелации, производството на простор и одлуките кои ги носиме околу неговото организирање всушност претставуваат артикулации за „нас“ и соодветно, како „ние“ може да се артикулираме. Со можност да се исклучат, ограничат или отворат идните општествени услови, ксенофеминистките мора да се прилагодат на јазикот на архитектурата кој претставува вокабулар за колективна корео-графија – координирано испишување на просторот.

0x15

Од улицата до домот, домашниот простор исто така не смее да им избегне на нашите пипала. Длабоко вкоренет, домашниот простор се смета за неодвоив, при што домот како норма е споен со домот како факт, како непроменлива даденост. Во нашиот хоризонт нема места за задушување на „домашниот реализам“. Сакаме да видиме проширени куќи со споделени лаборатории, заеднички медиуми и технички капацитети. Домот е подготвен за просторна трансформација, како составен дел од секој процес на феминистичката идност. Ова не смее да се ограничи на портите на градината. Очигледно е дека повторното откривање на семејната структура и домашниот живот во моментов е возможно само на сметка или на повлекување од економската сфера – како во комуна – или да се поднесе товарот многукратно зголемен — како самохраните родители. За да ја прекинеме инерцијата која ја држи во место очајната фигура на нуклеарната семејна единица, која неуморно ги изолира жените од јавниот простор, а мажите од животот на нивните деца, при што ги казнува оние кои застрануваат од тоа, мора внимателно да ја истражиме материјалната инфраструктура и да го прекинеме економскиот циклус кој ја блокира. Задачата што ни претстои е двократна, а нашата визија е нужно стереоскопска: мора да создадеме економија која ќе го ослободи репродуктивниот труд и семејниот живот, и да изградиме модел на семејност ослободен  од монотонијата на наемниот труд.

0x16

Од домот до телото, притиска артикулацијата на проактивна политика за биотехничка интервенција и хормони. Хормоните хакираат во родовите системи каде имаат политички опфат отаде естетската калибрација на индивидуалните тела. Промислена на структурен начин, дистрибуцијата на хормоните – кој или што приоритезира или патологизира – е од суштинско значење. Подемот на интернетот и хидрата на црниот фармацевтски пазар која ја ослободи – како и јавно достапната архива на ендокринолошкото знаење – беа инструментални за преземање контрола над хормоналната економија од институциите – „чувари“ кои настојуваат да ги редуцираат заканите за воспоставените дистрибуции на сексуалното. Смената на власта на бирократите со онаа на пазарот, сепак не претставува извојувана победа. Плимата мора да надојде посилно. Прашуваме, дали идиомот „родово хакирање“ всушност може да се употреби како долгорочна стратегија, стратегија за „wetware“ слично на она што хакерската култура го создаде за софтверот – конструкција на универзум на слободни и отворени платформи, наjдобриот пример за спроводлив комунизам за повеќето од нас. Без непромислената опасност по нашиот живот, би можеле ли да ги обединиме рудиментарните ветувања на фармацевтското 3-Д печатење (‘Reactionware’), грасрутс (grassroots) телемедицински клиники за абортус, родов хакерски активизам и самоорганизирани форуми за хормонска заменска терапија и така натаму, за да се создаде платформа за слободна и транспарентна медицина?

0x17

Од глобалното до локалното, од облакот до нашите тела, ксенофеминизмот презема одговорност за конструкција на нови институции со техноматеријалистички хегемонски пропорции. Налик на инженери чија должност е да ја обмислат целосната структура како и молекуларните делови од кои ќе биде сочинета, КФ ја нагласува значајноста на мезополитичката сфера наспроти ограничената ефективност на локалните гестови, создавањето на автономни зони и потполниот хоризонтализам, таков како што е против трансцендентните, односно вертикално наметнатите вредности и норми. Мезополитичката арена на ксенофеминистичките универзалистички амбиции се согледува себеси како мобилна, комплексна мрежа на транзит меѓу овие поларитети. Како прагматичари, ја охрабруваме контаминацијата како заедничка движечка сила меѓу овие граници.

ИЗЛИВ

0x18

КФ смета дека за да се прилагоди нашето однесување кон ерата на Прометејска комплексност потребен е напор кој налага трпеливост, но упорита трпеливост спротивно на „чекање“. Калибрирањето на политичката хегемонија или бунтовничкиот мемплекс не само што повлекува создавање на материјални инфраструктури кои ќе артикулираат експлицитна вредност, туку поставува одредени барања за самите нас како субјекти. Како да станеме домаќини на овој нов свет? Како да изградиме подобар семиотски паразит – таков што ќе ги поттикне желбите кои посакуваме да ги имаме, кој не оркестрира автофагиска оргија на понижување или бес, туку еманципаторско и рамноправно општество поткрепено со нови форми на несебична солидарност и колективна самоконтрола?

0x19

Дали ксенофеминизмот е програма? Не доколку тоа повлекува некакво вулгарно значење во смисла на рецепт или еднонаменска алатка со која определен проблем ќе се реши. Нашиот начин на размислување наликува на оној на сплеткар или на ЛИСП програмер кој има за цел да создаде нов јазик за да го потопи конкретниот проблем, така што решението за истиот или бројни други слични проблеми ќе настапи со леснотија. Ксенофеминизмот е платформа, амбиција во зачеток за создавање на нов јазик на сексуална политика – јазик кој користи сопствени методи како материјали кои треба да се преработат и постепено да се покренат во функција. Знаеме дека проблемите со кои се соочуваме се системски и испреплетени еден со друг, и дека глобалниот успех зависи од наметнувањето на миријада на вештини и контексти со логиката на КФ. Нашата трансформација е трансформација на протекување, директна категоризација, а не брз преврат; се работи за трансформација на обмислена конструкција, настојба да се потопи капиталистичкиот патријархат на белата надмоќност во море на процедури кои ќе ја омекнат неговата школка и ќе ја демонтираат неговата одбрана, за да се изгради нов свет од неговите остатоци.

0x1A

Ксенофеминизмот ја индексира желбата за создавање на туѓа иднина со триумфално Х на мобилна мапа. Притоа Х не означува дестинација. Х воведува тополошки клучен кадар за создавање на нова логика. При декларацијата на иднина несврзана со повторувањето на сегашноста, се бориме за амплиативни капацитети, за слободни простори чија геометрија е побогата од таа на коридорите, монтажната линија и мензата.  Потребни ни се нови возможности за перцепција и дејство, неограничени од натурализираните идентитети. Во името на феминизмот, „Природата“ повеќе нема да претставува засолниште за неправдината, или основа за каква било политичко оправдување!

Ако природата е неправедна, сменете ја природата!

Извор