Реакција

Реакција

До: Никола Груевски, Премиер на Владата на Република Македонија,

        Михајло Маневски, Министер за правда,

        Џељаљ Бајрами, Министер за труд и социјална политика

        Трајко Славевски, Министер за финансии

        Бујар Османи, Министер за правда

        Ивица Боцевски, Заменик на претседателот на Владата на Република Македонија

Предмет: Реакција по однос тендерот на Владата на Република Македонија за кампања за објаснување на последицита од абортус и Барање за повлекување на истиот или негово изменување

Почитувани,

             Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници (ХЕРА, ХОПС, МАССО, ЕГАЛ, СТАР, ИЗБОР, ММНШ) реагира по однос објавениот владин тендер за објаснување на последиците од абортус, наоѓајќи го притоа истиот како потенцијален иницијатор на серизно  ограничување на сексуалните и репродуктивни права на жените и контрапродуктивен соогласно препораките дадени во “Стратешката проценка на политиката, квалитетот и пристапот до контрацепција и абортус во Република Македонија“ издаден од страна на Министерството за здравство и Републичкиот Завод за здравствена заштита (Октомври 2008) како владинини институции.

 
           Коалицијата смета дека тендерската документација по однос гореспоменатиот  тендер претставува документ во кој јасно се гледа дека причините за реализацијата на ваква кампања се различни од целите објавени со самиот наслов на истата. Имено станува збор за неколку недоследности и индикатори за можните опасни последици коишто кампањата би ги ефектуирала. Истата истовремено преставува контрадикторна политика на Влаадата во однос на препораките на Министерството за здравство за унапредување на политиките и програмите за абортус што укажува на крајна некординираност меѓу овие институции и непочитување на експертизата од страна на владините здравствени институции.

Првично сметаме дека изнесувањето на податоци кои се повикуваат на спекулации и неофицијални извори од страна на владата претставува не само негирање на официјалните податоци со коишто располага Државниот завод за статистика и Републичкиот завод за здравствена заштита, туку недоследност во однос на податоците, заклучоците и препораките произлезени од официјални документи за самото Министерство за здравство. Имено, во Стратешката проценка на политиката, квалитетот и пристапот до контрацепција и абортус во Република Македонија,  документ израбетен во соработка на Министерството за здравство и Републичкиот завод за здравствена заштита, изработен во мај 2008 година, јасно се укажува на фактот дека во 2006 година, стапката нa наталитет во Македонија е 11.1 на 1000 жители, а стапката на морталитет е 9.1 на 1000 жители, што резултира со стапка на годишен прираст на населението од 2,0 на 1000 жители“, како и дека “во Македонија во изминатиот период бројот на регистрираните абортуси е во постојано опаѓање

[1]. Ваквите податоци не соодветствуваат со податоците изнесени во тендерот, а кои се повикуваат на неофицајлни извори и според кои бројката на абортуси во Р.М е дотолку голема што е еднаква на бројот на родени лица во една година.

Понатаму, сметаме дека манипулацијата со вакви податоци во името на порастот на наталитетот, а под закрила на целите за укажување на последиците од абортус, претставува само говор на страв со кој се зголемува стигмата кон жените кои се одлучуваат на абортусот како средство за прекин на бременост, а единствено во името на националните интереси. Аргументирањето на ваквата национална биополитичка стратегија се покажува недоследно доколку се земе предвид и фактот дека се забележува “позитивен тренд на намалување на компликациите кои произлегуваат од неправилното и нестручно изведување на абортусот во несоодветни услови и од нестручни лица (перфорации, ендометрит, сепса и.т.н.)

[2]. Овој податок укажува единствено на фактот дека легално изведениот абортус во здравствено соодветни услови речиси никогаш не резултира со штетни последици по однос здравјето на жената. Напроти ова, спроведувањето на кампања којашто претендира да го осуди абортусот како “одземање на живот на веќе оформен организам“ а со тоа и да ја зголеми стигмата кон жените коишто абортираат или имаат намера да абортираат, може да резултира со страв од легално абортирање и консеквентно, со нелегално изведување на абортус, во неовластени институции и од страна на нестручни лица што, спротивно од целите на кампањата, ќе се ефектуира со зголемен број на смрт на мајки или физички и психолошки последици врз жените кои абортираат. Легализираниот абортус во Македонија до сега се има покажано како ефективно средство за редукција на матерналната смрт, а “во 2006 година тој број е само 1 жена, односно стапка на матернална смртност 4.4 на 100.000 живородени[3].


Стигматизацијата на абортусот во името на националните интереси и неговото осудување преку повикувањето на метафизичките и религиозни аргументи во историјата се има покажано, и сеуште во некои земји се покажува, како фатално по однос животите на милиони жени. Имено, 20 милиони жени годишно завршуваат со трајни физички и психолошки повреди како резултат на небезбедно изведуван абортус; 5 милиони од нив се адолесценти; од 500 000 случаи годишно на смрт на мајки, 70 000 се предизвикани од небезбеден абортус; 96% од небезбедно изведените абортуси се одвиваат во земјите во развој; а најмногу небезбедни абортуси се извршуваат во земјите со најрестриктивни закони по однос на абортусот. Во времето на Чаушеско во Романија, во период од 20 годична прохибиција и осуда на абортусот, 20 000 жени ги изгубија своите животи како резултат на небезбедно изведувани аборуси. Наспроти овие застрашувачки податоци, високоразвиените земји, како Белгија и Холандија, во коишто законите за абортус се лебирализирани до висок степен, а истовремено и свеста и информираноста за сексуалното здравје и заштита од несакана бременост е на високо ниво, бројот на изведени абортуси годишно се движи со исклучително низок процент од 10-13%.

Доколку грижата на владината кампања се репродуктивното и сексуалното здравје на жените и сите граѓани во државата, сметаме дека целите кои треба да ги има една кампања од ваков вид треба да бидат насочени кон зголемен пристап до соодветни информации за заштита од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции, борба против родовите стереотипи, воведување на образование за сексуално здравје, обезбедување на универзален и бесплатен пристап до средства за контрацепција, борба против табуата и стигмите, и обезбедување на сервиси поврзани со планирање на семејството. Во спротивно, консолидацијата на веќе постоечките стереотипи и стигматизацијата на жените кои абортираат како “убијци“ единствениот ефект којшто може да го има е контраефект или фаталниот исход врз животот на жените, наталитетот, морталитетот и економската благосостојба. “Обезбедување на информација за безбедноста, ефикасноста и достапноста на услугите за безбеден абортус

[4] е акција со која единствено може да обезбеди успешно практикување и заштита на сексуалните и репродуктивните права, секоја спротивна акција претставува нивно прекршување и идно загрозување.

Коалицијата гледа на гореспоменатиот текст како на ретрограден обид за порекнување на основните сексуални и репродуктивни права на  жените, загарантирани не само со Уставот на Република Македонија, туку и со цела серија на мегународни документи , вклучително Универзалната декларација за човековите права и слободи (1948), Меѓународна конференција за популација и развој (1994) и Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација против жената (1979) како универзално легитимни документ за промоција и заштита на човековите и репродуктивни права, слобода и достоинство и кои истовремено се ратификувани и од страна на Владата на Република Македонија. Имено, и член 16.1 од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на Дискриминација против жената ги обврзува сите владини институции да “им овозможат на база на еднаквост на мажот и жената исти права да одлучуваат слободно и одговорно во однос на бројот и распоредот на децата и да имаат пристап до информации, едукација и можност кои ќе им овозможат остварување на овие права“.


Реализацијата на кампања од ваков вид и доведувањето во прашање на абортусот како основно и легитимно човеково права на сите жени, сметаме, претставува прекршување не само на интернационалните ратификувани документи, туку воопшто, основните уставни одредби и препораки изработени од страна на Министерството за здравство, како и дефинитивно дистанцирање на Македонија од аспирациите и можностите за влез во големото европско семејство.


Врз основа на сето гореспоменато, Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници ја повикува Владата итно да го повлече од јавност споменатиот тендер, или ургентно да направи комплетна ревизија на истиот и негова реконцептуализација во согласност со препораките дадени во Стратешката проценка на политиката, квалитетот и пристапот до контрацепција и абортус во Република Македонија, документ подготвен од страна на Министерството за здравство и Републичкиот завод за здравствена заштита, а  кои се однесуваат на промоција и заштита на репродуктивните и сексуални права, зголемување на пристапот до контрацепција, подобрување на грижата и квалитетот за абортусот, подигнување на јавната свест и воведување на сеопфатна сексуална едукација и пристап до информации .




[1] Тозија, Фимка (Министрество за здравство и Републичкин завод за здравствена заштита). Стратешката проценка на политиката, квалитетот и пристапот до контрацепција и абортус во Република Македонија, (Скопје, 2008), 60

[2] Тозија, Фимка (Министрество за здравство и Републичкин завод за здравствена заштита). Стратешката проценка на политиката, квалитетот и пристапот до контрацепција и абортус во Република Македонија, (Скопје, 2008), 62

[3] Ibid, 100

[4] 

Ibid, 97