16 May „Да се надмине болката“ – познатата теоретичарка на родот и расата, Бел Хукс, за „Лимонада“ на Бијонсе
Омилената пијачка ми е свежо цедена лимонада. Во моето родно гратче во Кентаки убави црни и бели девојчиња поставуваат тезги за лимонада на улица и од мали нозе учат како се заработуваат пари – бизнис. Како возрасна црна жена којашто верува во прокламацијата „Жено, среди си ги финансиите“ мојата прва реакција на визуелниот албум на Бијонсе „Лимонада“ беше – ете како се заработуваат пари во капитализмот.
Гледачите кои тврдат дека албумот „Лимонада“ е создаден единствено, или пред сѐ за црнечката женска публика ја промашиле темата. Комодитетите, без оглед на содржината, се создаваат, произведуваат и рекламираат со цел да примамат секаков или каков било муштерија. Публиката на Бијонсе е целиот свет, а светот на бизнисот и правењето пари не разликува боја.
Смелоста на овој производ – на овој комодитет- се наоѓа во неговата содржина. Очигледно „Лимонада“ ги експлоатира црните женски тела на позитивен начин – ги поставува во центарот, од нив создава норма. Во визуелниот наратив се јавуваат различни репрезентации (црните женски тела се во сите големини, форми и текстури со големи коси средени во секаков стил). Портретите на обичните секојдневни црни жени се наоѓаат во центарот на вниманието, застанати небаре се членови на кралска фамилија. Неименуваните, неидентификувани мајки на убиените црни момчиња заземаат почесно место. Реални слики од обични, дебели тела се поставени во рамките на визуелната позадина во која се наредени стилизирани, кореографирани репрезентации на модни фанатици. И покрај гламурозната претстава на предвоената мода која преовладувала длабоко во Југот, на почетокот на видео спотот Бијонсе се појавува во спортска лежерна облека, контроверзната качулка. Истовремено, скудно облечената фигура на спортистката Серена Вилијамс како танцува исто така евоцира на спортска облека. (Кога веќе зборуваме за комодификација, во реалноста, новата спортска линија на Бијонсе, Ајви Парк, се рекламира во моментов).
Албумот на гледачите им нуди визуелна екстраваганца – приказ на црни женски тела кои ги пречекоруваат сите граници. Се работи за телото и само телото како комидитет. Секако, овој чекор не е радикален ниту пак револуционерен. Од ропството па до денес, црните женски тела, облечени или соблечени, се купувани и продавани. Комодификацијата во „Лимонада“ е поинаква заради нејзината намера; целта е да заведе, воспее и восхити – да ја предизвика актуелната девалвација и дехуманизација на црното женско тело. Низ „Лимонада“ црното женско тело се естетизира во крајни граници – неговата убавина ви се нуди како моќна конфронтација директно во лице. Оваа понуда не е ништо ново. Слични слики за прв пат беа забележани кај Џули Даш во пионерскиот филм „Ќерки на прашината“ (Daughters of the Dust) сниман од брилијантниот кинематограф Артур Јафа. Повеќето од црно-белите портрети на жени во природата потсетуваат на трансформативната и иновативна современа фотографија на Кери Меј Вимс. Во нејзините дела таа секогаш нуди деколонизирана радикална преработка на црното женско тело.
Карактеристичното кај албумот „Лимонада“ е неговиот широк домен на визуелни пејзажи – конструкцијата на моќното симболично црно сестринство кое ѝ пркоси на невидливоста, кое одбива да молчи. Самото ова претставува големо достигнување – го пренасочува погледот на белата мејнстрим култура. Нѐ предизвикува да погледнеме со нови очи, радикално да го промениме начинот на кој го гледаме црното женско тело. Сепак, ваквото радикално репозиционирање на црната женска слика всушност вистински не ги засенува или променува сексистичките конструкции на црниот женски идентитет.
Иако Бијонсе и нејзините креативни соработници смело нудат мултидимензионални слики на живот на црните жени, поголемиот дел од албумот останува во конвенционалната стереотипна рамка во која црната жена секогаш е жртва. Иако заснован на животните искуства на Бијонсе, албумот „Лимонада“ претставува фантазија, фиктивен наратив во кој Бијонсе е главниот лик. Делото почнува со приказна за болката и неверството, притоа нагласувајќи ја траумата како резултат на истото. Тоа е старата приказна за „Френки и Џони“ („тој беше мој, да, но ми згреши“). Како и фиктивниот лик на Френки, Бијонсе исто така реагира гневно на неверството на нејзиниот маж. Од неа избива насилство. И иако таткото во песната „Лекциите на тато“ ѝ дава пушка и ја предупредува за мажите, таа не го убива нејзиниот маж. Облечена во прекрасна жолта наметка, храбро чекори по улиците со бејзбол палка во рака, удирајќи по некоја кола од време на време. Во оваа сцена, ликот налик божица на Бијонсе е сексуализиран заедно со нејзините дела на емотивно насилство, како во „Танцот на Валкирите“ на Вагнер таа исто така уништува без срам. Помеѓу бројните пораки втиснати во албумот е и воспевањето на бесот. Самобендисано насмевната во жолтата наметка, Бијонсе претставува олицетворение на фантастична женска моќ, која е токму тоа – само фантазија. Сликите на женското насилство ја ослабуваат централната порака втисната во албумот, а тоа е дека насилството во секакви форми, особено насилството на лаги и неверство, повредува.
Спротивно на погрешните претстави за родова еднаквост, жените нема да ја заземат моќта и нема да создадат себе-љубов и самопочит преку насилни чинови. Женското насилство не ослободува, исто како и машкото насилство. А кога насилството е претставено како сексуално и е еротизирано, како што е уличната сцена со секси фустанот во „Лимонада“,тоа не влијае да се намали доминантното културно мислење дека примената на насилство за да се наметне доминација е прифатлива, особено меѓу мажите и жените. Насилството не создава позитивна промена.
Иако Бијонсе и нејзините креативни соработници со помош на моќниот глас и зборовите на Малком Екс го нагласуваат непочитувањето кон црните жени, едноставното прикажување на прекрасни црни тела не создава правична култура на оптимална благосостојба каде црните жени можат да се само-остварат и да бидат навистина почитувани.
Да се почитуваме себеси, да ги сакаме сопствените тела претставува аналогна фаза во создавањето на здрава самопочит. Тој аспект од албумот е потврден. Секако, личното сведочење на Мис Хети, 90 годишната баба на Џеј Зи во кое таа раскажува како преживеала со тоа што од лимоните што животот ѝ ги подарил направила лимонада е прекрасно. Повикот да ги почитуваме предците и постарите инспирира. Сепак, да се заврши наративот на болка и предавство со топли слики од семејството и домот не претставуваат соодветен начин за помирување и заздравување од траумата.
Исто така, во светот на уметноста, црна авторка моќно закотвена како Бијонсе може и да создаде слики, но и да им го наметне на гледачите сопственото толкување за значењето на тие слики. Сепак, нејзиното толкување не соодветствува со вистината. На пример, Бијонсе со сопствениот, не-фиктивен глас и лик тврди дека е феминистка, дури и тврди, во неодамнешно издание на списанието „Ел“, дека „го појаснува вистинското значење“ на поимот, но нејзината конструкција на феминизмот не е за верување. Во нејзината визија за феминизмот таа не повикува на крај на патријархалната доминација, туку единствено инсистира на еднакви права за мажите и жените. Во светот на фантастичниот феминизам, не постојат класни, полови и расни хиерархии во кои се анализираат поедноставени категории на жените и мажите, нема повик за предизвик и промена на системите на доминација, не постои нагласеност на интерсекционалноста. Во таков поедноставен поглед на светот, слободата на жените да бидат исти како мажите се согледува како моќ. Но тоа е погрешна конструкција на моќта бидејќи многу мажи, особено црните немаат вистинска моќ. Впрочем, јасно е дека суровоста и насилството на црните мажи кон црните жени е директен резултат на патријархалната експлоатација и опресија.
Во фиктивниот свет на Бијонсе, таа ја именува болката на црните жени, потресно артикулирана во страсната поезија на поетесата Варсан Шајр родум од Сомалија, движејќи се низ фази евоцирани преку печатените зборови: Интуиција, Негирање, Прошка, Надеж, Помирување. Во ваквиот фиктивен свет, емотивната болка на црната жена може да се разоткрие и открие. Може да добие глас: тоа е значајна и клучна фаза во борбата за слобода, но не води кон крај на експлоатацијата и доминацијата. И покрај макотрпниот труд на жените во врски со патријархални мажи за промена, прошка и помирување, мажите мора да работат на внатрешна и надворешна трансформација со цел да запре емотивното насилство кон црните жени. Од тоа нема ни трага во албумот „Лимонада“. Доколку промената не е заедничка, тогаш емотивната болка на црните жени може ќе се искаже, но во реалноста, мажите сѐ уште ќе нанесуваат емотивна болка (може ли да им се верува на сликите на кои е прикажан грижливиот Џеј Зи со кои се завршува наративот?).
Единствено кога црните жени, како и сите други жени, ќе се спротивстават на патријархалното романтизирање на доминацијата во врските ќе се појави здрава себе-љубов со која црната жена, како и сите други, ќе можат да одбијат да бидат жртви. Сепак, во албумот „Лимонада“ се идеализира свет на родов културен парадокс и на контрадикции. Не се решава ништо. Со гордите зборови на Бијонсе во моќната химна „Слобода“: „Бев и во добро и во лошо, но секогаш наоѓав внатрешна сила за да се извлечам“. За да бидеме навистина слободни, не е доволно само да се преживее во неволја, мора да создадеме живот на постојана оптимална благосостојба и радост. Во тој свет, цедењето и пиењето на лимонада ќе претставува освежително задоволство, вистинска мешавина на горчливото и слаткото, наместо мерка за способноста да се истрпи болката, ќе претставува прослава на надминувањето на болката.
– Бел Хукс
Извор: Bell Hooks Institute
превод: Јулија Мицова