Медицински експерти повикуваат на глобална декриминализација на дрогата

Медицински експерти повикуваат на глобална декриминализација на дрогата

Меѓународна комисија апелира за целосна промена на репресивните политики на дроги наметнати од властите

5400 

Меѓународна комисија составена од медицински експерти повикува на глобална декриминализација на дрогата. Комисијата тврди дека сегашните политики водат кон насилство, смрт и ширење на болести, како и повреда на здравствените и човековите права.

Комисијата, основана од медицинското списание Лансет и Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, откри дека строгите закони за дрогите предизвикаа мизерија, не ја спречија употребата на дрога, поттикнаа насилни криминални дела и помогнаа да се рашири епидемијата на ХИВ и Хепатит Ц преку нестерилна опрема за инјектирање.

Со издавањето на извештајот пред почетокот на специјалната седница на Обединетите Нации посветена на нелегалните дроги, се повикува на целосна промена на репресивните политики наметнати од повеќето влади.

„Целта да се забрани употребата, поседувањето, производството и трговијата со нелегалните дроги е во основата на голем дел од националните закони за дроги, но тие произлегуваат од погрешните претстави за употребата на дрога и зависноста од дрога за кои не постои научна позадина“, вели д-р Крис Бејер од Школата за јавно здравје „Блумберг“ при Универзитетот „Џон Хопкинс“, член на комисијата.

„Глобалната `војна против дрогата` предизвика штета за јавното здравје, човековите права и прогресот. Време е да се преиспита пристапот кон глобалните политики за дрога за да се насочиме кон научните докази и јавното здравје при дискусиите за политиките за дрога“.

Комисијата ги повика ОН да ја подржат декриминализацијата на лесните, ненасилни криминални дела поврзани со дрогите и нивната употреба, поседување и продажба на мали количини. Потребно е да се напушти примената на воена сила против мрежите на дроги, се вели, а полицијата да се насочи кон насилните и вооружени криминалци.

Дел од препораките се:

  • Намалување на затворските казни за жените вклучени во ненасилни криминални дела, а кои често се експлоатирани како „пренесувачи“ на дрога.
  • Постепен премин кон легални, регулирани пазари за дрога кои „ засега се политички невозможни во одредени места“ иако се предвидува дека повеќето земји и САД ќе ја прифатат „насоката што ја препорачуваме“.
  • Обезбедување на лесен пристап до чисти игли, орални дроги како што е метадонот за намалување на инјектирањето и налоксан, противлек за прекумерни дози.
  • Да се прекине воздушното прскање со токсични пестициди на културите од кои се произведуваат.

Комисијата е составена од доктори, научници и експерти за здравствени и човекови права ширум светот. Со комисијата заседава проф. Адеба Камарулзаман од Универзитетот во Малаја и проф. Мајкл Казатчкин, специјалниот пратеник на ОН за ХИВ/СИДА за Источна Европа и Централна Азија.

Според извештајот не постојат доволно научни докази за да се подржат репресивните политики за дроги. Последната специјална седница за употреба на дрога на ОН беше во 1998 година, одржана под слоганот, „можеме да добиеме свет без дроги“. За време на седницата беше усвоена рестриктивна политика со која се повикаа властите да ја елиминираат дрогата преку забрани за нејзината употреба, поседување, производство и трговија.

Во 2011 година бројот на убиства во Мексико порасна на 27.213

 br na ubistva vo Mexico

(графикон на Гардијан/ Извор: Националниот институт за статистика и географија на Мексико)

Комисијата изјави дека тоа не постигна резултати и дека бројот на жртвите предизвикани од ваквиот пристап беше фатален. Одлуката на владата на Калдерон во Мексико во 2006 година да се употреби војската во цивилни области за борба против трговијата со дрога „предизвика епидемија на насилство во поголемиот дел од земјата, а се рашири и во Централна Америка“, се вели во извештајот. „Порастот на бројот на убиства во Мексико од 2006 година наваму е досега невидено за земја која официјално не е во војна. Во одредени делови стапката беше толку висока што придонесе да се намали предвидениот животен век“.

Прохибитивните политики на дроги оставија сериозни негативни последици и врз САД. „Расните предрасуди при спроведувањето на редот, апсењето и изрекувањето на казни е веројатно најдобро документирано во САД, иако не е единствената земја“, велат членовите на комисијата.

„Во САД, во 2014 година шансите афро-американец да биде затворен за криминални дела поврзани со дрога биле пет пати поголеми од оние на белец, иако не постои значителна разлика во стапката на употреба на дрога меѓу овие две популации. Влијанието на ваквата предрасуда врз заедниците на лицата со поинаква боја на кожата е разорувачко од општествен и економски аспект, како и од меѓу-генерациски.

Во САД, апсењата врз основа на поседување на дрога се качија на 1,55 милиони во 2006 година

us arrests

Апсења врз основа на продажба и поседување на дрога во САД, 1980-2012 година

/Апсења заради поседување на дрога   /Апсења заради продажба на дрога и производство

(Графикон на Гардијан: Извор – Министерство за правда на САД)

Комисијата наведува дека одредени земји и одредени држави во САД веќе почнаа со декриминализација. „Земјите како Португалија и  Република Чешка ги декриминализираа полесните криминални дела поврзани со дрога пред една година, со значителни финансиски заштеди, помала стапка на затворање, голем придонес за јавното здравје и без значително зголемување на употребата на дрога“, вели извештајот.

„Декриминализацијата на лесните прекршоци како и подобрувањето на услугите за ХИВ превенција овозможија контрола на експлозивната епидемија на ХИВ предизвикана од употребата на нестерилна опрема за инјектирање во Португалија, и веројатно ја спречи во Чешката Република“.

Бејер за Гардијан соопшти дека комисијата „се надева, но и е внимателна“ дека ќе има влијание врз состанокот во ОН, иако е свесна за жестоката опозиција за декриминализацијата. „Одредени држави и моќни земји како Руската Федерација жестоко се спротивставуваат на спроведувањето на реформи во тековните режими за дрога и ќе сторат сѐ за да влијаат на УНГАСС (специјалната седница на ОН)“, изјави тој.

„Специјалната седница претставува предизвик но одредени власти и граѓански организации ја согледаа потребата за промена“. Во САД прашањето за прекумерното дозирање од опоидни лекови на рецепт е дел од претседателската дебата, истакна тој. „Сега е вистинскиот момент. Шанса која се добива еднаш во генерација“, рече Бејер.

Пред издавањето на весникот во Њујорк, истражувачката Џоан Ксет од Универзитетот Колумбија изјави дека американскиот актер Филип Сејмур Хофман, кој почина од прекумерна доза со хероин, „би бил жив денес“ да не постоеја регресивните политики за дрога заради кои безбедните опоиди се недостапни.

„Во извештајот се работи за политички избор“, изјави таа. „Неинвестирањето во програмите со кои се дели стерилна опрема за инјектирање е политички избор“. „Се наоѓаме среде војна со дрогата… Ваквите политики се засноваат на расистичка и назадна пресметка“.

Проф. Карл Харт, истражувач-психолог исто така на Универзитетот Колумбија, познат како активист против војната со дрогата ги повтори коментарите на Ксет. „Еден од тројца црнци веројатно ќе бидат затворени“, изјави Харт. „Имам тројца синови, еден беше затворен, делумно затоа што ја оцрнивме дрогата и ја убедивме јавноста дека лицата што употребуваат дрога заслужуваат казна затвор. Затоа не можам да премолчам, ова е лично“.

Министерството за внатрешни работи на Британија изјави дека дрогата е нелегална кога постои научен доказ дека е штетна за здравјето и општеството. Портпарол на министерството изјави дека се залагаат за спроведување на постоечките закони, за спречување на употребата и помош на зависниците. Тој додаде: „Постојат знаци дека ваквиот пристап функционира, употребата на дрогата опадна во последната декада и бројот на лица кои се лечат од зависност порасна во споредба со 2009/10 година. Декриминализацијата на дрогата нема да го елиминира криминалот предизвикан со нелегалната продажба, ниту пак ќе ги спречи штетите и деструкцијата поврзана со зависноста од дрога“.

Норман Ламб, поранешен министер во владата на Британија и пратеник од партијата на либералните демократи, изјави дека ги подржува наодите на комисијата Лансет: „Војната против дрогата не успеа, а начелото на либералните демократи е декриминализација на личното поседување и употребата на дрога, како и воведувањето на регулиран, легален пазар за канабис. Употребата на дрога треба да се разгледува како здравствено прашање, не криминално“.

Извор: The Guardian

Превод: Јулија Мицова