25 Mar Да се уништи сексуалноста – Ги Окенгем
Ги Окенгем (1944 – 1988) предавал филозофија на Универзитетот Винсенс во Париз. Автор е на бројни романи, теоретски дела, а пишувал текстови и за францускиот весник Libération. Тој е ко-основач на Le Front Homosexuel d’Action Révolutionnaire (F.H.A.R.). Окенгем починал од компликации предизвикани од СИДА во 1988.
Да се стави
Иако наизглед капиталистичкиот поредок се чини толерантен всушност отсекогаш го контролирал животот преку експресивните, сексуални, емотивни и афективни аспекти, приклештувајќи го меѓу прописите на тоталитарната организација заснована на експлоатација, приватна сопственост, доминација на мажите, профит и профитабилност. Ја наметнува моќта прикриен под различни маски: семејството, училиштето, работното место, армијата, правилата, дискурсот. Неисцрпно тежнее да ја оствари својата бедна мисија – кастрација, опресија, измачување и осакатување на телото, за подобро да ги испише сопствените закони врз нашето месо, да ги утврди механизмите за пропагирање на ропството во нашата потсвест.
Со употреба на одложување/задржување, стазис, засекување и нанесување лузни, и невроза капиталистичката држава ги наметнува своите норми и модели, ги врежува своите ликови, ги назначува своите улогите, ги спроведува своите програми… Продира во нашите тела, ги вовлекува корените на смртта длабоко во најмалите процепи. Ја презема контролата над телесните органи, нѐ лишува од виталните функции, ги искасапува нашите задоволства, ја зауздува во целост нашата „животна“ продуктивност со помош на администрацијата која нѐ затапува. Создава од нас инвалиди отсечени од сопственото тело, туѓинци на сопствените желби.
Крај
Силите на капиталистичката окупација непрекинато го рафинираат системот на агресија, провокација, уцена за да може истиот да се примени напоредно со масивното зајакнување на општествениот терор (индивидуалната вина) со кој ќе се задушат, исклучат и неутрализираат практиките на нашата волја, а кои не ги репродуцираат формите на доминација. Така опстојува вековното господарење на бедното задоволство, жртвување, помирување, кодифициран мазохизам и смрт. Таму господари кастрацијата, сведувањето на „субјектот“ на суштество преплавено со вина, на невротично, трудољубиво суштество, на обичен физички работник. Овој стар поредок кој корне на распаднати тела е ужасен, но сепак нѐ принуди да ја насочиме револуционерната борба против капиталистичкото угнетување таму каде што е најдлабоко вгнездено – во живата плот на нашите тела.
На
Сакаме да го ослободиме просторот – контекстот, локусот – во телото и неговите конкретни желби од „туѓата“ власт. Ја предлагаме токму оваа „патека“ кон ослободувањето на општествениот простор. Нема поделба меѓу двете: се угнетувам себеси затоа што „јас“ е производ на систем на угнетување присутен во сите форми на искуството.
„Револуционерната свест“ претставува химера се дури е надвор од „револуционерното тело,“ тело кое ја генерира сопствената слобода.
Овде жените се противат на машката моќ со векови засеана во нивните тела; хомосексуалците се противат на терористичкиот фашизам кој го спроведува нормалноста; адолесценцијата се противи на патолошкиот авторитет на возрасните. Просторот на телото колективно се отвора кон субверзивното, а просторот на субверзивното кон „основните потреби на телото“.
Овде луѓето ги преиспитуваат и истражуваат начините на кои се продуцира желбата. Врските меѓу уживањето (jouissance) – врвот на когнитивното и сексуалното исполнување – и моќта, меѓу телото и субјектот како свест затоа што тие постојат насекаде во капиталистичкото општество, дури и меѓу радикалните групи.
Колежот на
Овде луѓето ја избегнале баналната поделба меѓу „политиката“ и проживеаното искуство, поделба која на раководителите во нашето буржоаско општество, како и на оние кои глумат дека ги застапуваат масите и дека зборуваат во нивно име им носи огромни добивки.
Телото
Нема повеќе да стоиме настрана простум додека нѐ лишуваат од устата, анусот, пенисот, утробата, вените… за да ги претворат во делови за нивната срамна машина која произведува капитал, експлоатација и семејство.
Нема да стоиме простум додека тие ни ја контролираат, регулираат и окупираат мукозната мембрана, порите на кожата, сетилната површина на нашето тело.
Нема да стоиме простум додека тие со посредство на нашиот нервен систем го пренесуваат системот на капиталистичката, федералната, патријархалната експлоатација, ниту додека нашиот мозок за нив претставува средство за казна програмирана од опкружувањето.
Повеќе нема да се воздржуваме од „свршување“ или серење, нема да ја задржуваме плунката и енергијата во согласност со нивните закони во кои се дозволени лесни, толерирани прекршоци. Сакаме да го распрснеме фригидното, инхибирано, понижено тело во кое капитализмот очајно сака да го престори нашето живо тело.
Да се избега од застојаноста
Доколку сакаме фундаменталната слобода да влезе во овие револуционерни практики мора да избегаме од ограничувањето на нашето „себство“. Неопходно е да го испревртиме наопаку „субјектот“ во себеси; да избегаме од застојаноста, од „цивилизираната состојба“ и да ги поминеме просторите на неограниченото тело; да живееме во самоволна мобилност отаде сексуалноста, отаде територијата и репертоарот на нормалноста. Токму затоа дел од нас имаат потреба да се ослободат „заедно“ од власта на силите кои ги угнетуваат и потиснуваат нашите желби.
Се залагаме да ги конфронтираме, истражиме и живееме колективно личните и интимните животни искуства. Ќе се бориме да ги срушиме бетонските ѕидови со кои доминантниот поредок го оградува бидувањето од надворешниот изглед, изговореното од неизговореното, личното од социјалното.
Сакаме да ги одгатнеме механизмите на привлечноста, одбивноста, отпорот, оргазмот; да го појасниме универзумот на нашето претставување, фетишите, опсесиите, фобиите. „Премолченото“ стана наша преокупација, порака, политичка темпирана бомба бидејќи во доменот на општествените интеракции политиката искажува фундаментална желба да биде „жива“.
Решивме да ја расветлиме неподносливата тајна применета од страна на моќта против оние чии животи повлекуваат каква било сензуална, сексуална или афективна врска –контролата наметната над каква било општествена акција со која се произведуваат форми на угнетување.
Да се уништи сексуалноста
За заеднички да ги истражиме нашите индивидуални истории, решивме да утврдиме на кој начин нашите животи, рефлектирани преку нашите желби, се наоѓаат под целосна контрола на основните закони на бирократијата, буржоазијата и јудео-христијанското општество, и на кој начин истите се опфатени под владеењето на максималната профитабилност, вишокот на вредност и репродуктибилноста. Со соочивме со индивидуалните „искуства“ со тоа што сфативме дека, без оглед на тоа што ни се чинат „слободни“, секогаш се придржуваме кон стереотипите на официјалната сексуалност која го контролира сексуалното искуство, почнувајќи од брачната постела, борделите, да не ги спомнуваме јавните тоалети, дискотеки, фабрики, исповедни места, продавници за сексуални помагала, затвори, училишта, подземни железници, итн.
Не се залагаме само за рушење на официјалната сексуалност како што би се залагале за рушење на притворот во каква било структура; сакаме да ја уништиме, да се ослободиме од истата затоа што во конечната анализа дејствува како машина за кастрација која постојано се повторува, а која е произведена за да репродуцира секаде и во секого апсолутна робовска потчинетост.
Сексуалноста е монструозна во тоа што го „дозволува“ колку и во тоа што го ограничува; очигледно, „либерализираните“ сексуални норми на однесување и присуството на „еротицизмот“ преку рекламирањето во општествениот живот структуриран и контролиран од раководителите на „напредниот“ капитализам само ја зголемуваат ефикасноста на „репродуктивната“ функција на „официјалното“ либидо. Наместо да репродуцираат сексуално незадоволство, овие практики всушност го изразуваат доменот на фрустрацијата и „недостигот“ кој ја овозможува трансформацијата на желбата во компулсивен конзумеризам и гарантира „создавање на побарувачка,“ водечката сила зад изговорите на капитализмот. Не постои суштинска разлика меѓу „безгрешното зачнување“ и јавно склоната проститутка, меѓу брачната должност и „просветлената“ промискуитетност на буржоазијата: прогресот останува нескротен. Важат истите ограничувања. Истите фрагментации на телото како извор на желбата опстануваат со истиот интензитет. Се менува единствено стратегијата.
Сакаме, посакуваме да ја срушиме фасадата на сексуалноста и нејзините репрезентации за да го откриеме нашето живо тело.
Да се ослободиме од програмираната обука
Сакаме да го ослободиме, спасиме, отковаме и олесниме живото тело за да ги ослободиме неговите енергии, желби, страсти згмечени од регрутирачкиот и програмиран општествен систем.
Сакаме слободно да ги применуваме виталните функции, да го искусиме нивното задоволство во целост.
Сакаме повторно да ги откриеме основните сензации како што е дишењето задушено од силите на угнетувањето и загадувањето; или задоволството кое се добива преку храната и нејзиното варење попречено од ритамот на профитабилноста и производството на сурогат храна; или задоволството во серењето и педерастијата кое е систематски нападнато од страна на капиталистичкото сфаќање за сфинктерот. Сопствените основни начела ни ги врежува директно врз телата: спроводниците на експлоатацијата, неврозата на акумулација, мистицизмот на сопственоста и прикладноста, итн. Сакаме повторно да го откриеме задоволството со тоа што бесрамно ќе се тресеме од радост, не од потреба или компензација, туку само заради задоволството што го добиваме при тресењето. Сакаме повторно да го откриеме задоволството при вибрирање, брмчење, зборување, одење, движење, само-изразување, бладање, пеење – да пронајдеме задоволство во нашите тела на сите можни начини. Сакаме повторно да го откриеме задоволството да се произведе задоволство и да се создаде задоволство кои нашиот образовен систем одговорен за производството на послушни работници-конзумери сурово ги забрани.
Да ги ослободиме енергиите
Настојуваме да ги отвориме телата кон другите тела, кон друго тело; да пренесеме вибрации, да се рашири енергијата, да се постават желбите така што секој би бил слободен да ја одигра сопствената фантазија и екстаза за да живееме без вина, и да се укине забраната за сензуалните интра- и интерперсонални практики за нашето секојдневие да не се претвори во постепена агонија проектирана од страна на капитализмот и бирократијата како образци за постоење. Настојуваме да ги откорнеме од себе загноените гласини на вината која со векови лежи во коренот на угнетувањето.
Секако, свесни сме дека мора да се надминат безброј пречки за нашите аспирации да не останат само фантазии на една мала и маргинализирана заедница. Сосема сме свесни дека ослободувањето на телото кон сензуални, сексуални, афективни и екстатични врски е неразделно поврзано со ослободувањето на жените и уништувањето на машката доминација, како и примерите на кои треба да се угледаме, особено сексуалните. На сличен начин е поврзано и со уништувањето на сите форми на угнетување и „нормалност“.
Сакаме да се ослободиме од улогите и идентитетите засновани на фалусот.
Сакаме да се ослободиме од сексуалната сегрегација. Сакаме да се ослободиме од категориите маж и жена, геј и стрејт, поседувач и поседуван, поголем и помал, господар и роб. Напротив, сакаме да бидеме транссексуални, автономни, мобилни и многукратни човечки суштества со бројни разлики кои си разменуваат желби, задоволства, екстази и нежни емоции без да се осврнат кон табелите со вишокот на вредност или структурите на моќ кои не се веќе вбројани во правилата на игра.
Почнавме и ќе продолжиме да создаваме нова општествена реалност во која најсилната екстаза се спојува со најголемата свест. Почнавме со телото, со револуционерното тело, продуктивниот простор на „субверзивната“ сила и ефективниот простор на угнетувањето. Следствено, го соединивме „политичкото“ со реалноста на телото и неговите функции преку колективно истражување на разните модели на ослободување. Ова е единствена шанса да се удри директно против угнетувачката капиталистичка држава. Ова е единствениот пристап кој вистински може да ни даде сила против системот на доминација кој постојано ги шири своите моќи на „слабеење“ и „оформување“ на индивидуата кон неговите аксиоми, присоединувајќи ја кон неговиот ред на кучиња.
извор: Untorelli Press
превод: Јулија Мицова