Прво па женско 4 – Да живее жената-борец!

Прво па женско 4 – Да живее жената-борец!

10400239_1089549817745868_7843552242218162189_n

Овогодинешното издание на „Прво па женско“ е посветено на женското лице на борбата за подобро утре, која изминатава година беше олицетворена преку гласни протести пред институциите и долж улиците.

Во продолжение погледнете ја програмата на фестивалот:

ПЕТОК 11.03

18:00 ФИЛМСКА ПРОЕКЦИЈА
„Се за тебе“ на Алина Мараци (Италија), во соработка со студентите на Катедрата за италијански јазик при УКИМ Филолошки факултет – Скопје.
Плодната соработка меѓу студентите од катедрата за Италијански јазик и Тиииит! Инк. продолжува да се остварува и понатаму! Минатата година имавме можност да го проследиме филмот „Сакаме и рози“, на оваа италијанска режисерка, чиј превод го овозможија студентите. Неуморните студенти оваа година го преведоа филмот на Алина Мараци „Се за тебе“, кој раскажува приказна за невообичаената жена во своите 60ти, Полина, која се враќа во својот роден град за прв пат по 50 години. Заради потребата од персонал во центарот за поддршка на идни и млади мајки кои страдаат од пост натална депресија, Полина ја дава својата помош во центарот и притоа станува сведок на голема архива на материјали поврзани со мајчинството. Полина ја започнува својата работа со архивата навлегувајќи длабоко во контроверзниот материјал кој сведочи за искуствата што жените ги имале во односите со своите деца.

20:00 ОТВАРАЊЕ НА ИЗЛОЖБА НА ПРОТЕСТНИ ФОТОГРАФИИ
ЖЕНА БОРЕЦ – женски портрет на граѓанскиот отпор во Македонија во 2015
Слободна Македонија, колку тоа женски звучи!
Волјата на жената е непоколеблива. Таа е присутна насекаде околу нас и е водечката сила на животот, бидејќи на нејзина страна се љубовта, вистината, правдата, толеранцијата, храброста и слободата. Оваа изложба е само мал портрет на женското лице на годината одбележана со свирежи, скандирања и поворки по улиците. Одек на автентичната женска борба со пендреците, штитовите, чизмите со метални ѓонови, со барикадите, солзавците и водените топови. На женското НЕ на неправдата, насилството и криминалот. И покрај тоа што беа прогласени за внуки на вештерките кои што предците на царот не успеале да ги запалат, македонските жени бестрашно и неуморно ги освојуваат улиците. Уште малку и ќе ја освојат и слободата!
Концепт: Луми Бекири и Кристина Леловац

21:00 ГАЛА ВЕЧЕР НА РАСКАЖУВАЊЕ ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ
ПИЧПРИЧ
Одамна не сте слушнале жени како раскажуваат? Мислите дека жена не може да раскаже приказна во десет минути, без да ја прекинете или да направи дигресија? Тогаш дојдете на гала вечерта на раскажување приказни Пичприч/PeachPreach, каде што ќе имате можност да уживате во раскажувањето на неколку бестрашни и истакнати жени од нашето секојдневие, и тоа за нивниот „Прв пат кога…“ – секоја, се разбира, по своја интерпретација на зададената тема. Изборот на гостинки е изненадување, како што се и самите приказни, за кои ветуваме дека ќе ве заскокоткаат и ангажираат ем општествено, ем емоционално. За концептот и беспрекорната реализација на програмата се виновни Ана Василева и Румена Бужаровска.

22:00 СВЕЖО МАШКО МЕСО – DJ сет
Lepi Xhoni, Na Meho Maliot, Kung FUlish и Crno Seme
На крајот на првиот фестивалски ден, ни останува само да им се препуштиме на Lepi Xhoni, Na Meho Maliot, Kung FUlish и Crno Seme додека напорно работат да ја запалат атмосферата во бифето на Фросина. Нашите симпатии од омилените скопски бендови, со сето свое внимание и посветеност ќе се погрижат да добиеме незаборавен музички all inclusive третман. Сестри, дојдете да ги синхронизираме воздишките на ритмовите од префинетата селекција на четворицата млади.
Напомена: Ве молиме, не си ги носете дома DJите пред фајронт.

САБОТА 12.03

12:00 ЖЕНСКА СОБА презентации
Феминистички интернет портали VOXFEMINAE, MUFF и LIBELA (Хрватска)
Го читате VOXFeminae.net и супер си поминавте на Vox Feminae фестивалот? Во видео разговорот дознајте кои се девојките од Vox, со што се занимаваат и како се создадени нивниот портал и фестивал. Заедно ќе разгледаме зошто е важно да се чуе женскиот глас, да се чуе јасно и гласно, зошто е важно да се освојуваат и да се истрае во феминистичките (виртуелни) простори и низ нив да се јакнат жените и маргинализираните групи – предизвици со кои секојдневно се среќаваат феминистичките портали или накусо, како заедно се бориме против патријархатот. Muff и Libela се портали за феминизам и популарна култура. Уредничките во видеото зборуваат за подигнувањето на своите портали од нула, најголемите предизвици за неговото работење како и најубавите и најтешките моменти на истиот.

ФЕМКАЊЕ (Србија) е независна радио емисија и платформа осмислена да придонесе кон видливоста, унапредувањето и јакнењето на независната културно-уметничка сцена во Србија, во исто време промовирајќи ја родовата рамноправност и креирајќи медумски простор за претставување и вмрежување на младите авторки/и од земјата и регионот. Авторки и водителки на емисијата се уметниците Бојана С. Кнежевиќ и Катарина Петровиќ, кои низ двегодишната работа мапираа и интервјуираа повеќе од 80 различни авторки/и и колективи од сферата на уметноста, културата, образованието, активизмот и науката. Формата на радио емисија ја препознавме како простор за слободен дијалог кој дозволува средба и запознавање на гостинките и публиката вон дискриминаторната и естетизирана визуелна комуникација во мас-медиумите. Покрај растечката цензура и монополот на домашните медиуми, како и слабо организираната и финасиски поддржаната независна сцена, која со тоа станува и цензурирана, Фемкање својата работа ја формира како слободна зона за уметничко и граѓанско делување. Фемкање можете да го следите на сајтот www.femkanje.com и на Фејбук страната www.facebook.com/femkanje, а сите досегашни емисии се достапни на подкастот (www.mixcloud.com/FEMKANJE/

FEMART Фестивалот (Косово) што го организира Артполис, е најголем фестивал на феминистичка уметност во Косово и во Балканскиот регион, кој годинава ќе се одржи помеѓу 25-31 Мај. Нашиот фестивал се случува еднаш годишно, во него учествуваат 100 активистки и уметници кои имаат можност да ги претстават своите дела. Претстави, документарци и кратки филмови, читања, визуелна уметност, изложби, перформанси, концерти, промоции на книги, литература, работилници, дискусии и презентанции, како и други форми на уметност создадена од жени од Косово, регионот, Европа и Америка, кои користат феминистички/активистички пристап. Фестивалот привлекува повеќе од 2000 посетители и се смета за еден од најдобрите во Косово.

ALL TOGETHER DISTRO (Македонија) е музика, љубов, страст, пријателство, почит, насмевки, unity… All Together Distro се 80 артисти и над 100 изданија. Или еве вака дефинирано: All together distro е непрофитна организација чија главна цел беше поддршка на локалните андерграунд бендови преку промоција и продавање на нивен промотивен материјал. All together distro се три девојки: Ека, Еци и Теа. Секоја со своја приказна, но со заедничка идеја и цел – поддршка на музиката и културата што ја слушаме, сакаме, живееме и за која се трудиме. Кога се споија овие 3 девојки со креативни замисли и страст кон тоа што го сакаат се создаде АТД, oд кoе пoдoцнa прoизлегoa други прекрaсни нештa: букинг нa бендoви и турнеи, прaвење нa кoнцерти, рaдиo емисии… Присуствувавме на околу 80 различни концерти, во и надвор од Скопје. Гo имaвме зaдoвoлствoтo дa бидеме дoмaќини нa бендови од Америка, Шведска, Италија, Франција, Словенија…
Дoјдете дoкoлку сaкaте дa јa чуете нaшaтa прикaзнa. “Ајде девoјки, мoжете пoдoбрo”!

15:00 АНТИ-ПРЕДАВАЊЕ
Женското писмо (не) постои
Елизабета Баковска
(петто предавање во рамките на школата за феминизам)
Поимот женско писмо и денес останува комплексен термин кој тешко може да се смести во една универзална дефиниција. За едни, женско писмо е текст кој така се нарекува самиот по себе, поради низа свои карактеристики, т.е. écriture féminine. За други, пак, женското писмо е едноставно текст напишан од жена-автор, писателка, познат под името women’s writing. Феминистичките гледишта за женското писмо неизбежно започнуваат со Сопствена соба на Вирџинија Вулф, а продолжуваат со француската феминистичка теорија (особено со Елен Сиксу и Јулија Кристева), англоамериканскиот гинокритички пристап (Елејн Шоволтер) и со поновите размисли на Торил Мои.

17:00 ДИСКУСИЈА
Кој се плаши од родот онлјан?
ХЕРА – Младински активизам и репродуктивно здравје
Говорници: Јована Ананиевска, ХЕРА; Маја Мрмова – ХЕРА волонтер; Биљана Гинова – ЛезФем; Наташа Бошкова – Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани групи“
Модератор: Ана Поп Стефанија– ХЕРА
Што е толку страшно во тоа да се зборува за сексуалното и репродуктивно здравје и права? За родовата (не) еднаквост и „женските“ прашања? Зошто мажите сметаат дека тие треба да решаваат наместо жените за нивните права? Зошто сликата на двајца мажи кои се држат за рака е „застрашувачка“, а две девојки – не? Зошто секоја од овие теми предизвикува лавина од коментари онлајн? Низ презентација на досегашното искуство со настани и кампањи кои се занимаваат со темите на род, сексуално и репродуктивно здравје и активизам, говорниците ќе се обидат да дадат одговор што е она што предизвикува „бура“ онлајн секогаш кога ќе се спомене сексуално и репродуктивно здравје. Зошто овие теми се сè уште контраверзни, што е она што најчесто предизвикува реакција, какви групи на луѓе коментираат, кои се најчестите коментари, што го карактеризира говорот на омраза кој неизбежно се појавува?

18:30 ФИЛМСКА ПРОЕКЦИЈA
TEENAGE ФИЛМСКА ПРОГРАМА ВО СОРАБОТКА СО VOXFEMINAE Festival
кратки филмови на хрватски автор(к)и
Во последните неколку години во Хрватска се случи вистински мал бум на нови имиња и филмови кои се потрудија барем дел од идната домашна кинематографија без проблем да го помине Бехдел тестот. Селектираните филмови прикажуваат (а)типични ситуации од секојдневниот живот на тинејџерите и тинејџерките. На Прво па женско имаме можност да ги проследиме заради соработката на Тиииит! Инк. со VOXfeminae. Уживајте и проверете дали ќе се препознаете себе си во овие тинејџерски ситуации.

20:00 ИЗЛОЖБА
ЕТЕ НИ ЖЕНИ
Адела Јушиќ (БиХ)
Кога го посетив бункерот на Тито во Коњиц, забележав целосен недостиг на женско присуство. Единственото место каде што можеле да го замислат присуството на жените во ова сценарио на нуклеарна катастрофа е спалната соба, опремена за Тито и неговата жена, која вклучува и маса за шминкање. Друга трага на женско присуство се јавува во форма на фигура позиционирана врз инструкциите за разновидната употреба на тоалетна хартија. Таа е исприната на оригиналната тоалетна хартија која била поставена таму во 70-тите.
Делото е базирано на истражување направено во соработка со Андреја Дуганџиќ, во рамки на проектот Што ни даде нашата борба, дел од Асоцијата за Култура и Уметност ЦРВЕНА. Истражувањето, претставено како онлајн архива од документи, фотографии, книги и интервјуа за феминистичкото наследство на Антифашистичкиот фрон на жените во Југославија (АФЖ), трага по учеството на Југословенските жени во втората светска војна и нивниот значаен придонес во (повторната) изградба на Социјалистичката држава. Во 1953 Народниот фронт решава да го укине АФЖ, истата година кога Атомската војна команда (Објект АРЦ) започнува со изградба.
За жените започнува поинаква студена војна. Тие повторно се враќаат во сферата на домаќинството, да ги извршуваат своите природни улоги во приватната сфера на општеството.

21:00 ПЕРФОРМАНС
ДЕВОЈКАТА СО СОНЦЕ НАД ГЛАВАТА (Косово)
Девојката со сонце над главата е перформанс на актерката, кореографка и режисерка Агнес Нокшиќи и на актерката Донике Ахмети. Перформансот ја разгледува женската сексуалност, солидарноста, лицемерието, мајчинството и самосвеста. Исто така, тој ја доведува во прашање нашата само-перцепција, осудувањето на другите и совладувањето на бариерите кои се конструирани од општеството.

21:30 ФИЛМСКА ПРОЕКЦИЈA (продолжува)
TEENAGE ФИЛМСКА ПРОГРАМА ВО СОРАБОТКА СО VOXFEMINAE Festival
кратки филмови на хрватски автор(к)и

23:00 ЖЕНСКИ ЖУР
DJ ALINKA (Chicago, USA), Ilina Angel и Ивана Драгшиќ/Нada Blam (Македонија)
Прво па женско оваа година ви ја претставува DJ ALINKA. Алинка доаѓа од Чикаго, местото на настанокот и трансформацијата на културата која комплетно го промени живеењето во град, и во себе дефинитивно ги носи и промовира тие вредности – квалитетна музика, безбедно место за отфрлените и слобода да се биде свој/а. Нејзините ди-џеј сетови претставуваат рафинирана селекција на нова и стара и ретка хаус музика, соодветно зачинета според пригодата. Во денешната состојба на тотална достапност на опрема за правење музика и хипер-продукција, Алинка слободно можеме да ја наречеме чуварка на вистинската хаус музика. Кога сме веќе кај тоа, Ilina Angel верно ги чува жешки и квалитетни македонските подиуми уште од 2003 год. и претставува една од највредните личности на сцената. Таа е професионална, практична, креативна и со беспрекорна селекција на најсовремената музика која можете да ја чуете низ скопските клубови и на Музика за млади на Канал 103. Ивана Драгшиќ, трпеливо и непретенциозно дојде до своето место на клубската сцена, градејќи го со својата селекција на музика која содржи современа продукција, засилена со ретки електронски изданија од различен жанр. Нada Blam е нејзината хаус инкарнација, поради чувството на посебност и славење на оваа култура.

НЕДЕЛА 13.03

13:00 БАЗАР
бифе на кино ФРОСИНА
Слободен простор за презентација и промоција на ракотворби направени од и за поинаквите жени и мажи. Одлична можност да (си) купите задоцнет подарок за 8ми март.

13:00 ЖЕНСКА СОБА презентации
ЕДНА МОЖЕ (Македонија) Во борбата за достоинствен живот како самохрана мајка решив да иницирам да ја создаваме групава за самопомош на еднородителски семејства. Да се собереме на едно место сите засегнати и не само да си раскажеме што не мачи, мори и гори ами и најважно, нешто да преземеме по прашањата. Да продреме до сржта на нашите секојдневни искушенија преобмислувајќи го нашето делување во општествово, да бидеме конструктивни и активно да се изборуваме за елементарните права и специфични потреби кои ги имаат еднородителските семејства.

ОБЕДИНЕТИ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ (Македонија, Хрватска, Црна Гора)
Проектот беше креиран од четири млади жени од Македонија, Хрватска и Црна Гора, на пролетната школа за “Родова демократија” овозможена од Balkans let’s get up! Свесни за постоење на проблемот на насилство врз жените на Балканот, пасивноста и стравот кај жените да зборуваат за овој проблем, личната мотивација како жени и млади луѓе и секако обврската која ја чувствуваме да се вложиме себеси во решавањето на овој проблем, беа главните фактори кои не обединија во создавањето и реализирањето на овој проект. Главни цели на проектот беа: превенција на насилството врз жените, будење на свеста за постоење на проблемот и зајакнување и охрабрување на младите жени.

14:00 ДИСКУСИЈА
ХЕРА Млади: Знаеш ли да препознаеш љубов? А вистинска љубов?
Модератор: Маја Балшиќеска
Говорници: Деспина Стојановска – Прв семеен центар; Насер Дурмиши – Прв семеен центар; Елена Димушевска – Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
Темата за која многу малку се зборува, а за која статистиката вели дека 1 од 5 млади тинејџерки и жени е жртва на насилство во врска. Кои се знаците, како да се препознае и како да се излезе од кругот на насилството во врска? За праксата на ПСЦ (Првиот семеен центар кој работи со сторители, деца и жени кои преживеале родово базирано насилство) зборуваат социјален работник и психијатар кои ќе се фокусираат на најчестите случаи на насилството во врска, но и на главните обележја на насилната мажественост и работата со сторители. Воедно, дискусијата го отвора прашањето што се презема на национално ниво, дали има интервенции во образовните програми, каде се пријавува и каде се бара помош за насилство во врска?

16:00 ЖЕНСКА СОБА презентации
ПЛАТФОРМА ЗА РОДОВА ЕДНАКОВСОТ (Македонија)
Презентацијата на Платформата за родова еднаквост ги содржи сите информации кои се однесуваат на формирањето, мисијата, визијата, целите, начинот на функционирање и досегашните активности на Платформата. Таа ќе го претстави процесот преку кој граѓанските организации кои работат на полето на родова еднаквост го изградија механизмот кој ја здружува нивната експертизата и искуство со цел да се влијае врз политиките на локално и национално ниво. Презентацијата ќе биде корисна за да се запознае еден од поефикасните начини преку кои граѓанските организации можат да создаваат гласност, лидерство и единство во заедничкото дејствување базирано на солидарност, еднаквост, партиципативност, транспарентност, доброволност, одговорност и отчетност.

ЛД СОЛИДАРНОСТ (Македонија)
Девојките од ЛД Солидарност ќе зборуваат за својата релативно млада организација која од почетокот на своето јавно експонирање има прилично “женско лице”. Поконкретно, за тоа како од една страна е многу важно една организација да се стреми кон еднаква родова застапеност, но од друга страна е важноста на кој начин се прави тоа, колку тоа е отсликано во целокупната пракса, а кога преминува во нешто што се прави “ради реда”. Од позиција на левичарско движење, ќе зборуваат и за интерсекционалниот момент – за нужниот пресек и поврзаност на борбата за родова еманципација и работничката борба, па како оттаму ниедна организација која претендира автентично да застапува левичарска агенда не смее да си дозволи да ја маргинализира женската вклученост.

17:00 ДИСКУСИЈА
ЖЕНИТЕ ВО БЕГАЛСКАТА КРИЗА
Модератор: Јана Старделова – Тиииит! Инк.
Говорници: Уранија Пировска – Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Мерсиха Смаиловиќ – Легис и Ленче Здравкин.
Преглед на женските заложби во справувањето со мигрантската криза во Македонија. Предизвиците на терен и застапувањето за унапредување на политиките.

18:00 ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА АКТИВНОСТИТЕ ВО РАМКИ НА РАБОТИЛНИЦАТА ЗА ДЕЦА „ШЕПОТ НА ЅИДОВИТЕ“
(описот на работилницата за деца која ќе трае во текот на целиот фестивал е наведен подолу)

20:00 ТЕТАРСКА ПРЕТСТАВА
БУДЕЊЕ НА ПРОЛЕТТА, Интимен Театар Битола
по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали
режисер: Софија Ристевска драматург: Билјана Крајчевска кореограф: Кире Миладиноски
Играат: Здравко Стојмиров, Стефанија Милевска и Софија Ристевска
„Будење на пролетта“ е интимна приказна за патот полн со предизвици што го поминува секоја жена, во процесот на исполнување на своите мечти и соништа. Нашите ликови ги облеваат со голема порција на хумор и самоиронија сите препреки со коишто се соочуваат. Креираме нова „Бриџит Џонс“, што не се плаши да проговори за сите свои мани и недостатоци, но во исто време има сила да се бори за своите права и привилегии. Бокс, балет, мотори, автошколи, исфрустрирани шефови, дебели тела, алишта со големи броеви, аеробик, професори по спорт и физичко воспитување, свадби, венчаници и љубов, многу љубов! Неолиберализмот, сексизмот и неинформираноста, се целосно беспомошни, наспроти, упорноста, хуморот и конструктивната самокритика, во женската потрага, по свет без никакви ограничувања и граници.
Интимен Театар е оформен во февруари 2010 година, во Битола. Досега сме реализирале седум независни театарски проети, коишто ги игравме во најразлични простори, додека од октомври 2013та, имаме и свој театарски простор, исто во Битола, на ул. Стив Наумов, бр. 35, кадешто примаме до шеесет души публика. Основната цел на Интимен Театар, е да поставува текстови од современи драмски автори, коишто зборуваат за социјални проблеми и коишто го анализираат животот на современиот човек, со сите негови плусови и минуси.

21:00 КОНЦЕРТ
АНА ЌУРЧИН (Србија)
Млада кантавторка од Белград која почнува активно да настапува од декември 2012. Таа ги изведува своите оригинални песни на англиски, но не ретко од неа може да слушнете и по некој кавер. Нејзината музика е микс на инди-рок и американски фолк и ја сметаат за најдобрата претставничка на локалната Американа сцена во Србија. Иако често настапува со својот бенд кој ја придружува со уште една гитара и тапани, во Скопје ќе имате прилика да ја чуете Ана во соло изведба и ќе уживате во совршениот спој на акустична гитара и вокал.

***************************************************************
ПАРАЛЕЛЕНА ПРОГРАМА

СТРИП РАБОТИЛНИЦА СО ХЕЛЕНА ЈАНЕЧИЌ (Хрватска) 11-13.03.
Имате приказна која сакате да ја раскажете во слики? Сакате да ги импресионирате вашите девојка или дечко или пак само сакате да се извалкате со црн туш? На Прво па женско ќе имате прилика за тоа. Хелена Јанечиќ ќе ве запознае со процесот на правење стрип – од креирање ликови до развој на сценарија. Предзнаења за стрипови, ниту пак какви било цртачки способности не се неопходни зашто сите задачи ќе бидат едноставни и оригинални.
Во фокусот на уметницата Хелена Јанечиќ (Осјек, Хрватска) е женската протагонистка, ставена во визуелен наратив на самодоверба, свесност за себеси и одново замислена традиција. Нејзината уметничка работа која опфаќа платна со големи димензии, графики, цртежи инспирирани од стрипови, во истовреме е скокотлива и привлечна, но и ангажирана зашто воспоставува рамнотежа помеѓу естетската строгост, личната исповед и општествениот коментар. Хелена има дипломирано визуелни уметности на Универзитетот Фурман во Гринвил, Јужна Каролина, магистрирала на Академијата за уметности во Загреб, Хрватска. Работи како независен уметник од 2010.

РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА 11-13.03.
ШЕПОТ НА ЅИДОВИТЕ СО ФРЛАЧИ НА СЕНКИ (Хрватска)
Работилницата Шепотење на ѕидовите, наменета за деца помеѓу 8 и 12 години, e создадена поради воочената општествена потреба од поинакви и посложени образовни методи кои на денешните деца ќе им овозможат увид во комплексната динамика на градскиот живот и урбанитетот, историјата и логиката на архитектурата, прашањата на современото живеење и политиките на јавниот простор. Повеќеслојноста на градот на децата им се прикажува преку низа драмски вежби, истражувачки можности и изведувачки игри, со што спонтано и низ игра децата се поттикнуваат на промислување на просторот во кој живеат, на сопственото и однесувањете на другите со него и со тоа им се дава увид во стварноста со која се опкружени. Програмата се потпира на едукацивни и уметнички методи, при што се инсистира на интердисциплинарен и интермедијален пристап кој подразбира интегрален и проблематски, дискурзивен пристап во образованието. Затоа водителите на оваа Работилницата доаѓаат од најразлични хуманистички и уметнички бранши – Ања Плетикоса (драматург), Ведран Сењановиќ (снимател), Сандра Ускоковиќ (историчарка на уметност), Борис Бакал (актер, режисер, интермедијален уметник) и други.
Работилницата Шепотење на ѕидовите во Скопје е посветена на паркот ″Жена борец″, на неговите содржини и на приказните на неговите авторки и автори за пишаните и непишаните кореографии. Работилницата ќе се занимава со денешната состојба на паркот, неговото минато, но и можната иднина која во него ќе ја впишат децата на Скопје. Мултидисциплинарниот пристап во истражувањето на просторот на крајот на Работилницата е претставен низ заеднички перформанс на децата и водителите на Работилницата.
До сега Работилницата е одржана на јубилејниот 10. АКТО фестивал на современи уметности во Битола, Македонија, во соработка со тамошниот актер Иван Јерчиќ. Реализацијата на работилницата на ППЖ годинава се реализира во соработка со АКТО Фестивалот за современа уметност.

ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА ЗА СОБИРАЊЕ СРЕТСТВА ЗА ЖЕНИТЕ БЕГАЛКИ 11-13.03.
Во текот на фестивалот ќе биде поставен пунк за собирање храна, облека и сретства за хигиена за жените и децата бегалци, кои во соработка со НВО активистите активни на терен ќе бидат донирани во бегалските кампови.

МОБИЛНА КЛИНИКА ЗА ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ 12-13.03, 15-18ч. на паркингот зад МКЦ
Check In/Check Up @HERA Mobile Clinic
Мобилната клиника на ХЕРА за првпат на Прво па женско! Супер можност да се прегледате бесплатно и доверливо и да прашате што сè сте сакале за сексуално и репродуктивно здравје а сте немале каде. Побарајте го комбето на ХЕРА и добијте некој од бесплатните прегледи и советувања: гинеколошки преглед, папаниколау тест, ЕХО прегледи, орална хормонска контрацепција, итна контрацепција, советување, дијагноза и третман на СПИ, советување за модерна контрацепција, дистрибуција на бесплатни контрацептиви и лубриканти.

Фестивалот се реализира во соработка со Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ Центар за поддршка, ЛезФем, Бори се женски и АКТО Фестивалот за современа уметности и поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија, FRIDA The Young Feminist Fund, Zaklada Kultura nova – Хрватска и Младински културен центар – Скопје.