Нема правда, нема мир!

Нема правда, нема мир!

Говор на Жарко Трајаноски пред Уставниот суд на РМ [29.2.2016]

12792155_188471694858172_2891781188487237705_o

 

Почитувани граѓанки и граѓани на Република Македонија,
Зошто протестирам пред Уставниот суд?
Протестирам, затоа што како граѓанин сум должен да спречам неправда и кршење на Уставот од страна на тие што ги плаќаме да го штитат! Протестирам, затоа што Уставниот суд не треба да биде заштитник на злосторничкото здружение за изборен криминал кое ја киднапираше државата. Уставниот суд треба да биде заштитник на уставноста и законитоста и на човековите и граѓанските права, а не заштитник на криминалците.


Почитувани граѓанки и граѓани, според Уставот, претседателот на Република Македонија дава помилување во согласност со закон. Тоа значи дека законодавецот определува на кој начин претседателот може да даде помилување, а не Уставниот суд! Уставот вели дека Претседателот не смее да даде помилување по своја сопствена волја, туку во согласност со закон. 
А според Законот за помилување, помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето и други тешки кривични дела! Ако некој сака да му даде на претседателот можност да помилува без закон, треба да го смени Уставот и да го избрише ограничувањето „во согласност со закон“.
Ако Собранието сака да му даде можност на претседателот да помилува лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето и други тешки кривични дела, тогаш нека се обиде да го смени Законот за помилување. Е, тогаш сите ние ќе протестираме пред Собранието, а не пред Уставниот суд!


Почитувани граѓанки и граѓани, Уставниот суд треба да ја штити поделбата на власта, а не да ја укинува со брзина на светлината!
Никогаш, во историјата на Уставниот суд не била толку бргу распоредена некоја иницијатива. Никогаш, во историјата Владата и Собранието толку бргу не одговориле на некоја иницијатива пред уставниот суд. Никогаш, во историјата толку бргу не бил подготвен реферат, и тоа од судија кој има најмногу нерешени предмети! Никогаш, во историјата некоја иницијатива не била толку бргу ставена како точка на дневен ред пред Уставниот суд! Сето ова укажува дека на злосторничкото здружение за изборен криминал многу му се брза да си обезбеди амнестија преку нивните послушници! Сето ова укажува дека на мнозинството судии на Уставниот суд многу им се брза да му овозможат на Претседателот противуставно да помилува.


Ако Уставниот суд му даде на претседателот неограничена моќ да помилува, тогаш тој ќе може да ги помилува и членовите на злосторничко здружение кое ја киднапираше Република Македонија. Токму затоа протестирам, за да не дозволам помилување:


– на тие кои фалсификувале по 50 лични карти на една адреса од 40 квадрати
– на тие кои наредувале „ливче нека снема“ и неосновано поништувале избори
– на тие кои што спречуваа граѓани да гласаат со исклучување на лифтови
– на тие кои го претворија МВР во изборен месен комитет на ВМРО
– на тие кое ги злоупотребуваа специјалците и „најголемите вагабонти во МВР“ за изборни застрашувања и притисоци
– на тие кои уништуваа изборен материјал и крадеа црни вреќи со гласачки ливчиња
– на тие што организираа гласање на починати лица и повеќекратно гласање
– на тие што вршеа поткуп при гласање со брашно, кеш на рака или со социјална парична помош
– на тие што си ја финансирале изборната кампања со наши буџетски пари, или со црни фондови
– на тие што ги корумпираа и сеуште ги корумпираат медиумите со наши буџетски пари.


Ете, затоа протестирам, и ќе протестирам се додека злосторничкото здружение за изборен криминал не се најде зад решетки!


Сиктер за партиските послушници од Уставниот суд!


Нема правда, нема мир!