Вие нѐ угнетувате!

Вие нѐ угнетувате!

Сара Ахмед

 

Угнетуваните, оние што се борат да преживеат само затоа што се припадници на одредена група – многупати ги одредуваат како угнетувачи. Страниците на феминистичката историја го докажуваат ова. Кога лезбијките бараа влез во феминистичкиот простор, нѐ нарекоа „лавандина напаст“ (Lavender menace). Го попречивме проектот со кој феминизмот требаше да се направи поприфатлив. Да бидете прогласени за неприфатлив значи да ве сметаат за оној што ја има моќта (моќта да одземеш). Неодамна една хетеросексуална феминистка ги опиша лезбејките во феминизмот токму со следните зборови: ја приграбуваат целата моќ. Кога црнкињите и жените со поинаква боја на кожа говореа за расизмот во феминизмот звучевме, звучиме гневно, пакосно, зајадливо; ги навредивме белите жени. Гневната жена со поинаква боја на кожа не само што е  дежурната феминистичка кавгаџика (killjoy) туку најчесто бара кавга во феминистичката веселба (killer of feminist joy). Таа го попречува начинот на кој белите жени го окупираат феминизмот.

Тешка е оваа историја.

Историјата се случува; повторно се случува.

Вчера во весникот Гардијан беше објавено писмо во кое всушност се имплицира дека феминистките на универзитетите немаат право на збор. Наликува на писмо кое би го поддржала. Јас сум феминистка, и самоволно одбивам да бидам замолчена, иако сепак не претполагам дека имам некакво право или автоматско овластување да зборувам.

Сепак, со писмото се создава погрешен впечаток дека критичките феминистки немаат право на збор и се угнетувани од некои (прилично) неодредени други. Треба точно да се одреди кои се тие други. Политиката на писмото е поврзана со политиката на тие други.

Во писмото се наведуваат конкретни случаи со кои се докажува замолчувањето на феминистките. Првиот случај е случајот на Кејт Смуртвејт чиј комичарски настап беше откажан од страна на Студентската унија на Голдсмит. Откажувањето на настапот беше претставено како дел од „загрижувачка шема на заплашување и замолкнување на лица чии ставови се `трансфобични` или `курвофобични.` Обвинувањата се сериозни: ваквите случаи колективно се идентификуваат како „обиди за заплашување“ и „малтретирање“. Основното тврдење е дека начелото со кое им се одзема правото на забранети организации или групи на збор (no platforming) се применува со цел да се замолкнат критичките феминистички гласови. Па наместо употребата на ова начело за борба против фашизмот, „денес се употребува за да се спречат феминистичките аргументи кои се критички настроени кон сексуалната индустрија и кон одредени барања на транс активистите“.

Писмото содржи бројни погрешни информации. Се обидувам да разберам зошто но и како некој воопшто го потпишал и го објавил. Од трите случаи наведени, само еден се работи за „no platforming“ (Julie Bindel) па дури и во тој случај ова начело погрешно му се препишува на Националниот студентски сојуз.

Да го погледнеме првиот случај. Кејт Смуртвејт не беше цензурирана во Голдсмит затоа што ги искажа јавно нејзините ставови за сексуалната работа. Врз нејзе не беше ниту применето начелото „no platforming“ од страна на Асоцијацијата на комичари на Голдсмитс (гласањето не беше спроведено за да се презакаже или откаже настанот).   Самото откажување на настанот се чини е резултат и на согледувањата на изведувачот дека се можни протести и демонстрации – наместо протести, односно закани за демонстрации (пронајдена е само една објава на Твитер во која се споменува демонстрација а која не е напишана од студент на Голдсмит). Организаторот на настанот детално го објасни хаосот со откажувањето овде.

Па што се случува тогаш? Видлива е брзината со која приказната за цензурата на феминистичката комичарка заради нејзините критички ставови беше забележана и протече во медиумите, па дури и заврши како „вистинита изјава“ во писмото. Што може да се заклучи од брзината со која се рашири веста? Би рекла прилично многу. Во сето ова е забележителна инвестиција која би ја нарекла наративна инвестиција. Се бара доказ „дека феминистичките аргументи кои се критички настроени кон сексуалната индустрија и кон одредени барања на транс активистите се цензурирани“. Со оглед на тоа сепак се потврдува дека објаснувањето за откажувањето на настапот е токму она поради кое дојде и до откажувањето воопшто: желбата да се докаже задушувањето на дебатата и цензурата на одредени критички феминистички ставови. Ваквите ставови подоцна се искажуваат како небаре тие се задушувани. Се повторуваат со тоа што се претставуваат како забранети.

Кога на некого му се дава платформа за да каже дека не му е одоборена платформа, или кога некој непрекинато збори дека нема право на збор, тогаш не се создава само перформативна контрадикција; стануваме сведоци на механизам на моќ. Често за работата со диверзитетот говорам како за механичка работа. Добро ни се познати механизмите на моќ кога ќе се обидеме да ги трансформираме нормите вградени во одредена ситуација. Моќта на некои лица да го одредат дискурсот често се поттикнува со тоа што е прикриена или ускратена. Неопходно е ние како феминистки да понудиме против-објаснување на случувањата наспроти објаснувањето понудено во писмото. Наративот „на замолчувањето“ се претвори во механизам кој овозможува и дистрибуира одредени форми на изразување. Впрочем, дури можам да тврдам дека наративот дека некому му е одземемено правото на збор стана поттик да се прозбори: го поттикнува самото тоа кое тврди дека е спречено.

Кога постои желба да се насоберат докази за забраната или замолчувањето на нечии ставови, што е тогаш функцијата на таа желба? На ум ми доаѓаат неодамнешните твитови на Кејти Њуман за тоа дека ѝ било забрането да влезе во џамија затоа што е жена. На крај се покажа дека се наоѓала на погрешно место. Зошто ја раскажа таа верзија на настанот? Нечија верзија се раскажува доста пргаво кога истата е веќе достапна или е при рака. Настанот може да се согледа како доказ дека таа била исклучена затоа што е жена, при што со постојаното повторување се шири ставот: дека Исламот е сексистички; дека Исламот е лош за жените; дека жените кои не се муслимани треба да ги спасат муслиманките. Ваквиот став јас би го нарекла расизам. Секогаш настојувам проблемите соодветно да ги именувам! Овде не се јавува само желба да се докаже исклучувањето (или да се докаже која е личноста или нејзините ставови) туку се бара доказ кој ќе го подржи објаснувањето: тие се сексисти. Погледнете!

Но ова погледнете всушност значи: Погледнете ме мене!

Погледнете, погледнете!

Треба да се истакне дека разбирливо силните реакции на расистичката тирада на Кејти Њуман потоа не-муслиманската феминистка Луиз Менч ги опиша како „промислено навредливи“. Таа сега се враќа како белкиња која е жртва (белкињите си го задржуваат своето место со тоа што лесно го менуваат статусот од спасителки во жртви). Кога наративите цврсто ќе се воспостават, овие настани служат за да се потврдат истите (често пати без оглед што се случило).

Погледнете, погледнете!

Понекогаш желбата да се пронајде доказ со кој ќе се потврди верување кое веќе постои води кон форми на провокација и заплашување со цел да се генерира истиот тој доказ. Се артикулира изобилство на навредливи говорни чинови заради желбата да се причини навредата; желбата да се пронајде доказ дека подложноста на другиот да трпи навреда ја ограничува „нашата слобода“. Јас на пример истражував зошто исламофобијата во голема мера се потпира на бројот на „муслимани кои се многу лесно подложни на навреди “ во моето дело „Ветувањето за среќа“ (The Promise of Happiness) од 2010 година. Самата таа бројка ја врши поголем дел од работата; таа бројка дозволува расистичкиот говор да биде артикулиран не само како слободен говор туку и како бунтовнички и малцински говор кој мора да се одбрани за да биде артикулиран. Затоа митот за „политички коректното мнозинство“ е сѐ уште толку генеративен: оние на кои им пречат одредени ставови (став често сврзан со општественото доминантно практикување на нивната доминантност преку вербални напади) често се сметаат за мнозинство кое ја наметнува моќта преку пенкалото.

Да му се вратиме на писмото.

Токму затоа писмото за основа има климав материјал. На писмото му недостигаат докази затоа што е составено околу желбата да се пронајде доказот кој недостига. Писмото е доказ токму за оваа желба наместо да ни понуди некаков доказ. Примерот со Џермејн Грир го потврдува истото: никој не ја спречи да зборува. Таа говореше, а говореа и транс феминистичките активистки на настан организиран од организацијата ЛГБТ + и Женската асоцијација во кој говореа и трансфеминистките Роз Кавени и Сара Браун (прочитајте го значајниот придонес на Сара Браун во кој таа го разгледува случајов и нуди моќна критика на писмото). Всушност писмото содржи доказ дека студентските протести се причина за проширување, а не за спречување на дискурсот. Напротив, материјалот употребен во писмото како доказ за задушувањето на критичките феминистички ставови всушност го потврдува постоењето на распламтена критички-настроена феминистичка студентска популација. Распламтени спротивставени феминистички  студентски гласови се гласовите што ги препознавам во студентите на Голдсмитс. Нивните гласови ме охрабруваат!

Но овде има нешто подлабоко. Во писмото се јавуваат очигледни нејасности за ставовите кои се прикажани како замолчени или цензурирани. Би сакала да се фокусирам на импликациите дека феминистките кои се критични кон „одредени барања на транс активистите“ се замолчени. Забележете, во писмото веќе се употребува изразот „трансфобија“ така што се имплицира дека преку обвиненијата за „трансфобија“ всушност се задушуваат феминистичките ставови. Сложете ги речениците и ќе сфатите: феминистките кои се критички настроени кон одредени барања на транс активистите (се прашувам кои барања?) се обвинети за трансфобија, и со тоа се замолчени.

Прочитав и феминистичка одбрана на писмото според која трансфобичните обвиненија неправедно се користат за да се негира делото на феминистките наброени во писмото (самото тоа е доказ дека обвинителите ги немаат прочитано нивните дела). Ме шокираше обвинението дека обвиненијата се неточни, особено со оглед на една личност конкретно. Коментарите во социјалните мрежи на оваа личност престанав да ги читам кога таа направи неколку забелешки за „транџите“. Не сакав повторно да наидам на ваков јазик; за мене тоа беше „млатење“. Доколку јас како, цисродова жена ги искусив нејзините зборови како „млатење“, можам да си замислам како се чувствуваат транс лицата кога ги читаат. Оваа личност опиша транс жена со зборовите „маж облечен во фустан“.

Можеби ќе речете: слободата на говор значи слобода да се навредува. Ќе речете: говорот треба да се заштити освен кога поттикнува насилство. Но што или кого заштитуваме? Којзнае.

Тврдам дека анти-транс ставовите и изјавите на одредени таканаречени „критички феминистки“ како и на оние именувани во писмото не претставуваат феминизам. За мене ова дело е крајно анти-феминистичко и анти-транс. Прочитав дел од нивниот материјал бидејќи работам на „Да се живее феминистички живот“ (Living a Feminist Life), и покрај тоа што со дел веќе бев запознаена, признавам бев шокирана од прочитаното (нема да ги цитирам делата ниту овде ниту во мојата книга затоа што одбивам да ги легитимирам).

Според мене, да се биде вистински феминист значи и да се внимава што или кој не се цитира, рецитира или наведува.

Нецитирањето може да биде феминистичка политика!

Кога се огласив на твитер дека за мене дел од овој феминистички материјал претставува „поттик на насилство“ добив слики од твитови, испратени како доказ дека транс активистите се насилни или поттикнуваат насилство против TERFS (транс исклучувачки радикални феминистки). Одлуката да ги блокирам лицата што ми ги испратија беше протолкувана како доказ дека „не сум феминист“. Секако во политиката не се работи за една добра и една лоша страна; ниту за невиноста на една и вината на другата страна. Но политиката исто така е замрсена затоа што моќта е асиметрична. Да се предизвикаат TERFS значи да се предизвика нечија позиција, а не идентитет. Со поимот TERFS се опишува позиција. Тој не претставува навреда: тој е правичен и суптилен опис на одредени феминистки кои имаат за цел да ги исклучат транс лицата од феминизмот. Постојат голем број радикални феминистки, денес а и во минатото, за кои транс инклузијата претставува радикална и неопходна феминистичка пракса. Така една TERF може и да престане да биде тоа. Тоа престанување значи феминистичко постанување! Повелете, ви ја врачувам оваа покана! Верувам дека ние феминистките имаме за цел да ги елиминираме позициите кои целат да ги елиминираат луѓето. Да се предизвика една TERF не претполага говорни чинови слични на оние со кои погрешно се одредува родот на транссексуална жена кога ѝ се обраќаме со тој или таа, чин кој би го опишала како промислен чин на елиминација.

Не порекнувам дека не постојат проблематични ставови во соочувањето со проблемот на исклучување кај транс активистите и нивните поддржувачи. Но самата желба за доказ, како што веќе забележав, може да игра улога при генерирањето на докази. Знам (со оглед на моето искуство како лезбејка со поинаква боја на кожата) дека соочувањето со проблемот на исклучување во рамките на феминизмот значи и самиот да се станеш проблем. Не изненадува тоа што да се стане проблемот води кон употреба на проблематичен јазик (фрустрира, благоречено, премногу благо, кога се предизвикува самото твое постоење во просторот што го бараш затоа што ширум светот самото твое постоење е предизвикано!).

Да се вратам повторно на поентата: кога во писмото се вели дека критичките феминистки се замолчени, се имплицира дека „критичноста“ кон барањата на транс активистите е легитимен дел од феминистичкиот говор. Она што не се опишува доволно, односно се опишува погрешно е природата на делови од тој говор. На еден феминистички марш беше разделена брошура од страна на транс исклучувачките радикални феминистки која би ја опишала како гнасна форма на говор на омраза: всушност ги обвинуваше транс жените дека се убијци и силувачи. Кога го искажав мојот шок заради брошурата, едно од лицата именувани во писмото рече, „велиш дека е лошо колку и Холокаустот.“ Ќе ми биде потребно многу време да ја разглобам изјавава. Забележете што имплицираат; дека насилството кон транс лицата е „прилично“ незначителна, фуснота во стравотната историја на расната омраза.

Колку често: одредени форми на насилство се согледуваат како банални, па дури и воопшто не се сметаат за насилство. Колку често: насилството се репродуцира со тоа што не се согледува како насилство. Насилството насочено кон одредени групи (насочено кон индивидуални лица за кои се смета дека се припадници на одредена група) функционира на тој начин што се лоцира насилството во самата група. Така малцинствата често се сметаат за насилни, или дека предизвикуваат насилство, па дури и дека го предизвикуваат насилството насочено кон нив самите. Со претставувањето на транс лицата како предизвикувачи на насилство се предизвикува насилство кон транс лицата. Да, зборуваме за живот и смрт; да, зборуваме за поттикнување на насилство.

Да се вратиме на писмото. Во писмото се имплицира дека одредени феминистички изјави треба да се изразуваат слободно, дека треба да се отвори дебата и дијалог во знак на здрава демократија. Но трансфобичните и анти-транс изјавите не треба да се сфатат како уште еден став кој треба да се искаже слободно на масата на среќата и разнообразието. Не постои дијалог кога одредени лица на масата се стремат или имаат наумено да бараат елиминација на другите присутни на масата. При „дијалог или дебата“ со оној што сака да ве елиминира од разговорот (затоа што не може да препознае што е неопходно за твојот опстанок или затоа што за нив твоето постоење е невозможно), тогаш „дијалогот или дебатата“ станува уште една техника на елиминирање. Со тоа одбивањето да се водат одредени дијалози или дебати станува клучна тактика за преживување.

Претставувањето на транс активистите како лобисти и насилници наместо како малцинства кои се принудени постојано да го бранат правото на постоење е механизам на моќ. За жал, писмото е доказ дека тој механизам функционира. Ваквата динамика ми е познато од мојата работа со расистичките говорни чинови (расизмот често се брани како слобода на говор). Расистите се претставуваат себеси како повредени/нападнати/малцинство кое се бори против моќното анти-расистичко лоби насочено да ги угнети нивните гласови. Постојаната струја на анти-транс изјави мора да се сфати како стружење со насилни исцрпувачки последици. Каква било форма на феминизам која е дел од стружењето не вреди да го носи тоа име.

Секако дека луѓето ќе протестираат против писмото. И јас протестирав: бев разгневена. Но еве што ќе се случи набрзо (запаметете, наративите „откриваат“ што ќе се случи така што ги објаснуваат тие случувања со поими кои се веќе поставени пред да се случи што било): оние што протестираа против писмото ќе се сметаат за насилници. Запаметете ми ги зборовите! Протестите против писмото можат да се искористат дури и за да се потврди вистината изјавена во писмото; токму тоа е генеративно во сето ова; така функционира.

Погледнете, погледнете!

Забележете: протестирањето против злоупотреба на дискурсот за слободниот говор нема да се оцени како доказ за слободен говор! Кога искажуваме лутина и гнев, таа лутина и гнев се согледуваат како политичко оружје. Веројатно лутината нема да биде покана да се согледа што е грешно во она што го потпишале туку ќе претставува уште една потврда дека некој им згрешил.

Кога некој ја применува слободата на говор со тоа што протестира против нечиј говор, таа слобода на говор станува угнетувачка.

Слободниот говор значи станува политичка технологија со која повторно се дефинира слободата на правото на некои лица да го окупираат времето и просторот. „Другите“ се тие што стануваат угнетувачи; тие кои говорат за неправдите стануваат оние кои нанесуваат неправда.

Неопходно е да се каже: ова е неправедно.    

извор: FeministKillJoys

превод: Јулија Мицова