„Formation“ на Бијонсе го врати американскиот црнечки наратив од маргините

„Formation“ на Бијонсе го врати американскиот црнечки наратив од маргините

Во саботата навечер испратив групна порака до неколку пријатели пред да се сретнеме на пијачка. Пораката се состоеше единствено од слика од најновиот видео спот на Бијонсе за песната „Formation“ и зборовите: „Ова мора да се продискутира“.

Сите добро знаеја за што зборував.

Најдобриот пријател ми одговори: „Дали Бијонсе со една изјава за женското црно тело ја порази полициската држава“?

895

„Formation“ претставува провокација но и задоволство; сам по себе политички и интимен личен поглед на црните и квир тела кои најчесто го трпат товарот на нашата политика. Присутни се сите форми и нијанси на црните тела кои се движат – ако смееме да кажеме „напред“? – во формација. Дури и насловот на песната е субверзивен, мижурка пред нашата конструкција на идентитетот од она на што ни беше дозволено да полагаме право.

„Formation“ не е првиот политички излет на Бијонсе, но со последната соработка со режисерката Мелинда Матускас (режисер на осум видео спотови на Бијонсе од 2007 година наваму), наративот и естетиката на Бијонсе се силно нагласени. Во спотот се артикулираат различни идентитети на јужната црнечка култура, додека општествената критика на криминалните дела на нацијата кон нејзините граѓани со потемна боја на кожа функционира како спроводник.

903

Поставена меѓу поплавите во Њу Орлеанс по ураганот Катрина во 2005 година – кој несразмерно ги погоди црните жители на градот – и црно дете во качулка кое танцува пред редица на полицајци и кадар кон графит кој гласи „престанете да пукате во нас“, во видеото Бијонсе се прелева во неколку архетипа на црни жени од Југот.

Моќта на „Formation“ не произлегува од очигледната политизираност: произлегува од спротивставувањето на стиховите со слики, кои органски го претставуваат црнечката раса на начин ретко виден во поп уметноста или културата.

Исполнет е со литанија за црнечкото, за она што го сакаме, за нашата различност, нашите пресеци – класа, сексуалност и род – вешто исткаени во визуелното така што стиховите и музиката стануваат второстепени но се составен дел во пренесувањето на чествувањето на јужното црнечко. Дури и Бијонсе ја прераскажува сопствената историја, а со тоа и ги венчава контрадикторностите на црнечкиот идентитет со изјавата: „My daddy Alabama, Mama Louisiana. You mix that Negro with that Creole make a Texas bama“ – навреда која веројатно само Бијонсе може да ја исправи.

Со употребата на „погубува“ („slay“), Бијонсе го загрнува јазикот на црната квир заедница а, повторувањето на истиот претставува вражба со која се погубуваат оние што мразат, патријархатот, доминацијата на белците.

„Formation“ претставува протест и чествување, засегнат со но и заљубен во прилично специфичниот парадокс на црниот американски идентитет и искуство. Сликите, подредени во слоеви, типични за црнечкиот народен говор на Југот и естетиката можат да бидат дел од музеј: Креолки и црни Американки, Марди Гра Индијанци рак, црни каубојци, продавници за перики, чорапи и влечки, корсети и чадори за сонце, паради, средношколска кошарка, движења на степ танчари, bounce кралиците Биг Фредиа и Меси Миа, танцот котилјон, плетенки, „бама“, црнечка спиритуалност (цркви и худу, дури и поздравув за Мами Вата), црнечки магии.

Стариот и новиот југ; мрачниот и валканиот југ; југот на Шантили чипката и тексасните палта; југот на афро-фризурите и розовите и виолетови перики; југот на „second line“ и светиот дух на пентекостализмот; јужната готика и bounce југот; баба ми, дедо ми, тетка ми, чичко ми и братучедите. Тоа сме ние, нашиот југ и не засега доколку белците не разбираат.

Додека го гледам по којзнае кој пат спотот, не можам а да не се присетам на едно интервју со Нина Симон во кое таа ја дефинира нејзината улога како уметник напоредно со активизмот и естетиката на црнечката култура.

„Веројатно ме прашуваш зошто толку упорно инсистирам на црнечкото, црната моќ… ги присилувам да се идентификуваат со црнечката култура. Тоа ме прашуваш претпоставувам… должност ми е да ги заинтересирам или убедам на кој било начин да станат посвесни за себе и од каде потекнуваат и што сакаат и она што ги чека да посегнат по него. Тоа ме принудува постојано да инсистирам.“

Во истиот дух, „Formation“ ги принудува гледачите да ја согледаат прекрасната комплексност на историјата, културата и обичаите, со леснотија и страст. Нѐ принудува да го вратиме црнечкиот американски наратив од маргините назад кон центарот.

Ваквите репрезентации на црнечкиот живот се критички прикази на опсегот на нашето човештво, и овде изгледаат многу уникатни – како и во понудата на Кендрик Ламар минатата година – затоа што не сме доволно застапени во целата наша убавина и диверзитет на телевизија и во филм. (Забележлив исклучок е документарецот „The B.E.A.T.“ од кој Бијонсе и режисерката Матускас позајмиле дел од снимките за Њу Орлеанс со дозвола на Санденс каналот, кој ги има правата за истиот. Подоцна се заблагодарија за снимките и истакнаа дека ги почитувале авторските права за снимките).

Но политиката не претставува преиспитување за Бијонсе: не може да се игнорира датата на промоцијата на спотот, со оглед на тоа дека февруари е Месец на црнечката историја во САД. Марди Гра фестивалите во Њу Орлеанс веќе започнаа. Поточно, минатиот петок ќе беше 21от роденден на Трејвон Мартин, убиен од Џорџ Зимерман во 2012 година во престрелка како резултат на расизам; во неделата ќе беше 29 роденден на Сандра Бланд, чие наводно самоубиство во затвор во 2015 година по бруталното и неоправдано апсење прикажано и на снимка беше причина за неуспешни повици за понатамошна истрага на нејзината смрт.

Обата моменти се сметаа за пресудни и за жените и за геј мажите кои беа во првите борбени линии на Black Lives Matter, односно движењето за црнечките животи.

Во „Formation“ како дело на популарната уметност мудро се препознава трудот на црните жени како војници и лидери на општествените движења за правда, иако популарната култура повеќе се интересира за улогата на мажите и машките изведувачи како што се Ашер, Кендрик Ламар, Комон, Фарел, Ј Кол и Џон Леџенд, Run The Jewels – во поширокиот контекст и активизам за кризата со полициското насилство и црнечката заедница.

Но сликата на црни жени како танцуваат синхронизирано на стиховите „You know you that bitch when you cause all this conversation“ е симбол за бројни црни жени кои се почувствувале игнорирани и маргинализирани од сопственото движење. Исклучителната употреба на црни жени и црни квир тела во спотот ја потцртува родовата неправда во видливоста на црнечките животи загубени како резултат на насилство (и движењето посветено на неговото искоренување), во кој болката и смртта на која се изложени црните жени и црните квир и трансродови лица стануваат невидливи и подредени на црните цисродови мажи и погледите на белците.

„Formation“ се вбројува со списокот на црна протесна уметност и формално ја става на исто рамниште Бијонсе со другите црни изведувачи кои ги поддржуваат општествените движења за правда за црните Американци. (Тидал, музичкиот сервис на сопругот на Бијонсе, Џеј Зи кој ги поседува правата за продажба на „Formation“, најави донација во износ од 1,5 милиони долари на Black Lives Matter и слични добротворни организации во петокот).

Делото на Бијонсе докажа дека револуцијата може да биде и убава; протестот и славењето не се контрадикторни доколку си замислиме црнечка иднина која не е окупирана од црнечката болка и смрт. Во завршната сцена на спотот, црното дете со качулка „gets light“; со неговиот танц ги предизвикува, но и разговара со полицајците наредени во формација. Танцот завршува кога ги крева рацете во воздух во знак на предавање; како одговор на тоа полицајците ги креваат рацете. (за пораката да биде појасна, следува кадар од ѕид испишан со зборовите „престанете да пукате во нас“.)

На крај, како жртва, Бијонсе со тежината на сопственото тело потопува полициско патролно возило во надојдените води од поплавата во знак на раѓањето на нова иднина. Жените и децата можат да ја остварат таа иднина, се вели во спотот; можеби сакаат да кажат дека само жените и децата можат.

извор: The Guardian

превод: Јулија Мицова