Капитализмот на Бијонсе маскиран во радикална промена

Капитализмот на Бијонсе маскиран во радикална промена

beyonce-capitalism-black-activism-compressed

Песната „Formation“ на Бијонсе прв пат ја слушнав на пат до Бруклинскиот музеј, на настан организиран по повод Месецот на црнечката историја. Седев на задното седиште во такси возило, зјапната во телефонот и се обидував да го разберам тоа што црнечката популација на Твитер инстантно го прогласи за пионерски успех. Го изгледав видео спотот кој беше неочекувано објавен неколку пати, пред да му испратам порака на пријателот, „По ова сите толку се попалија“?

Кинематографски, со макотрпна изработка, намерата на „Formation“ навидум е очигледна: Ја слави црнечката култура и црните жени. Навистина не може туку така да се  отфрли видео спотот за последната песна на Бијонсе, поткрепен со слики од разурнатиот Њу Орлеанс по ураганот Катрина. Како и со минатите песни, така и сега речиси е невозможно да се избегнат постојаните пофалби и восхит од обожавателите како и од критичарите. Се има случено во минатото и сега се повторува. Уште една песна на Бијонсе ќе биде прогласена за повик на борба. Веќе ја воспеваат како поп икона која се претвори во активист. Химната која ќе ѝ донесе заработка од милиони долари е прогласена за револуционерна.

Сѐ уште беше актуелен првиот бран на треската по „Formation“ кога нејзиниот долгоочекуван настап со Бруно Марс повторно доминираше во блогосферата. Кога Бијонсе настапи на сцената црнечката Америка, како и жителите со поинаква боја на кожата не можеа да ги свртат очите од екраните. Секој аспект од нејзиниот настап беше воспеан како еманципација. Почнувајќи од нејзината екипа на танчарки со афро-фризури облечени во стил кој потсетува на црнечките националисти па се до нејзиниот костум – намерно скроен налик костимите на Мајкл Џексон, кралицата Бијонсе ги потсети обожавателите и оние што ја мразат на нејзиното владеење.

Но што може да се каже за нескротливоста и некритичноста кои ја опкружуваат Бијонсе и „беспрекорниот“ наратив кој таа го „создава“?

Ќе повторам пак: Ваквиот публицитет не ми фаќа око. Отворено се изјаснувам против Бијонсе. За мене нејзината музика не е посебно трансцендентна, ниту пак таа за мене претставува олицетворение на мојата црнечка женственост. Јас мислам дека нејзиниот бренд на феминизам (и оној што му се доделува на нејзиниот идентитет како поп икона) е строго ограничен, а најновиот активизам со песната „Formation“ повеќе личи на стратешки консумерски драматизам отколку на еманципација. Всушност, со исклучок на отвореното славење на црнечката култура, „Formation“, како и самата ѕвезда, е конструкција скроена за широките народни маси. Се работи за порака која се испраќа на демографија подготвена да ги инвестира не само сопствените пари, туку и политичкиот етос во славна личност.

Неделната изведба, иако радикална за нејзините обожаватели, ги поткопа самите намери на политичката партија на која Бијонсе и нејзината армија од пантери сакаа да ѝ оддадат почит. Со сликите од придружните танчарки со тупаниците кренати високо во воздух и хаштаг објави како #BeingABlackGirlIsLit, јасно е дека црните американци се предаваат на монументален културен момент, облеани од радост затоа што, според мислењето на голем број обожаватели, некој сличен ним ги претставува на реален начин.

И покрај тоа јас се чувствувам заглавена во момент на двоумење.

Размислувам за целосната незаинтересираност да се распакува комерцијализираната материјалност на поп културата и нејзините божемни богови. Музиката на Бијонсе се создава пред сѐ за да генерира огромен профит, исто како и Super Bowl 50 (шампионатот во американски фудбал) и безбројните реклами кои поголемиот дел од нас ги голтаат во недела. Секако, поп музиката е влијателна на индивидуално и на општествено ниво, но претставува опасност доколку не успееме да го согледаме начинот на кој песните како „Formation“ или минатогодишната „Flawless“ всушност го рекламираат нејзиниот бренд- преку кој нејзиниот активизам кој вечно еволуира (и ненаситното консумирање од страна на публиката) станува самоодржлив профитабилен производ со неограничен потенцијал.

Како што истакна Џезмин Хјус во последното издание на Космполитен, Бијонсе „знае дека нејзиниот активизам претставува разговор со обожавателите“. За Хјус и повеќето други разговорот „ја врати Бијонсе кон она што најдобро го прави: нѐ претставува, а притоа нѐ охрабрува да се трудиме повеќе“. Но што ќе се случи доколку таквото претставување остави дел од нас да копнееме по разговор одвоен од системот кој историски гледано профитирал од црните тела, црнечката култура, а сега и од црнечкиот активизам?

beyonce-super-bowl-black-panther-compressed

Доколку „најдобрата одмазда“ (“best revenge”), односно одговорот за напредок е „хартијата“ (“is your paper”), според стиховите на песната, активистичкиот бренд на Бијонсе е осуден на пропаст. Претставувањето на монетарната маестралност како моќ не само што е веќе видена (и дефектна) тропа во нејзиниот жанр, туку исто така преставува предвидлива капиталистичка формула за застапување. Откако во воведот потсетува „секогаш бидете грациозни“ (“always be gracious”), патот кон ослободување кој го предлага Бијонсе е условен од две работи: угледот и мобилноста која се стекнува со изобилство на пари.

Политиката за угледот на Бијонсе функционира по сопствени правила, при што им дозволува на верните обожаватели да се воздигнат, но до одредена точка. Амбалажата можеби е поинаква, но педагогијата е добро позната. Доколку пружиш отпор или ја отфрлиш нејзината формула за застапување ќе бидеш „елиминиран“, протеран на маргините на црнечкиот интелектуализам и дискурс. Патот на Бијонсе кон моќта претставува ултиматум. Им се обраќа на слушателите („дами“) притоа бодрејќи ги да „се наредат во формација“ и да преземат нешто, додека таа е на челната позиција како модел и пример за „грациозност“ и „хартија“ преведени во моќ. „Покажете ми дека сте координирани“ (“Prove to me you got some coordination”), бара таа. Покорете се или молкнете. Опциите се очигледни: употребете ги „алатките на господарот“, како што ги нарекува Одри Лорд, или ќе станете безначајни.

Во таквите моменти на контемплација, зборовите на активистот Боби Сил во „Зграпчи го времето: приказната за Партијата на црните пантери и Хјуи П. Њутон“ ми доаѓаат на ум. „Според културните националисти црнецот не може да биде непријател на црнците, додека Пантерите веруваат дека црните капиталисти се експлоататори и угнетувачи. Иако Партијата на црните пантери верува во црнечкиот национализам и црнечката култура, сепак не  верува дека тие водат кон црнечка еманципација или кон пад на капиталистичкиот систем, па затоа не се ефективни“.

Зборовите на Сил и верувањето дека „црнечката култура … не води ниту кон ослободување на црнците ниту кон преврат на капиталистичкиот систем“ се чини претставуваат навремени и релевантни леќи кои треба да се применат при деконструкцијата на претставувањето на црнечката култура во рамките на мејнстрим културата. Секако „Formation“ и неделниот настап во својата природа претставуваат црнечки наратив, сепак начинот на претставување е вкоренет во истиот корумпиран систем што нѐ доведе до историскиот момент во кој се наоѓаме денес. Активизмот и консумеризмот се исти. Неговото влијание е привремено и веројатно “не ефективно“ долгорочно гледано затоа што е изготвено од капиталист којашто ние со љубов ја нарекуваме Бијонсе.

Влијанието на последната песна и атрактивниот визуелен симболизам на нејзиниот настап е неспорен, сепак загрижува тоа што нашата заедница безгрижно ја поддржува без да застане за да ја преиспита меката политика на поп иконите. Невнимателната консумација е проблематична, дури и ако забележиме одблесок од себеси, нашите мајки или сестри во нивните наративи. Колку и да нѐ прави да се чувствуваме посилно грациозноста на нивната кореографија и црнечкиот ритам на нивните најнови химни, ние како црни Американци треба да си дадеме простор за да ги преиспитаме пораките кои ги примаме, дури и тие што се скроени посебно за нас. Без разлика дали се испорачува преку Тидал или Твитер, политиката на Бијонсе и нејзе сличните славни личности не треба да се одобри без двоумење.

Бидете будни.

извор: Death and Taxes Magazine

превод: Јулија Мицова